Законот за бранители се уште заглавен во собраниските процедури

И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ декларативно остануваат на заложбата законот за правата на припадниците на безбедносните сили да биде донесен, но имаат различна стратегија за тоа како да се надмине блокадата во комисијата за социјална политика.

И покрај јасните пораки од Илире Даути од Европскиот фронт дека нема намера да ја свика седницата на комисијата ако на истата не се најде и закон за припадниците на ОНА, ВМРО-ДПМНЕ смета дека таа е вистинската адреса... како што и најавија, со потписите на своите петмина пратеници – членови на комисијата, поднесоа формална иницијатива, која, според нив, е обврзувачка за Даути.

СДСМ не го прифатија повикот од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи според нив, овој потег е само трошење на време.. Сметаат дека спикерот Гаши е тој што треба да ја деблокира процедурата на ист начин како што тоа го направи со комисијата за финансирање и буџет за унгарскиот кредит.

Пратеничката Славјанка Петровска која е предлагач на законот најави дека преку друга комисија, за деловнички прашања, СДСМ ќе бара одговори зошто Африм Гаши не свика седница наместо Даути.

-Почитувани колеги пратеници од власта, овој предлог закон не е шаховска игра, не е ниту провокација, ниту обид за дестабилизација. Овој предлог закон е одговор на барањето за правда и правичност и тоа се мотивите заради кој овој закон е поднесен. Ќе побараме да се свика деловничко мандатно-имунитетната комисија која треба да расправа дали претседателот Гаши правилно го применува Деловникот,-Славјанка Петровска – пратеничка на СДСМ.

Претседателот на Собранието претходно одговори дека деловникот не му дозволува да интервенира за одредени закони, туку само кога претседателите на комисиите целосно одбиваат да закажат седница. Тој за Канал 5 веќе потврди дека решение за блокираниот закон за бранители ќе се бара преку комисијата за деловнички прашања, како што сега бара СДСМ.

За разлика од него, неговиот сопартиец, вицепремиерот Изет Меџити во интервју за РСЕ викендов кажа дека воопшто не очекува епилог за законот.

-Ние имаме конечен став дека не е добро за процесите и за државата и не е во приоритетите да се донесе таков закон. Тој сега е заглавен во Комисијата што ја води Илире Даути и очекуваме дека таму и ќе остане,-Изет Меџити – вицепремиер, коалиција Вреди.

Со предложениот закон се предвидува еднократен надоместок за нематеријална штета од 80.000 евра за семејствата на загинатите војници и полицајци од 2000та до денес. Покрај бранителите од конфликтот во 2001ва, се опфатени и случаите со авионската несреќа на претседателот Трајковски, хеликоптерските несреќи кај катлановско Блаце и Струмица, како и за Диво Насеље.

Џо Бајден во прошталниот говор во ОН: Некои работи се поважни од власта (ВИДЕО)

Џо Бајден го одржа својот последен говор пред Генералното собрание на ОН како претседател на САД.

Во својот говор, тој рече дека многу луѓе „ги гледаат проблемите и реагираат со очај“ за состојбата во која се наоѓа светот. Тој додаде дека „се уште има надеж“. Ги наведе „предизвиците“ со кои се соочува целиот свет, вклучувајќи го и конфликтот во Газа, како и војната во Украина и кризата во Судан.

Светот е на уште една „пресвртна точка“, вели тој, додавајќи дека изборите што ги правиме денес „ќе ја одредат нашата иднина во децениите што доаѓаат“. Бајден потоа зборуваше за конфликтите на Блискиот Исток, кои драматично ескалираа во последната година. „Сега е време страните да ги финализираат условите“, рече тој за прекинот на огнот во Газа.

Тој повика заложниците да се вратат дома, Хамас да ја изгуби контролата над Газа и да се стави крај на војната. „Исто така, бевме решени да спречиме поширока војна што ќе го зафати целиот регион“, додаде претседателот, мислејќи на ескалацијата меѓу Либан и Израел.

„Дипломатско решение сè уште е можно. Всушност, тоа останува единствениот пат за трајна безбедност“, рече тој, додавајќи дека „тоталната војна не е во ничиј интерес“.

„Дозволете ми да завршам со ова“, вели Џо Бајден на крајот од неговиот последен говор пред Генералното собрание на ОН како претседател на САД, додавајќи: „Никогаш не смееме да заборавиме кого сме тука да претставуваме“.

Тој зборуваше и за својата одлука да не бара втор мандат: „Колку што ја сакам мојата работа, ја сакам мојата земја уште повеќе. По 50 години јавна служба решив дека е време нова генерација лидери да ја води мојата нација .

„Колеги, никогаш да не заборавиме дека некои работи се поважни од останувањето на власт, тоа се вашите луѓе“, рече тој.

„Иднината им припаѓа на оние кои го ослободуваат целиот потенцијал на својот народ да дишат слободно, да размислуваат слободно, да иновираат, да се образуваат, да живеат и да сакаат отворено без страв. Тоа е душата на демократијата“, рече тој.

Пред да замине од говорницата на ОН за последен пат, тој додаде: „Колеги, нема ништо надвор од нашите можности ако работиме заедно. Да работиме заедно“.

Израел изведе нов воздушен напад на Бејрут (ВИДЕО)

Главниот град на Либан, Бејрут повторно е на удар на израелските авиони.

Израелските одбранбени сили соопштија дека цел на денешниот напад биле јужните делови на либанската престолнина.

ИДФ соопшти дека извршила „целни“ воздушни напади врз упориштето на Хезболах во Бејрут.

Не се знае дали има загинати или повредени.

Според извори, целта бил еден од командантите на Хезболах.

Пронајден редок, добро сочуван крзнен носорог во Русија, стар над 32.000 години

Во близина на реката Тирехтјах, во автономната област Јакутија во Русија, пронајден е труп од исклучително добро сочуван влакнест крзнен носорог. Замрзнатиот труп е стар повеќе од 32.000 години.

Прочувањето го изврши тим научници предводени од Генадиј Боескоров од Геолошкиот институт за дијаманти и скапоцени метали.

Старо околу 32.400 години, ова суштество е наречено „Абиски носорог“. Наодот им даде на научниците уникатен увид во минатото, оти многу делови од меките ткива, кожата и волната на носорогот биле всушност недопрени во вечниот мраз. Неговото кратко, светло-бојно крзно покажува дека се работи за младо-угинато животно старо, со возраст од околу четири и пол години.

Крзнениот носорог научно наречен „Coelodonta antiquitatis“, постоеле милиони години до нивното истребување пред околу 10.000 години. Тоа било големо животно со два рога што живеело во подрачјето Евроазија, особено Сибир, за време на плеистоценот. Овие носорози биле цицачи и јаделе растенија. Овие суштества живееле заедно со крзнените мамути во леденото доба - како втори по големина животни во својот екосистем.

И покрај нивниот голем број во праисторијата, пронајдени се само неколку добро сочувани единки.

Можеби најизненадувачкото откритие е дебелата грпка на грбот на новопронајдениот носорог. Оваа „анатомска особеност“ никогаш досега не била видена кај крзнените носорози. Присуството на слични масни наслаги кај крзнените мамути укажува дека тие служеле за изолација или складирање енергија.

Истражувањата и прочувањето на волната откриле траги од водени болви и паразитски ракови кои исто така изумреле во областа.

притисни ентер