Сараево утрово прв на листата на градови во светот со најзагаден воздух, Скопје на 4 место

Сараево, главниот град на Босна и Херцеговина утрово се најде на врвот на листата на светски градови со најзагаден воздух, покажуваат податоците на порталот „IQAir“.

Квалитетот на воздухот во главниот град на Босна и Херцеговина е оценет како „опасен“, со индекс на квалитет 312.

Зад Сараево на листата е Лахоре (Пакистан), чиј индекс за квалитет на воздухот е 259, потоа Њу Делхи (Индија) со индекс 225, Скопје со 184 и Кувајт (Кувајт) со индекс 177.

Швајцарскиот „IQAir“ има повеќе од 10.000 мерни станици низ светот и го покажува квалитетот на воздухот низ планетата.

Во текот на зимската сезона во Сараево и некои градови во Босна и Херцеговина, дозволената концентрација на лебдечки честички се надминува речиси секој ден, а најголеми причинители за загадувањето се индустриските постројки, сообраќајот, согорувањето на отпадот и од затоплувањето на домаќинствата.

Баерн го израмни рекордот на Барселона за непобедлива серија на домашен терен во ЛШ

Баерн Минхен синоќа го совлада Пари Сен Жермен на „Алијанц Арена“ во натпреварот од 5. коло во Лигата на шампионите и ја продолжи серијата без пораз во европските купови.

Тимот од Минхен е непоразен на 33 последователни натпревари на домашен терен: 31 победа и 2 нерешени, што е најдолга низа во историјата на турнирот.

Баерн го израмни рекордот на Барселона во 33 последователни натпревари на домашен терен поставен во 2009 и 2020 година.

Со девет освоени бодови Баерн се искачи на 11. место во поредокот. ПСЖ падна на 26. место (4 бода).

НБРМ: Годишен раст на зелените кредити од 7,4 % заклучно со септември 2024 година

Зелените кредити бележат годишен раст во портфолијата на банките и во третиот квартал од 2024 година. 

Според податоците на Народната банка, на крајот на септември 2024 година, растот на зелените кредити во однос на истиот период лани изнесува 1,4 милијарди денари, или 7,4%. Во споредба со крајот на 2019 година, кога започна прибирањето и објавувањето на овие податоци, зелените кредити се зголемени за 2,8 пати. Зелените кредити се заеми наменети за проекти коишто поддржуваат одржливи, еколошки цели, или цели коишто придонесуваат за зелената транзиција во општеството, како што се инвестициите во нова еколошка технологија.

Според податоците на Народната банка, на крајот од третото тримесечје од 2024 година, состојбата на зелените кредити во билансите на банките изнесува 20.350 милиони денари. За споредба, на крајот на 2019 година тие изнесувале 7.176 милиони денари. Заклучно со третото тримесечје од 2024 година, состојбата на кредитите одобрени на компаниите изнесува 19.355 милион денари, додека на домаќинствата изнесува 995 милиони денари.

Уделот на зелените во вкупните кредити сѐ уште е на релативно ниско ниво, но од крајот на 2019 година, заклучно со третото тримесечје од 2024 година, се забележува промена од 2,2 % на 4,4 %.

Народната банка, препознавајќи ги ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ја постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија. Преку низа активности, нашата централна банка придонесува за поттикнување на зеленото финансирање, вклучувајќи ги и монетарните мерки.

За таа цел, Народната банка, на својата веб-страница од 2022 година почна да објавува и квартални податоци за кредитите за зелено финансирање одобрени на домаќинствата и нефинансиските друштва, коишто можете да ги најдете на следнава врска: https://www.nbrm.mk/podatotsi_i_pokazatieli_za_bankarskiot_sistiem_na_riepublika_makiedonija.nspx

притисни ентер