Зеленски: Путин се плаши да употреби нуклеарно оружје

Владимир Путин се плаши да употреби нуклеарно оружје затоа што го сака својот живот и контролата над животите на другите, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Рускиот претседател на 25 септември изјави дека ја менува руската „нуклеарна доктрина“ и може да ги прошири околностите под кои може да се користи такво разорно оружје.

Но, Зеленски рече дека не мисли дека Путин ќе ризикува да користи нуклеарно оружје.

- Никој не знае што навистина има во главата на Путин. Тој може да употреби нуклеарно оружје за да нападне која било земја во секое време. Или не. Не сум сигурен дека ќе го стори тоа. Споделувам со вас што мислам. Но, јас не сум Путин. Не можам да знам точно. Тој го сака својот живот и својот начин на живот и како управува со животите на другите, рече Зеленски.

Од почетокот на војната, Кремљ неколку пати се закануваше со нуклеарно оружје. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во саботата му порача на Вашингтон да ја подготви Европа за „самоубиствен потфат“ поради „бесмисленоста и опасноста од самата идеја за борба до победа со нуклеарна сила како Русија“.

Грција ќе воведе построги казни за врсничкото насилство

Построги казни за справување со врсничкото насилство и малолетничката деликвенција, најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на денешната владина седница, јави дописничката на МИА од Атина.

Во изминатиот период, во Грција е зголемено насилството меѓу малолетните лица, особено меѓу средношколците, а Мицотакис рече дека сега, со отворањето на училиштата, уште поизразена е малолетничката деликвенција и објасни дека Министерството за правда ќе направи нови промени во Кривичниот законик како што се: построг криминален третман на поседувањето оружје, особено кај младите и затворска казна за оние кои извршуваат повторено кривично дело.

-Сакам да повторам дека прашањето на деликвенцијата, особено кај децата и адолесцентите, е исклучително сложено прашање. Тоа пред сè се однесува на самите семејства. Државата во никој случај не може да го замени семејството како основно јадро на воспитувањето на децата, но имаме можности да ги заостриме казните и прашањата што се однесуваат на запоставување на малолетниците, истакна Мицотакис.

Дополнително потсети дека набргу ќе се воведе и специјалната апликација „Safe Youth“ за заштита на децата и учениците жртви на семејно и врсничко насилство, односно како што објасни, „да може автоматски детето, тинејџерот, вон училишната средина, да ја извести полицијата доколку почувствува дека неговиот физички интегритет е загрозен од која било причина“./МИА

САД се обидуваат да обезбедат дополнителни летови од Либан

САД работат на тоа да ги извлечат своите граѓани од Либан додека Израел продолжува со нападите врз земјата.

Американската амбасада во Бејрут соопшти дека работи со авиокомпании за да обезбеди дополнителни летови. Американските граѓани веќе беа повикани да избегнуваат патување во Либан или веднаш да го напуштат Либан доколку се таму.

„Поради зголемената нестабилност по воздушните напади во Бејрут и непредвидливата безбедносна ситуација низ Либан, Амбасадата на САД ги повикува американските граѓани да го напуштат Либан додека се уште се достапни комерцијалните опции. Моментално се достапни комерцијални летови, но со намален капацитет. Ако безбедносната ситуација се влоши, опциите за комерцијално заминување би можеле да станат недостапни“, се вели во официјалниот совет./МИА

Новиот Регионален центар: Револуција во борбата против криумчарењето оружје

Во контекст на непрекинатите безбедносни предизвици во Југоисточна Европа, постигнат е дострел во борбата против транснационалните закани и организираниот криминал. 

Денеска, Мисијата на ОБСЕ во Скопје го отвори новиот најмодерен Регионален К9-центар за обука и сертификација во Ѓорче Петров, клучен чекор во борбата против недозволената трговија со огнено оружје во регионот.

Центарот ќе биде средиште за континуирана обука и регионална соработка. Тој е повеќе од надградба – тој вклучува изградба на нови простории за К9 и подобрување на работните услови во постојните простории. Подобрена е и мобилноста на К9-тимовите преку донацијата од 14 специјализирани возила и три приколки, со кои се овозможува побрзи, поефикасни полициски одговори ширум регионот.

Официјалното отворање на Центарот означува почеток на нова ера на оперативна ефикасност и соработка, со долготрајни ефекти врз регионалната безбедност, способностите на органите за спроведување на законот како и партнерствата.

За напорите за подобрување на капацитетите за детектирање МЛО

Подобрувањето на капацитетите за детектирање спаѓа во рамките на вонбуџетскиот проект на Мисијата „Поддршка на националните власти на Република Македонија во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на малото и лесно оружје (МЛО)“. Финансиран од Белгија, ЕУ, Франција, Германија, Норвешка, Словачка и САД, проектот придонесе за суштински напредок при подобрувањето на капацитетите за детектирање на Единицата за службени кучиња во земјата.

Дознајте повеќе за проектот за МЛО овде.

притисни ентер