Бронзен медал за македонскиот борач Магомедов на ЕП во Хрватска

Македонскиот репрезентативец Ахмад Магомедов освои бронзен медал на Европското првенство во борење што се одржува во Загреб, Хрватска.

Магомедов во борбата за бронзата го победи Арман Авагјан од Ерменија со 7:4.

Патот до бронзениот медал на Магомедов беше победа над Станислав Новац од Молдавија, па пораз од Кугиумцидис од Грција, триумф во репасажот против Габриел Рамос од Шпанија и синоќешната победа над Авагјан.

Концерт на Синтезис за 30-годишниот јубилеј

Групата Синтезис, еден од најзначајните амбасадори на македонската музика, денеска ќе го одбележи својот 30-годишен јубилеј со спектакуларен концерт во Македонската Филхармонија. 

Со повеќе од 500 концерти одржани на сите континенти, Синтезис се докажа како најзначајниот извозен музички продукт од Македонија. Тие настапувале во некои од најпрестижните концертни сали и фестивали ширум светот, каде што ја презентирале македонската музичка култура и традиција. Нивната мисија е да ја зачуваат македонската традиционална музика, но и да ја облагородат со нови музички форми и елементи кои ја прават релевантна за денешната публика.

- Цели три децении, Синтезис со посветеност и страст ја чува и развива македонската музичка традиција. Овој јубилеен концерт ќе биде кулминација на нивното триесетгодишно патешествие и ќе претставува незаборавен настан за македонската публика. На јубилејниот концерт, заедно со своите гости, Синтезис ќе изведе дел од своите најпознати композиции кои го обележуваан нивниот пат низ годините, стои во соопштението од организаторите на концертот.

Формирана во 1995 година, Синтезис ја започна својата кариера со уникатна визија – да ја оживее и презентира македонската традиционална музика на современ начин. Со комбинирање на старите фолклорни звуци со модерни аранжмани, групата брзо се истакна на македонската музичка сцена и понатаму на меѓународната. Нивниот прв албум, „ДД Синтезис“, беше објавен во 1996 година и веднаш предизвика позитивни реакции кај публиката и критиката. Групата ја продолжи својата успешна приказна со албумите „Swinging Macedonia“(2000) и други значајни изданија кои го истакнаа нивниот автентичен звук.

Трамп: САД треба да се повлечат од војната во Украина

 Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп изјави синоќа дека САД треба да се повлечат од војната во Украина и дека демократската потпретседателка Камала Харис и претседателот Џо Бајден немаат намера да го сторат тоа.

-Бајден и Камала не воведоа во војната во Украина и сега не можат да не извлечат. Не можат да не извлечат, рече Трамп во својот говор во државата Џорџија.

САД немаат војска во Украина, но обезбедија воена и хуманитарна помош вредна милијарди долари.

-Мислам дека сме заглавени во таа војна, освен ако не станам претседател. Ќе ја прекинам. Ќе преговарам и ќе излеземе. Мораме да излеземе. Бајден вели ’не заминуваме додека не победиме’. Што ќе се случи ако победат, рече Трамп.

Стопанска комора: Стартува со работа Тренинг центарот за извоз, интересот на фирмите огромен

Фокусот на Тренинг центарот е развивање на човечките ресурси во областа на надворешно-трговското работење, преку испорака на обуки и модули на теми кои се од големо значење за организирање на извозното работење.

Тренинг центарот на Институтот за извоз, воспоставен во рамки на „Проектот за поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција“, кој Комората го реализира во партнерство со УСАИД, почнува со две паралелни обуки од вкупно единаесет, во рамки на двете програми, „Како да започнете со извоз на меѓународни пазари“ и „Извозен менаџмент“. Во рамки на првите две обуки „Меѓународен бизнис и меѓународни односи„ и „Анализа, пристап и модели на влез на странски пазари“, кои се реализираат бесплатно за претставниците на компаниите, интересот е исклучително голем за двете обуки, и затоа се повикуваат компаниите навремено да ги следат објавите за обуки кои ќе следат и во наредниот период. Уникатната вредност која овие обуки ја имаат за учесниците е во испорака на знаења и вештини пренесени од истакнати домашни и странски експерти – неколку претставници од академската фела и повеќето со работно искуство во приватниот сектор, со што се прави ефикасен спој на теоретски и практичен пристап во изведување на обуките.

Фокусот на Тренинг центарот е развивање на човечките ресурси во областа на надворешно-трговското работење, преку испорака на обуки и модули на теми кои се од големо значење за организирање на извозното работење. Обуките во рамки на првата програма „Како да започнете со извоз на меѓународни пазари“ е наменета за компании кои сакаат да започнат извозни активности, но немаат доволно знаења за да го направат тоа, додека втората „Извозен менаџмент“, е наменета за постојни извозници кои сакаат да го унапредат своето работење и да го прошират опсегот на земји/пазари на кои ќе ги пласираат своите производи.

Паралелно со Тренинг центарот во рамки на Институтот за извоз ќе делува уште една целина, Центар за истражувања и анализи (Аналитички центар), преку кој ќе се испорачува стручна експертиза за поддршка на компаниите и консултански услуги за подготовка на компании за настап на странски пазари, преку обезбедување на анализи кои ќе го олеснат пристапот на компаниите до информации кои влијаат врз носењето на деловни одлуки.

Согласно планот, единаесетте обуки од двете програми е планирано да се реализираат до средината на идната година согласно потребите на компаниите и расположливоста на капацитетите и паралелно да се обучат 600 лица од извозни или потецијало извозни компании. Покрај овие две обуки / модули „Меѓународен бизнис и меѓународни односи„ и „Анализа, пристап и модели на влез на странски пазари“, останатите се: Економски аспекти на меѓународниот бизнис; Дијагностика на компетенции за извоз; Маркетинг за извозна промоција; Задолжителни правила и правни аспекти при извоз; Царински постапки, меѓународен транспорт и логистика; Развивање на извозни стратегии и Водење на финансии на извозна компанија, кои вкупно во себе опфаќаат 51 тема од 11-те модули.

Стопанската комора на Северна Македонија, со креирање на Институтот за извоз и почетокот со работа на Тренинг центарот согласно концептот „Комора на иднината“, во својот фокус на работење покрај другото, ги издигнува барањата и потребите на извозно-ориентираните компании за пристап до соодветни знаења, вештини и експертиза во областа на надворешно-трговското работење. Институтот за извоз е формиран во Комората во услови на недостиг на професионално тело чии заложби ќе бидат насочени кон поддршка на градењето на кадровските капацитети на македонските извозно-ориентирани компании.

Преку проектот “Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција”, УСАИД ја поддржува Стопанската комора на Македонија во напорите да овозможи подобра интеграција на бизнисите во регионалните и глобалните вредносни синџири и засилување на нивниот капацитет за да бидат конкурентни на Западниот Балкан и пошироко во ЕУ. Идејата е да се создадат алатки за јавно-приватен дијалог, промоција на придобивките од регионалната економска интеграција на деловната заедница, истражување и унапредување на можностите за извоз и обезбедување одржливи услуги за извозните компании.

Стопанска комора на Македонија

притисни ентер