Фигаро: Париз и Лондон ветија дека нема да дозволат Путин да ги постигне своите цели

Париз и Лондон нема да дозволат рускиот претседател Владимир Путин да „одреди нови принципи на меѓународните односи“ и ќе го спречат да ги „оствари своите цели“ во Украина, соопштија синоќа шефовите на француската и британската дипломатија.

„Франција и Велика Британија нема да му дозволат да ги постигне своите цели. Заедно со нашите сојузници ќе ги направиме сите неопходни напори за да ја ставиме Украина во најдобра можна позиција за да постигне праведен и траен мир“, изјавија Жан Ноел Баро и Дејвид Лами во текстот објавен синоќа на веб-страницата на францускиот дневен весник Фигаро.

Рускиот претседател се обидува да „одреди нови принципи на меѓународните односи со враќање на законот на најсилните и уништувајќи ја безбедносната архитектура која обезбедува мир со генерации“, се наведува во текстот.

„Праведен и траен мир не може да се постигне со насилство или сила“, потсетија тие, алудирајќи на израелско-палестинскиот конфликт и израелските воени операции во Либан./МИА

ИВЗ и ДУИ се против Јени џамија да биде музеј на христијанско и исламско културно наследство

 Од ИВЗ велат дека  за нив е неприфатлива оваа пренамена  во музејски простор.

Исламската верска заедница и политичката партија ДУИ се противат на синоќешното отворање на Музејот на христијанското и муслиманското културно наследство во познатата битолска Јени џамија, во чии темели се откриени остатоци од катедралната црква Свети Ѓорѓи. Од ИВЗ велат дека за нив е неприфатлива оваа пренамена во музејски простор и ги повикаа надлежните органи да ја заштитат Јени џамија како исламски верски објект и значителна културна вредност.

-„ ИВЗ континуирано бара враќање на Јени џамијата и нејзино користење од страна на верниците како место за богослужба. Но, државата, поточно Министерството за култура, никогаш не го исполнија ова наше легитимно барање и со години ја држеа затворена како „Уметничка галерија“, а сега ја трансформираа во Музеј без согласност на ИВЗ. “ – пишува во писмото на ИВЗ.

Од ДУИ велат дека со ваквата одлука Владата ги занемарува верските и историските чувства на една важна заедница во државата.

-„ ДУИ ги осудува политиките на Владата што имаат за цел рушење на темелите на еднаквоста и соживотот, претворајќи ги овие теми во политички алатки за поделби. “

Канал 5 го контактираше првиот човек на Завод и музеј Битола Зоран Николовски кој во телефонска изјава кажа дека за него е спорна релевантноста на писмото од ИВЗ бидејќи доаѓало од правен субјект. За отворањето на музејската поставка пред две недели разговарал со битолскиот муфтија Амит Расимовски кој вели бил воодушевен од идејата.

„ Имавме заеднички состанок со муфтијата од Битола Амит кој што кога му ја презентирав идејата дека повеќе Јени Џамија никогаш нема да биде галерија, туку ќе биде Музеј на христијанската и исламската култура, културно наследство тој беше толку воодушевен од тоа и ми кажа дека може да ми подари две свети книги од Исламската веросисповест, два курани и тие артефакти ми ги даде на реверз на користење на една година. “-Зоран Николовски – НУ „Завод и музеј“ - Битола

Јени Џамија датира од 16 век, а археолошките истражувања кои почнаа пред две децении утврдија дека е изградена врз темелите на три цркви кои датираат од 7 до 11 век, а најголемата и најстарата е црквата „Свети Ѓорѓија“. Пронајдените остатоци во внатрешноста и во дворот на Јени џамија се заштитени и застаклени со цел да бидат дел од туристичката понуда во Музејот, кој на отворањето беше најавен како симбол на единство и соживот во Битола.

Во Штип обука на комуналните инспектори од 40 општини

Стотина комунални инспектори од 40 општини од земјава денеска имаа обука, а воедно Здружението на комунални инспектори ја одржа и својата шеста седница.

Недоволен број на комунални инспектори во општините, најмногу во руралните општини, каде што и нема вработени комунални инспектори, како и малите надлежности се дел од проблемите на комуналните инспектори со кои се среќаваат во текот на нивното работење на терен. Стотина комунални инспектори од 40 општини од земјава денеска имаа обука, а воедно Здружението на комунални инспектори ја одржа и својата шеста седница.

