Трамп ја номинира Пем Бонди за јавна обвинителка откако Мет Геjц се повлече

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ја номинираше ветеранската обвинителка Пем Бонди за нов јавен обвинител, неколку часа откако Мет Геjц се повлече од можен кандидат.

Бонди има долгогодишно искуство во спроведувањето на законот и претходно служеше како јавен обвинител на Флорида, јавија американските медиуми.

Долгогодишниот сојузник на Трамп, Бонди беше дел од неговиот правен тим за време на неговото прво судење за импичмент во Сенатот, а исто така јавно го поддржа појавувајќи се на суд за време на неговото судење за давање мито во Њујорк.

- Пем беше обвинителка скоро 20 години, беше многу строга кон насилните криминалци и ги направи улиците безбедни за семејствата од Флорида, рече Трамп во објава на социјалните мрежи сооштувајќи го својот избор.

Бонди е блиска со Трамп од неговата кампања во 2016 година, а пред гласачите на неодамнешниот митинг на Трамп рече дека го смета за „пријател“.

Во Алабама извршено трето погубување со азот на затвореник

Алабама годинава почна да користи азотен гас за извршување на смртни казни.

Затвореникот од американската сојузна држава Алабама, Кери Дејл Грејсон (50), осуден за убиство на автостоперка во 1994 година, го пцуел управникот на затворот и некултурно гестикулирал пред да биде погубен со азот што е трето вакво погубување со оваа метода во САД.

Тој беше еден од четворицата тинејџери осудени за убиство на Вики Деблио (37), која патувала со автостоп низ Алабама на пат кон домот на нејзината мајка во Луизијана. Жената била нападната, претепана и фрлена од карпа.

Алабама годинава почна да користи азотен гас за извршување на смртни казни. Методот вклучува ставање гас-маска на лицето, која го заменува воздухот со чист азотен гас, што доведува до смрт поради недостиг на кислород.

По егзекуцијата, ќерката на жртвата изјавила дека на нејзината мајка „и била украдена иднината“. Сепак, таа ја критикуваше и одлуката да се спроведе смртна казна за Грејсон, велејќи дека тоа е „убивање на затвореникот под маска на правдата“.

Ниту една друга држава во САД освен Алабама не користела азот за извршување на смртна казна, но во 2018 година таа стана третата држава – заедно со Оклахома и Мисисипи – што го одобри овој тип на егзекуција на затвореници. /МИА

Фигаро: Париз и Лондон ветија дека нема да дозволат Путин да ги постигне своите цели

Париз и Лондон нема да дозволат рускиот претседател Владимир Путин да „одреди нови принципи на меѓународните односи“ и ќе го спречат да ги „оствари своите цели“ во Украина, соопштија синоќа шефовите на француската и британската дипломатија.

„Франција и Велика Британија нема да му дозволат да ги постигне своите цели. Заедно со нашите сојузници ќе ги направиме сите неопходни напори за да ја ставиме Украина во најдобра можна позиција за да постигне праведен и траен мир“, изјавија Жан Ноел Баро и Дејвид Лами во текстот објавен синоќа на веб-страницата на францускиот дневен весник Фигаро.

Рускиот претседател се обидува да „одреди нови принципи на меѓународните односи со враќање на законот на најсилните и уништувајќи ја безбедносната архитектура која обезбедува мир со генерации“, се наведува во текстот.

„Праведен и траен мир не може да се постигне со насилство или сила“, потсетија тие, алудирајќи на израелско-палестинскиот конфликт и израелските воени операции во Либан./МИА

притисни ентер