Пијан Чех возел во спротивна насока на автопат, му нашле 3 промили алкохол во крвта

Чешката полиција добила неколку повици од вознемирени возачи кои пријавиле дека возило се движи во спротивна насока на автопатот Д55.

Патролата веднаш реагирала и го запрела белиот „пасат“, нешто пред полноќ, откако неколку километри се движел во погрешна насока меѓу Отроковица и Кромјержиж.

На органите на редот прво не им било јасно дали 44-годишникот се изгубил или се обидел да најде краток пат, пренесува Билд.

Автомобилот бил запрен во близина на градот Хулин, а возачот бил алкотестиран. Направата покажала речиси три промили, соопшти полицијата.

„Ги замолуваме сведоците и учесниците во сообраќајот кои биле загрозени од возачот да се јават кај надлежните на бројот 158“, изјави портпаролот на полицијата Радомир Шишка.

На неименуваниот маж му се заканува казна затвор до една година поради возење во пијана состојба, а во секој случај нема да вози долго време.

Северниот магнетен пол се движи побрзо, но тоа не би било причина за „Судниот ден“

Со цел да го следат движењето, т.е. поместувањето на Северниот магнетен пол на Земјата, американски и британски научници објавија надграден модел со којшто го предвидуваат местото на магнетните полови до 2029 година.

Така, за северниот сега се очекува сè повеќе „да се лизга“ кон Сибир (во Русија).

Северниот магнетен пол официјално ја промени својата местоположба, тврдат научниците, кои предупредуваат дека може да има уште промени во магнетното поле на Земјата што би можеле значително да влијаат на животот тука. „Светскиот магнетен модел“ на Националната океанска и атмосферска администрација на САД - НООА, е главниот уред за следење на промените во магнетното поле на нашата планета и тоа е од клучно значење за светските системи за навигација, обезбедувајќи правилно функционирање на многуте технолошки системи коишто зависат од магнетното поле на Земјата.

Моделот се ажурира на секои неколку години, што беше неопходно последниве десетлетија, бидејќи се чини дека магнетните полови на Земјата се поместуваат. Американската Национална воздухопловно-вселенска администрација - НАСА предупредува и дека целосно враќање на магнетните полови може да предизвика бројни проблеми ширум светот.

Јужниот магнетен пол, се наведува, е релативно неподвижен, но спротивниот се движи. И покрај тоа дека тенденцијата е да се поместува, во просек околу 10 километри годишно, последниве години се движи многу побрзо - околу 55 километри годишно - во подрачјето меѓу северна Канада и Сибир, јави „Српската радиотелевизија - РТС“.

Од 1830-тите, северниот магнетен пол се придвижил 2.250 километри ширум северната хемисфера. Она што ги загрижува научниците е дека меѓу 1990. и 2005 година, брзината на движење се зголемила на 50 до 60 километри годишно.

Поради тоа побрзо движење, научниците велат дека навигациските системи, како на пр. ГПС, треба почесто да се ажурираат. Поместувањето е проблем за паметните телефони и сличните уреди, авионите и бродовите, бидејќи сите тие зависат од навигациските системи коишто мора да бидат усогласени со локацијата на магнетните столбови.

Иако промената може да предизвика проблем во ГПС-системите на кус рок, многу поголема е загриженоста за она што се чини како идно, претстојно поместување на магнетниот пол.

Природата, исто така, би била погодена, бидејќи многу животни, како што се птиците, пчелите, китовите, лососот, желките, зависат од магнетното поле за сопствената ориентација. Нарушувањето на местоположбата на Северниот и Јужниот магнетен пол може да насочи јато, рој или стадо на погрешна страна за време на нивните преселби. Сепак, НАСА и други научни средишта истакнуваат дека засега нема причина за загриженост. Имено, се тврди оти е погрешна претпоставката дека ова движење на магнетните полови одеднаш би ја оставило Земјата без магнетното поле, коешто, инаку, ја штити од сончевите бранови.

„Иако магнетното поле на Земјата навистина може да ослабне и зајакне со текот на времето, нема показатели дека некогаш би исчезнало. Послабо поле сигурно води до мало зголемување на сончевото зрачење, но тоа не би било смртоносно. Дури и со ослабено магнетно поле, и густата атмосфера на Земјата нѐ штити од честичките што доаѓаат од Сонцето“, соопшти НАСА.

Промената на магнетните полови не е тоа што би предизвикало катаклизмични проблеми на Земјата, но исто така, не се очекува да се случи нешто драстично наскоро во тој поглед, според научниците. Тоа, велат, би можело да потрае и повеќе од 1.000 години.

Нови повисоки цени на такси превозот во Битола

 Советот на Општина Битола го прифати барањето на Здружението на лиценцирани такси превозници со кое се зголемуваат цените на услугите за такси превоз во овој град.

Одлуката ќе стапи во сила со објавување во општинскиот Службен гласник, со што ќе се овозможи сите такси превозници на старт да наплаќаат по 60 денари, а потоа во прва тарифа ќе се наплаќаат по 35 денари од изминат километар. Во втора тарифа 40, а тарифата за трета ноќна смена, како и за такси услуга за време на празник и во недела ќе чини по 45 денари за изминат километар.

Здружението на лиценцирани такси превозници, првата тарифа и тарифата за трета смена, празник и недела ќе ги применува веднаш по стапување на одлуката во сила, додека тарифата за изминат километар по 40 денари времено нема да се користи, но доколку дојде до зголемување на трошоците поврзани со нивната дејност од над 10 насто, тогаш ќе биде ставена во функција. Со одлуката на битолските советници, таксистите за чекање на клиентот во траење од еден час ќе наплаќаат по 400 денари.

Со новите цени за такси превозот во Битола, најевтин за битолчани останува јавниот автобуски превоз, а цената на билетот е 30 денари за сите релации во градот.

Предновогодишен настан „Волшебна елка на желби“ во Скопје

Црвениот крст на град Скопје и годинава за 160 деца без родителска грижа, сместени во згрижувачки семејства, организира предновогодишен настан „Волшебна елка на желба“.

- На почетокот на декември, децата ги запишаа нивните новогодишни желби и ги закачија на големата елка поставена во просториите на Центарот, а потоа ги поттикнувавме сите хумани граѓани, компании, организации и институции да ја посетат нашата Волшебна новогодишна елка, да изберат некој од „лампионите“ на кои се запишани желбите, и да помогнат во остварување на искрените детски желби, соопштија од Црвениот крст на град Скопје.

Подароците, на забавен и весел новогодишен настан, ќе се доделат денеска со почеток во 11:00 часот, во просториите на Трговскиот центар „Рамстор“, кога сите деца ќе го добијат посакуваниот подарок - новогодишна желба.

Активноста „Волшебна елка на желби“ е иницирана пред 17 години. Идејата е дека секој човек, особено дете, треба да се чувствува убаво и среќно за време на новогодишните празници, велат од Црвен крст на град Скопје.

притисни ентер