Божиќна честитка на Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх Киро Стојанов

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх Киро Стојанов упати честитка до граѓаните со католичка вероисповед по повод претстојниот празник Божик.

- Овие денови голема е радоста во срцата на христијаните токму поради празникот Рождество на нашиот Господ Исус Христос – Божиќ, со кој Бог стана човек и влезе во човечката историја за да го помири човекот со Бога. Затоа Божиќ е надеж за човештвото. Сигурен сум дека сите сакаме да се помириме со Бога и да црпиме благодати од заедништвото со Него. Но не е доволно да се помириме само со Бога, туку и со ближниот. Впрочем тоа е повикот на празникот Рождество Христово – Божиќ, тоа е повикот на Јубилејната година, која ја започнуваме, не случајно на Бадник, со отворањето на Светата врата во базиликата Свети Петар во Ватикан.

А смислата на Јубилејната година е да продолжи во текот на целата година помирувањето на човекот со Бога и ближниот. И уште еднаш само потврдуваме, како Бог преку Црквата излева благодат врз благодат на човештвото, кое е тешко рането и крвави од војни, сиромаштво, глад, нерамномерна распределба на богатствата и ресурсите. И токму тоа му е потребно, односно помирување.

А со помирувањето можеме во нас да ја искусиме вистинската Божја радост, но затоа е потребно да навлеземе во суштината на таинството на Божиќ и смислата на Јубилејната година. Тогаш ќе можеме да ја откриеме и надежта која нема да нè изневери за да можеме да бидеме ходочесници на надежта во овој свет, надеж за сите оние кои минуваат низ одредени тешки животни ситуации. Да бидеме знаци на надежта за целото општество, богатите земји да ги отпишат долговите на сиромашните, да се отстранат причините за неправдите и да се нахранат гладните. Да бидеме знаци на надежта за единство на Црквата и славењето на празниците на ист датум да не биде случајност, туку исполнување на Божјата волја: Да бидеме едно!

Радоста и простувањето се неразделни – само кога ќе простиме, ќе ја почувствуваме вистинската слобода, радост и надеж, кои Христос со своето раѓање ги донесе во светот.

Посакувам овој Божиќ и Јубилејната година да ни донесат изобилен Божји благослов и надеж во иднината, имајќи ја сигурноста дека за нас Бог стана човек и е со нас – Емануел. Христовото раѓање нека ни донесе мир и благослов во нашите домови и во нашите семејства!

Честит празник Рождество Христово – Божиќ. Христос се роди-Славете Го!

+Киро

Скопски бискуп и Струмичко-скопски епарх

Анкета: Вајдел со најголеми шанси за канцеларка на Германија

Резултатите од најновата анкета на ИНСА изработена за весникот Билд покажуваат дека лидерката на десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) Алис Вајдел има најголема поддршка од граѓаните.

Анкетата покажува дека 24 проценти од Германците изјавиле дека би гласале Вајдел да биде нова федерална канцеларка.

Вајдел има четири отсто предност пред Фридрих Мерц од Христијанско-демократската унија (ЦДУ).

Во западниот дел на Германија, Вајдел и Мерц имаат поддршка од 22 проценти, додека во источниот дел на земјата лидерката на АфД има рејтинг од 36, а лидерот на ЦДУ – 16 отсто.

Анкетата покажува дека канцеларот во заминување и лидер на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), Олаф Шолц има поддршка од 15 проценти од гласачите./МИА

Спречен е напад врз хрватскиот премиер Пленковиќ

Ивко Мариќ (45) е уапсен во саботата заедно со сопругата поради недозволено поседување оружје.

Како што потврдија упатени извори за 24сата.хр, полицијата реагирала бидејќи цел на нападот требало да биде хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Како што дознава порталот, полицијата не можела да ја игнорира оваа многу сериозна информација, туку презела акција. Да потсетиме, полицијата најави дека води натамошни увиди во врска со тоа кривично дело.

„По однос на оперативните сознанија за безбедносната закана на висок државен функционер, која била првична причина за акцијата, полицијата врши увид, а согласно законската одредба за тајност на истрагата, не сме во можност да дадеме повеќе детали“, заклучува загрепската полиција.

Ивко Мариќ (45) е уапсен во саботата заедно со сопругата поради недозволено поседување оружје. Тие се на распит во Општинското кривично државно обвинителство во Загреб. Како што пишува Јутарњи, полицајците им дошле на врата со наредби за претрес откако преку други канали дознале дека во некои неформални разговори, меѓу другото, се споменува и можно загрозување на висок политички функционер на Владата на Хрватска.

Да потсетиме, Мариќ пред половина година се возел со своето „ферари“ до изборниот штаб на Движењето Татковина. На совозачкото место го возел новоизбраниот пратеник во Европскиот парламент, Стивен Никола Бартулица.

Здружението „Рајчица“ и општина Дебар по првпат организираат хуманитарно празнично дружење

По иницијатива на Здружението „Рајчица“, во соработка со општина Дебар, за првпат ќе биде одржано хуманитарно празнично дружење на плоштадот во градот.

Присутните ќе може да се радуваат и бесплатно да се фотографираат со маскоти, жонглери и Дедо Мраз. Ќе има разни слатки по поволни цени, како и други изненадувања од торбата на Дедо Мраз.

-Целта на овој празничен Базар е многустрана и се фокусира на важноста на социјалната инклузија, како и на поврзувањето на децата и нивните родители во пресрет на празниците. Настанот нуди можности за дружење на најмладите преку различни забавни содржини, а истовремено служи и за собирање средства што ќе бидат насочени кон хуманитарни активности за поддршка на најранливите категории во нашето општество, изјавија за МИА од Здружението.

Изразувајќи задоволство што целата локална заедница се вклучила на каков било начин да ја поддржи оваа иницијатива, но посебно, додадоа од Здружението, нè радува фактот што многу млади луѓе, кои се дел од волонтерската група на Здружението „Рајчица“, се вклучија во изработка на многу различни производи, кои ќе бидат поставени на штандовите за време на празничниот Базар.

- Со тоа, токму младите се носители на овој проект, преку изразувањето на нивната свест за поддршка, но и подобрување на соработката меѓу сите лица и институции во локалната заедница, насочувајќи ги своите младешки сили кон благородни цели. Ги покануваме сите наши сограѓани, нашите мили дечиња, родители, баби и дедовци, посочија од Здружението.

Задоволство од одржување на еден вакво настан искажува и градоначалникот Хекуран Дука, ветувајќи поддршка и во иднина на вакви и слични активности.

-Со задоволство ја продолжуваме соработката со здружението „Рајчица“, овој пат со навистина преубав настан, кој за првпат се случува во нашиот град. Како локална самоуправа ќе продолжиме со поддршка на настани кои се во интерес на нашата заедница, тука секако најмладите, кои верувам ќе бидат во голем број заедно со нивните најблиски, рече за МИА, градоначалникот Дука.

Тридневното хуманитарно празнично дружење ќе биде на 26 и 27 декември (четврток и петок) од 16 до 19 часот, и во сабота од 11 до 16 часот.

притисни ентер