Претседателот на Здружението на комунални инспектори на Република Македонија, Борче Везенков вели дека на состанок разговарале за прекршочните одредби од Законот за јавна чистота. Везенков кој е комунален инспектор во Општина Штип вели дека во текот на годината имаат веќе 30 постапки за физички лица и шест постапки за правни лица.

-Најчесто казните се за одлагање на земја, градежен отпад на јавни површини, потоа од областа на Законот за јавна чистота, какошто е чување на живина и стока во градска средина, потоа се казнуваат и фирми коишто пренесуваат земја, вели Везенков.

Тој посочи дека во поголемите општини се подобрува бројот на комунални инспектори, конкретно во Штип имаат еден кандидат за комунален инспектор, кој треба да ги помине обуките.

-И во другите општини се зголемува бројот на инспектори, но знаете дека постапката трае околу една година. Можам да кажам дека во другите општини бројката е задоволителна, некои инспектори одат во пензија, доаѓаат нови. Недостиг на комунални инспектори има во малите рурални општини, а во нив нема инспектори и за други области, вели Везенков.

Комуналниот инспектор во Општина Битола, Сашо Илојовски вели дека комуналните инспектори постапуваат по сите претставки кои ги добиваат од страна на граѓаните. За 11 месеци имаат преку 1.000 предмети, а голем дел од нив се веќе и решени.

-Во Битола сме четворица комунални инспектори, двајца сме регуларно, а двајца има нови, којшто го обавуваат процесот на обука, а која трае една година за да ја земат соодветната лиценца, а имаме само еден инспектор за животна средина, вели Илојовски.

Инаку казните се ниски за граѓаните и фирмите, доколку некој е фатен како на јавна површина фрла градежен шут, а не на локацијата која е одредена од општината треба да плати казна од 50 евра.

Глумица со попреченост во првиот свој филм глуми со својата хероина од вистинскиот живот

Фиби-Реј Тејлор е американска глумица со церебрална парализа која во првиот свој филм воопшто, глуми со својата хероина од вистинскиот живот - Џенифер Анистон.

Филмот „Вон памет“ (Out of My Mind) се прикажува од денеска, 22 ноември, на „Дизни плус“ платформата, и во него актерката која користи ортопедска количка, првпат се појавува во улогата на Мелоди, шестоодделенка со телесна, но и говорна попреченост - таа не зборува. Така, Тејлор „не можела да престане да плаче“ кога дознала дека „внатрешните мисли“ на Мелоди ќе бидат вокализирани од Анистон.

Тинејџерката за „Јаху ентертејнмент“ (Yahoo Entertainment) раскажува и како го добила името по ликот на Лиза Кудроу од ТВ-серијата „Пријатели“ (Фиби).

- „Пријатели“ беа голем дел од мојот живот додека растев. „Лудо“ е затоа што ја сакав уште кога бев мала, рече младата глумица за Анистон. - Отсекогаш сум ја сакала. Таа ми помогна многу во мојот живот.

„Вон памет“ е заснован на романот за млади на Шерон М. Дрејпер од 2010 година, којшто раскажува за внатрешните дијалози што треба „грижливо да се пренесат на филм“, како што вели режисерката Амбер Сили. Алузијата на хумористичната серија од 90-тите не е случајна.

- Значи, на крајот одлучивме дека концептот таа (девојка) да има внатрешен глас - е добар. Самата Фиби во својот живот ја има љубовта и опсесијата со „Пријатели“ и со Џенифер Анистон, па „го позајмивме“ тоа од вистинскиот живот на Фиби и го внесовме во филмот, нагласи Сили.

Целта, меѓу другото, е луѓето со попреченост, кои честопати се на маргините на општеството, да се вклучат во сите општествени текови - рамо-до-рамо со другите луѓе. Тејлор, едноставно, вели дека не сака луѓето да им судат на лицата со попреченост.

- Чувствувам дека луѓето треба да сфатат дека децата и возрасните со попреченост се само луѓе. Иако можеби изгледаме или звучиме или се однесуваме малку поинаку - ние сме сосема исти. И ние имаме наши мислења, допаѓања, мразиме некои работи, сакаме некои работи. Но, и ние сме мајки, татковци, ќерки, сестри, вели Тејлор.

Младата глумица, за разлика од својот лик Мелоди во првата нејзина улога, умее да говори.

притисни ентер