Деми Мур: Брус Вилис е добро

Американската глумица Деми Мур, за време на Меѓународниот филмски фестивал во Хемптон, Њујорк, проговори за својот поранешен сопруг Брус Вилис и неговата здравствена состојба и рече дека Брус е добро.

- Сум го кажала ова и порано. Болеста е она што е. Мислам дека треба подлабоко да го разберете тоа. Тој е стабилен, изјави Мур.

Тие двајца се венчаа во 1987., а се разведоа во 2000 година, но останаа во блиски пријателски односи. Заедно имаат три ќерки. Деми открива дека морала да се помири оти „претходниот“ Брус веќе го нема и да се прилагоди со сегашната негова состојба.

- Она што јас секогаш го нагласувам е да ги запознаеш луѓето такви какви што се. Кога се држиш за она што било, мислам дека тоа е изгубена игра. Кога ќе ги сфатиш онакви какви што се сега, ќе ја разбереш убавината и сладоста на тоа, додаде таа.

Глумицата се видела со Брус два дена пред Фестивалот. Таа отишла да го посети со нивната внука Луета, ќерка на ќерка им Румер Вилис.

На Брус Вилис во 2022 година му беше дијагностицирана афазија, а потоа таа состојба напредува во фронтотемпорална деменција. Болеста е редок вид деменција што предизвикува проблеми со однесувањето и говорот. Уште се нарекува и Пикова болест или деменција на фронталниот и темпоралниот лобус на мозокот, а првите видливи симптоми се промени во личноста и однесувањето и тешкотии во говорот. Не е познато што ја предизвикува фронтотемпоралната деменција, но тоа често има генетска компонента.

Деми Мур, која е на почетокот од седмото десетлетие од својот живот, на Фестивалот ја доби наградата за врвно достигнување во кариерата и во глумата. Таа, исто така, седна на предвидениот 60-минутен „Разговор со Деми Мур“ во рамки на свеченоста. /МИА

Сите патни правци во државава се проодни

 Сите патни правци во државата се проодни. ЈП Македонија пат со целокупната расположива механизација и работна сила е вклучена во расчистување на патиштата, информираат од ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта.

Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови, по влажни коловози, наместа со остатоци од кашест снег после нашата интервенција.

-Исто така на располагање се и фирмите со кои соработуваме како навремено би се справиле со снежните наноси, стои во соопштението.

На одредени патни правци кои поминуват низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони.

ЈП Македонија пат апелира на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација, како и прилагодување на брзината спрема условите на патот.

Дежурните екипи на претпријатието се постојано на терен и ги одржуваат сите патни правци проодни.

Сите подетални информации учесниците во сообраќајот може да се добијат на дежурниот телефон 02 25 61 502.

Националниот комитет на Македонски Концепт избра двајца потпретседатели на партијата

Националниот комитет на политичката партија Македонски Концепт на својата последна седница одржана на 20.12.2024 година ги избра Јасмина Арсовска и Васко Алексовски за нови потпретседатели на партијата.

Јасмина Арсовска е дипломиран економист со долгогодишно искуство во областа на ревизијата, сметководството и финансиското управување. Таа е лиценциран судски вештак и успешен претприемач, посветена на личен и професионален развој.

Васко Алексовски е доктор на науки од областа на клиничката биохемија при Медицински факултет на УКИМ, со повеќе од две децении искуство како раководител на клиничка биохемиска лабораторија. Тој е еден од основачите на Македонски Концепт и активен член на Унијата на Европските Федералисти на Македонија.

На седницата, Националниот комитет го усвои годишниот извештај за работа и завршната сметка за 2024 година, донесе план за работа за 2025 година и одлука за учество на Локалните избори 2025 година. Направени беа и измени на Статутот на партијата.

Со ова, Македонски Концепт потврдува дека останува посветен на своите програмски цели и визија за демократска, европска и напредна Македонија.

Македонски Концепт

Премиера на претставата „Бог на колежот“ на 24 декември

Во Македонскиот народен театар на 24 декември ќе се одигра премиерната изведба на претставата „Бог на колежот“, по мотивите на „God of Carnage“ на Јасмина Реза, а во адаптација и режија на Весна Петрушевска.

Ова е седмиот проект на Македонскиот народен театар во оваа сезона.

Во претставата играат Ѓорѓи Јолевски, Дарја Ризова, Симеон Мони Дамевски, Наталија Теодосиевa како и децата од Актерската школа на Весна Петрушевска.

Преводот на текстот е на Рајна Кошка-Хот, како сценограф се потпишува Татјана Христоска, костимограф е Наталија Терзија, а сценските движења се на Кренаре Невзати-Кери.

Изборот на музиката е на Весна Петрушевска, а автор на сонгот „Пепел и мрак" е Игор Џамбазов.

-Оваа копродукциска претстава нуди можност да се погледнеме кои сме макар на 90 минути за време кога публиката е учесник во арената, се вели во соопштението на МНТ.

Првата реприза е закажана за 25 декември.

притисни ентер