Загадувањето и цигарите ја влошуваат состојбата на лицата со ХОББ

По повод Светскиот ден за борба против хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), од Клиниката за пулмологија и алергологија денеска апелираа да се подигне свеста и да се реализираат кампањи за одвикнување од пушење. 

Беше нагласено дека треба да се остават цигарите, а аерозагадувањето беше наведено како дополнителен товар на пациентите со оваа болест. Она што поединци го користат за горење и греење во текот на зимата, поради недоволна свест и немање други финансии, како што беше исткнато, силно придонесува за вакви проблеми.

Најавена беше кампања за млади од осмолетки до гимназии за да може да сфатат колку е штетно пушењето, односно консумирање тутун, за белите дробови, за ХОББ, за астма, за канцер на бели дробови... Бидејќи, како што беше посочено, емисијата од цигари е штетна за сите луѓе, а особено е штетна кај младиот организам што се развива и за малиот мозок.

Доктор Деска Димитриевска, претседател на Македонското респираторно здружение, кажа дека симптоми на болеста се отежнато дишење, кашлица, и дека луѓето се навикнуваат на нив, како и дека многу доцна се бара помош. Често симптомите биле препишувани на цигари, загаден воздух, изложеност на нешто.

Димитриевска подвлече дека не треба да се потценува секоја кашлица, навремено да се бара соодветна помош.

- Многу е важно болеста да биде дијагностицирана рано, нагласи таа.

Бројот на заболени бил висок, не само во нашата држава.

На настанот беше посочено дека болеста претставува голем товар за државата, за здравствениот систем, но и за семејните буџети. Луѓето многу често отсуствувале од работа, како и нивни членови, за да се грижат за нив.

Доктор Јагода Стојковиќ нагласи дека пушењето е главен ризичен фактор за развој на болеста. Деведесет и пет отсто од пациентите кои имале ХОББ, се пушачи.

- Воздухот, особено во нашиот град, е загаден преку целата година, меѓутоа драматично станува за време на зимските периоди, потсети таа, а тоа имало големо влијание за влошувања кај пациенти со ХОББ.

Имале многу повеќе пациенти во амбулантите откако е почнато актуелното загадување деновиве, откако Скопје се најде меѓу најзагадените градови во светот.

Таа смета дека родителите може огромно да влијаат врз децата, кога е во прашање консумирањето тутун. Според неа, треба да се укажува на штетното влијание, а не да им се забранува, затоа што тоа може да има спротивен ефект.

Доктор Марија Здравеска појасни дека повеќе години како здружение и како клиника, работат за помош на пациенти за одвикнување од пушење.

- Апелираме повторно за да се зголеми достапноста на центри што би пружале психолошка поддршка, но и за достапноста на лековите со што би се третирала оваа зависност. Не сите лекови што се потребни, се достапни во моментов во Македонија, децидна беше Здравеска.

Директорот на оваа клиника, Оливер Зафировски потсети дека според најновата статистика, со 45 отсто од нашата популација, таа е лидер во консумирање цигари на Балканот.

- Тоа е многу висок коефициент на луѓе кои консумираат тутун, истакна Зафировски.

Тој советуваше да се остават цигарите, посебно електронските цигари.

- Моментално има голем маркетинг дека не се штетни, напротив, последните испитувања укажуваат дека се многу поштетни и од обично консумирање тутун, рече директорот.

Тој најави нови проекти во периодот што следува.

- Клиниката за пулмологија со која раководам веќе шест месеци ја подобрува својата ефикасност, активно се вклучуваме во најновите третмани и технологии преку што ќе ги подобриме идните потреби на пациентите со пулмонални заболувања. Во периодот што следи најавувам многу нови проекти, вложување во современа опрема, нови оддели и размена на искуства со европски еминентни доктори од оваа област, најави директорот.

Украина тврди дека Русија лансирала интерконтинентална балистичка ракета

Русија денеска лансирала интерконтинентална балистичка ракета „Кинџал“ од нејзиниот јужен регион Астрахан и седум крстаречки ракети, соопшти украинската војска.

Русија го употреби ова оружје со долг дострел за прв пат откако ја почна војната.

Нападот следуваше откако Украина оваа недела употреби американски и британски ракети за да нападне цели во Русија, за што Москва со месеци предупредуваше како потенцијална ескалација.

Цел на нападот биле бизниси и критична инфраструктура во централно-источниот украински град Дњепар, соопштија властите.

Не е познато што конкретно е погодено од интерконтиненталната ракета или дали има голема штета.

Руските ракети имаат дострел од неколку илјади километри и можат да носат нуклеарни боеви глави.

Украинскиот систем за противвоздушна одбрана собори шест крстосувачки ракети Кх-101 за време на нападот.

