Градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски денеска одржа прием за претставници на Заедницата на Македонците во Чешка која од страна на Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река ја доби наградата за афирмација на македонското писмено наследство, јазик и литература. На средбата, како што соопшти Атанасовски денеска со гостите со пиетет се дискутирала теѓата за важноста на Јаков од Камена Река, како прв публицист на кирилица на Балканот.
-Денеска ги примив директорот и организаторите на фестивалот, како и почитуваните гости на истиот: проф. Георги Гоце Дуртаноски - македонско-холандски калиграф и Д-р Бранислав Светозаревиќ - историчар и архивист, Димитри Кирјаковски - почесен претседател на Заедницата на Македонците во Чешка и Коле Боровски - актуелен претседател на Заедницата и основач на македонското здружение „Македонска мисла“ во Прага и Весна Апостолоска од Туристичкиот сојуз на Македонија. Со пиетет дискутиравме за важноста на Јаков од Камена Река, за неговата значајна улога за Македонска Каменица, како и за македонската историја и потребата од поголемо внимание и присутност на нашата македонска култура и традиција во секојдневното живеење, истакна Атанасовски.
По завршувањето на приемот, положија цвеќе на споменикот на Миле Јаневски Џингар.
-Положивме цвеќе на споменикот на нашиот херој кој се жртвуваше за одбраната на Македонија во воениот конфилкт од 2001 година, како почит кон неговата храброст и кон жртвата на сите бранители кои го положија животот за Македонија. Упатувам огромна благодарност до Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“ за вниманието и за нивниот придонес во афирмирањето на Македонска Каменица како град со огромно значење за историското наследство на Македонија.
Најави продолжување на заедничката работа на унапредување и зачувување на посебноста и автентичноста на македонската култура и традиција.