Борел: Орбан не ја претставува ЕУ за време на неговата посета на Грузија

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска изјави дека унгарскиот премиер Виктор Орбан „не ја претставува“ Европската унија за време на денешната посета на Грузија.

„Што и да каже господинот Орбан за време на неговата посета на Грузија, тој не ја претставува Европската унија. Ротирачкиот претседател на Унијата нема овластувања во надворешната политика“, изјави Борел за шпанското јавно радио РНЕ.

И портпаролката на Европската комисија Набила Масрали на прес-конференција во Брисел изјави дека посетата на Орбан на Грузија се одвива само во контекст на билатералните односи меѓу Унгарија и Грузија.

Иран егзекутира германско-ирански дисидент

Иран го погуби германско-иранскиот дисидент Џамшид Шармахд, откако беше осуден за „водење терористички операции“, јавуваат државните медиуми.

Шармахд минатата година беше осуден на смрт за „корупција на Земјата“, откако беше обвинет дека ја водел промонархистичката група „Кралството на Иран“ со седиште во САД, пишува Би-Би-Си.

Тој ги негирал обвиненијата, додека неговото семејство тврдело дека тој бил само портпарол на групата, позната и како Тондар (персиски за гром).

Шармахд, кој живеел во САД, се верува дека бил киднапиран од ирански агенти во Дубаи во 2020 година, а потоа насилно одведен во Иран преку Оман.

Амнести интернешнал тврдеше дека бил принуден да признае и му кажал на семејството дека бил мачен во притвор. Според групата за човекови права, Шармахд создал веб-страница за објавување изјави од КАИ, малку позната група со седиште во САД која се обидува да ја врати монархијата која беше соборена во Исламската револуција во 1979 година.

Сепак, иранските власти соопштија дека тој бил водачот на Тондар и дека „планирал 23 терористички напади“, од кои „пет биле успешни“, вклучувајќи го и бомбашкиот напад во џамијата во Шираз во 2008 година, во кој загинаа 14 лица.

Кога Шармахд бил осуден во февруари минатата година, германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок го осуди како „апсолутно неприфатливо“.

Тој бил погубен вчера, по одобрение на Врховниот суд, е објавено денеска на веб-страницата на иранското Министерство за правда.

Познат кардиолог е осуден на 158 години затвор: Намамувал жени преку „Тиндер“, па ги силувал

Стивен Метјуз, поранешен кардиолог од Денвер, Колорадо, е осуден на 158 години затвор откако беше прогласен за виновен за серија злосторства против неколку жени.

Помеѓу 2019 и 2023 година, Метјус дрогирал, сексуално напаѓал и силувал бројни жртви кои ги запознал преку апликации за запознавање како што се Hinge и Tinder. Неговите злосторства станаа јавни кога една жена го пријавила нападот откако излегле заедно, охрабрувајќи ги другите жртви да се јават.

Во август, поротата го осуди Метјус дека намамил жени во неговиот дом во западен Денвер додека биле на средби, а потоа им ставал дрога во пијалоците. Многу од жените рекоа дека имаат само спорадични сеќавања на она што се случило откако пиеле. Некои сведочеа дека откако се освестиле, се нашле голи во кревет додека Метјус ги силувал.

На судењето, кое започнало во август 2024 година, 11 жртви сведочеле за тешките ефекти од нападот, вклучувајќи губење на свеста и симптоми на посттрауматско стресно растројство.

Судијата Ерик Џонсон го опишал Метјус како „сексуално насилен предатор“ и ја нагласи штетата што тој ја нанел на заедницата.

Државната обвинителка го изразила своето задоволство од пресудата, нагласувајќи ја важноста од поддршката на жртвите и правдата што е постигната во овој случај преку нивниот храбар став, пренесува Си-Би-Ес.

Во образложението на пресудата се наведува дека ова е силна порака за решеноста на правосудниот систем да ги заштити жртвите и сериозно да ги санкционира сторителите на ваквите кривични дела.

Загина тракторист во сообраќајка во струмичкото село Баница

Претпладнево во селото Баница, кај Струмица, на патот Струмица-село Баница - село Вељуса во сообраќајка загина тракторист, а сопатникот кој се превезувал со него е повреден.

Веста за МИА ја потврдија од СВР Струмица, од каде информираа дека денеска околу 09:45 часот се случила сообраќајната несреќа меѓу патничко возило „сеат“ со струмички регистарски таблички управувано од Л.Р. (72) од село Вељуса и трактор „ИМТ 539“ управувано од починатиот Д.С. (43) од село Баница.

-Од здобиените повреди во несреќата починал возачот на тракторот, а смртта ја констатирал лекар во Медицински центар Струмица, додека со телесни повреди се здобил сопатникот на тракторот К.С.. Увид на местото извршиле јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и екипа на Полициската станица Струмица, информираше портпаролката на СВР Струмица, Александра Трајанова.

По наредба на јавен обвинител телото на починатиот било предадено на обдукција, а во расчистувањето на последиците од сообраќајната несреќа учествувала и екипа на ТППЕ Струмица.

притисни ентер