Воздухопловните сили на Украина соопштија дека ракетата била лансирана од областа Астрахан во Русија, но не прецизираа за каков тип на интерконтинентална балистичка ракета се работи.

Бајден поднесе барање до Конгресот за отпишување на долг кон Украина од 4,6 милијарди долари

Американскиот претседател Џо Бајден планира да отпише дел од долгот на Украина настанат преку економска помош, како и да воведе голем број други мерки за поддршка на напорите на Украина пред доаѓањето на администрацијата на Доналд Трамп.

Според американските медиуми, Бајден до Конгресот доставил изјава за намера да отпише половина од долгот на Украина за економска помош, во износ од околу 4,65 милијарди долари.

Дополнителниот пакет за безбедносна помош од 61 милијарда долари, што Конгресот и го додели на Украина во април, вклучуваше околу 10 милијарди долари економска помош како заем. Условите на понудата во тоа време му дадоа на Бајден овластување да прости до 50 отсто од тој заем.

- Го презедовме чекорот што го бара законот за да ги укинеме тие заеми, да ја обезбедиме таа економска помош за Украина, а сега Конгресот е добредојден да преземе иницијатива ако сака, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер. Тој додаде дека изјавата за намерите на Бајден била доставена до Конгресот минатата недела.

Иако Конгресот има можност да го отфрли барањето на претседателот, Милер рече дека очекува поддршка од американските пратеници за олеснување на долгот.

- Би бил изненаден доколку Конгресот преземе таков чекор, со оглед на огромната двопартиска поддршка во Конгресот за пружање помош, но ние ќе го следиме законот, рече Милер.

Администрацијата на Бајден вети дека ќе ја зајакне поддршката за Киев пред Доналд Трамп да ја преземе функцијата претседател на САД. Бајден вети дека ќе ги достави преостанатите шест милијарди долари помош доделени за Украина пред инаугурацијата на Трамп. Тој, исто така, одобри испорака на противпешадиски мини во Украина и го овласти Киев да напаѓа цели длабоко во Русија со ракети ATACMS.

Уапсени 11 лица за трагедијата во Нови Сад, меѓу нив екс министерот Горан Весиќ ...

Уапсени 11 лица за трагедијата на железничката станица во Нови Сад, меѓу нив Горан Весиќ и Јелена Танасковиќ.

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад соопшти дека вкупно 11 лица се уапсени и приведени во врска со трагедијата во Нови Сад, кога при падот на настрешницата на железничката станица загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени. Меѓу уапсените се министерот за градежништво Горан Весиќ, директорката на Инфарсатруктура на железниците на Србија Јелена Танасковиќ, поранешниот директор на Инфарсатруктура на железниците на Србија Небојша Шурлан и помошник на министерот за железнички транспорт Анита Димоски, јави дописникот на МИА од Белград.

По истрагата и деталната анализа на целата потребна документација, разговори со поголем број граѓани, и по извршеното вештачење за утврдување на причините и околностите под кои дошло до пад на настрешницата, што на 20 ноември беше доставено до обвинителството, и запознавање со наодите и мислењето на стручни лица од градежната струка, по наредба на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад се уапсени и приведени вкупно единаесет лица.

Поради постоење основи на сомнение, осомничените Ј.Т., Ѓ.В., А.Д. и Н.Ш. сториле кривично дело Тешко дело против општата сигурност од член 288 став 2 од КЗ во врска со кривичното дело Предизвикување општа опасност од член 278 став 3 во врска со став 2 од Кривичниот законик.

-Осомничени: С.Н., М.Ј., Љ.М.М., М.С., Д.Ј., М.Г. и Д.Т. сториле кривично дело Тешко дело против општата сигурност од член 288 став 2 од Кривичниот законик во врска со кривичното дело Непрописно и неправилно извршување градежни работи од член 281 став 1 од Кривичниот законик, се вели во соопштението.

Според РТС, меѓу 11-те уапсени се Горан Весиќ, Јелена Танасковиќ, Небојша Шурлан и Анита Димоски.

Во Вишото јавно обвинителство во Нови Сад претходно беа сослушани 66 лица, а распит чекаат уште пет лица.

При падот на настрешницата загинаа 14 лица, додека тројца се тешко повредени.

Дваесет и четиригодишната Ања Радоњиќ почина во Клиничкиот центар во Војводина и таа е петнаесеттата жртва во несреќата во Нови Сад.

Доктор Драган Николиќ, управник на Ургентниот центар на КЦ Војводина, вчера изјави дека лекарите постигнале напредок во лекувањето на две тешко повредени лица, кои беа извлечени од урнатините на Железничката станица во Нови Сад.

притисни ентер