Познат фудбалер и поранешен репрезентативец спие на улица и проси за леб (ВИДЕО)

Фудбалот не бил секогаш вносна и профитабилна индустрија за пари како што е денес, па затоа има играчи кои и покрај врвните кариери не обезбедија економска стабилност.

Така Аполинар Паниагва, легендарниот парагвајски фудбалер кој немал среќа во животот, со години талка по улиците. Поранешниот напаѓач кој настапуваше за репрезентацијата на Парагвај и на натпреварите од Копа Либертадорес ги бранеше боите на најголемите клубови во таа земја како Олимпија, Гуарани и Либертад, денес има речиси 78 години. Минатата година се најде во центарот на вниманието кога беше снимен на улица како одговара на прашања на една жена и ги набројува своите успеси во кариерата, пренесе Вечерњи.

Очигледно беше дека не е во добра состојба, седеше бос на улица, тешко зборува... Поради ова многу корисници на социјалните мрежи му понудија помош, но една година подоцна неговата ситуација не се променила многу. Тој сè уште живее во колиба во близина на паркот и ги гледа своите внуци како играат фудбал.

Неверојатно е што неговите сопствени деца не го примиле иако живеат во непосредна близина. Локален фризер одвреме-навреме застанува и му ја потстрижува косата на клупа. Интересно е и тоа што берберот и неговата сопруга секојдневно му носат храна, иако децата живеат во близина.

Паниагва е роден на 23 јули 1946 година во Јагуарон. Во странство играше за Антофагаста (Чиле), Депортиво Переира (Колумбија), Тампико Мадеро (Мексико)... Беше најдобар стрелец во колумбиската лига во 1971 година кога постигна 30 гола за Депортиво Переира и шампионот на таа земја следната сезона со Милонаирос. За репрезентацијата на Парагвај одиграл 18 натпревари.

Жителите на главниот град веќе подолго време бараат помош од државата поради заслугите што ги има Паниагва во парагвајскиот фудбал, но помошта засега изостанала.

Државата Израел донира „Сензорна соба“ за децата во Македонија

На 25 ноември 2024 година, амбасадорката Симона Франкел ја отвори „Сензорната соба“ во „CEDUZ “ центарот во Скопје, Македонија.

Пред неколку месеци, Амбасадорката Франкел беше поканета во центарот „CEDUZ“,здружение фокусирано на раниот детски развој. По посетата, амбасародката Франкел одлучи да донира за изградба на „Сензорна соба“ во центарот, која ќе биде опремена со најсовремени сензорни алатки и специјализирана опрема дизајнирана да одговори на раните предизвици во психомоторниот развој кај децата.

Сетилната соба наречена „Ерусалимска соба“ е посветена на споменот на децата, жртви на масакрот на Хамас на 7 октомври 2023 година.

Државата Израел и Македонија имаат пријателски односи и оваа значајна донација не само што ги поддржува децата во неволја, туку и ги симболизира врските меѓу народите на двете земји.

Адвокатска комора: Предизвикувањето пожар во Комората е напад врз целокупната адвокатура

Адвокатската комора на Република Македонија најостро го осудува насилниот напад кој се случи ноќеска, на 25 ноември 2024 година, околу 3:30 часот по полноќ, кога непознато лице насилно влегло во Комората и предизвикало пожар.

Пожарот за среќа беше брзо изгаснат од противпожарните екипи. Меѓутоа, предизвикана е значителна материјална штета, а најважно е што, благодарение на брзата реакција на надлежните, нема човечки жртви.

Овој акт на насилство не само што претставува сериозна закана за безбедноста на вработените во институцијата, туку и на граѓаните кои живеат во непосредната близина на деловниот простор на Комората.

Нападот врз Адвокатската комора не е само напад врз еден правен субјект, туку е напад врз целокупната адвокатура и правниот систем во Република Македонија.

Поради ова ја изразуваме нашата најдлабока осуда за ваквото насилство и нагласуваме дека ваквиот напад е апсолутно неприфатлив. Овој чин на насилство и вандализам е сериозна закана за јавната безбедност и правниот поредок во земјата, и не може да се оправда под никакви околности.

Ги повикуваме надлежните органи да дејствуваат брзо и ефективно за да се идентификуваат и приведат одговорните за овој напад. Ваквиот напад не смее да остане неказнет, а одговорните мора да се соочат со последиците од своите дејствија и да бидат најстрого казнети.

Комората останува посветена на заштитата на правата на адвокатите, граѓаните, како и на создавање на опкружување во кое сите институции ќе можат да работат без страв и загриженост, а притоа правото и правдата ќе останат неприкосновени.

Адвокатска комора на Република Македонија

Писмо со сочувство од градоначалникот на Охрид по повод упокојувањето на владикатаТимотеј

Писмо со сочувство од градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков по повод упокојувањето на владиката Тимотеј.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, денеска испрати писмо со сочувство до Синодот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија и до правосвештенството по повод упокојувањето на митрополитот Дебарско – кичевски, господин Тимотеј.

„Владиката Тимотеј беше силен пример за служење на Бог, образец на животот според Евангелието. Тој беше способен да одговори со својат љубов и грижа на секоја тешкотија и болка на човечкото срце. Беше пример на умеењето да дејствува според заповедтта на Светото писмо. Секогаш да се бара добро еден во друг и кон сите. 'Секогаш радувајте се, молете се постојано, благодарете за се'. Споменот за овој голем веледостојник, искрен слуга кон Бога и преданик на христовата вера ќе биде вечен.Од длабочината на исполнетото со тага срце вознесувам молитва кон Бога да го успокои во небесното царство својот верен слуга, чиј цел земен пат беше насочен во спроведување на Христовата заповед, да се љубиме еден со друт, на лошото да одговараме со добрина и да правиме добри дела. Вечен и блажен спомен за покојниот митрополит Дебарско – кичевски, г. Тимотеј“, стои во писмото на градоначалникот Пецаков.

Митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј почина денеска во Скопје, по кусо боледување на 73 години.

притисни ентер