Вчера мостот попуштил во раните попладневни часови, а се урнал откако дел од структурата паднал на територијата на државата Маранџао, пренесува порталот Метрополис.
"Националната агенција за транспортна инфраструктура предупредува на целосна блокада на мостот на реката Токантинс. Централниот дел на мостот долг 533 метри се урна напладне", изјави министерот за транспорт Ренан Фиљо.
Противпожарната служба на Маранџао и воената полиција на Токантинс ја потврдија смртта на две лица во уривањето на мостот меѓу двете држави. Меѓу загинатите има 25-годишна жена и 42-годишен маж.
36-годишен маж е спасен со скршена нога и пренесен во болница во Естреито, државата Маранџао.
Според Воената полиција на Токантис (ПМТО), осум лица, меѓу кои две деца на возраст од три и 11 години, се водат како исчезнати. Меѓу возрасните исчезнати има две жени, двајца возачи на камион кои превезувале опасни производи како сулфурна киселина, возач на камион кој превезувал земјоделски пестициди и уште еден возач на камион.
„Истрагата во врска со несреќата на мостот е привремено прекината откако припадници на Противпожарната служба утврдиле дека два камиони што превезувале опасни производи паднале во реката“, соопшти ПМТО.
Гувернерот на Токантис, Вандерлеј Барбоза, на социјалната мрежа изјави дека државната администрација започнала напори за санирање на штетите и пружање помош на повредените.
Мостот е отворен во 1960 година, а структурата на мостот е дел од важен сообраќаен коридор, бидејќи го поврзува Белем со Бразилија, патот Трансамазон, како и железницата Норте-Сул.