Дел од членовите на пратеничките групи на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), либералната „Да ја обновиме Европа“ и Зелените во Европскиот парламент, најавуваат дека нема да го поддржат именувањето на Италијанецот Рафаеле Фито за извршен претседател на Еврокомисијата задолжен за кохезија и реформи.
- Именување на Фито на функцијата извршен потпретседател за нас претставува црвена линија, изјави шефот на француската делегација во СД, Рафаел Глуксман.
Според него, доколку претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и нејзината десноцентристичка Европска народна партија (ЕПП) сакаат да обезбедат мнозинство во ЕП за избор на новиот состав на Колеџот на комесари, ќе мора да се потпрат на „проевропските“ сили – СД, либералите и зелените, а не на Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР) и останатите екстремно десничарски групи.
Извори во ЕП посочуваат дека социјалдемократите, либералите и зелените не се против изборот на Фито за член на ЕК, но не поддржуваат тој да биде именуван на „толку значајна позиција“.
Глуксман најави дека француските европратеници од СД ќе се изјаснат против новата Комисија на гласањето на пленарната сесија на ЕП, предвидено за крајот на месецов, доколку Фито „не биде деградиран“ на помалку важна позиција.
Иако ЕЦР предводена од италијанската премиерка Џорџа Мелони не го поддржа изборот на Фон дер Лајен во Европарламентот во јули годинава, сепак нејзиниот сопартиец Фито е номиниран за една од најмоќните функции во новата Еврокомисија.
Покрај околу Фито, копјата меѓу европратениците би можеле да се кршат и околу актуелниот еврокомесар за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, кој во новата Европска комисија е номиниран да раководи со ресорот здравство и благосостојба на животните.
Односите меѓу Вархеји и ЕП „се заладени“ откако на една од сесиите во претходниот парламентарен состав во 2023 година тој несвесен дека микрофонот пред него е се уште вклучен, ги нарече европратениците „идиоти“.
Иако Вархеји официјално не е член на ниту една партија, тој важи за близок до унгарската владејачка партија Фидес на премиерот Виктор Орбан, која е дел од екстремно десничарската група Патриоти за Европа (ПФЕ).
Според еден од лидерите на ПФЕ, данскиот европратеник Андерс Вистисен, доколку мнозинството европратеници решат да не го поддржат изборот на Вархеји со цел да ја „понижат групата Патриоти“, тогаш тие не гледаат никаква причина „да го олеснат брзото потврдување на Комисијата“.
Доколку номинацијата на еден еврокомесар биде отфрлена, Фон дер Лајен во консултација со владата на неговата земја, треба да номинира нов кандидат од истата држава.
Вистисен додаде дека во таков случај алтернативата на Вархеји би можела да биде „исто толку непривлечна“.
Сепак, според францускиот либерален европратеник Паскал Канфин, доколку не се случи „нешто навистина погрешно“ за време на сослушувањата, сите еврокомесари ќе бидат одобрени.
- Верувам дека резултатот ќе биде прилично стабилен, истакна Канфин.
Според дипломатски извори, ЕПП, СД или либералите би можеле многу да загубат ако се обидат да го спречат именувањето на комесари од „конкурентските партии“, па затоа за разлика од претходните случаи се очекува изборот на новата Еврокомисија да мине лесно и без драми.
- Поради актуелниот политички контекст, фрагментацијата на Европскиот парламент, како и форматот и календарот на сослушувањата, голема е веројатноста дека сите комесари ќе бидат одобрени без никакви проблеми, оцени романскиот социјалдемократски европратеник Виктор Негреску.
Инаку, сослушувањата на кандидатите за членови на новата ЕК пред ресорните комитети на ЕП започнаа вчера попладне и треба да завршат до понеделник. Откако ќе заврши постапката за одобрување на сите кандидати за еврокомесари од страна на комитетите, за 21 ноември е закажано заседание на парламентарната Конференција на претседатели, што ја сочинуваат претседателката на Европарламентот, Роберта Мецола и првите луѓе на пратеничките групи, на кое вр основа на заклучоците на комитетите тие треба да извршат конечна евалуација на номинациите и да го прогласат процесот на сослушување за завршен.
По ова Европарламентот на пленарното заседание, предвидено за од 25 до 28 ноември во Стразбур, ќе треба да гласа за избор на Европската комисија во пакет. За да биде избрана, новата Европска комисија треба да добие мнозинство гласови на пратениците што го дале својот глас.
Доколку Еврокомисијата биде одобрена во Парламентот, таа треба уште формално да биде именувана од Советот на ЕУ, постапка што се очекува да заврши до крајот на ноември, по што од 1 декември би започнал да тече мандатот на новите еврокомесари.