Во Велес отворена самостојна изложба на Александра Гиноска

Гиноска појаснува дека оваа изложба е борба на внатрешните прекршувања до крајот на целта.

Во Ликовниот салон во Велес Народниот музеј синоќа ја организира самостојната изложба на академскиот уметик Александра Богоеска Гиноска од Прилеп која за првпат се претставува пред велешката публика со изложбата „Интервалите во мене“ која е нејзина најнова изложба со 14 дела акрил на платно поголеми и помали формати создадени во оваа 2024 година,а која за првпат ја презентира на јавноста во земјава.

Во информацијата за МИА, уметникот Александра Гиноска појаснува дека оваа изложба е борба на внатрешните прекршувања до крајот на целта.

-Темата е интервалите во мене,тука се работи за еден процес-долготрајно истражување на дијалог меѓу две димензии како што се времето и просторот и се онаа што се случува измеѓу.Односно животот на луѓето, како се конектираат, како ја црпат енергијата,како се развиваат,сето тоа е претставено во еден ликовен израз преку колоритот,текстурата,динамиката,хармонијата и.т.н,Сето тоа води нишка и со самата природа, појаснува Гиноска.

Додава дека нејзините дела се спознавањето на себе си,емотивниот развој на човекот,како правилно да ги користиме ресурсите и како правилно да се развиваме за да имаме подобар и поугоден живот, со мир и убави работи.

Промоторката на изложбата професорката и писател Нада Алексоска пред присутните потенцира дека во нејзините дела има раскошни бои.

-Нејзините дела рефлектираат бурни внатрешни емотивни слики и кулминациски состојби кај поединецот.Со примената на разни контрасти на многубројни ликовни елементи,авторката манифестира разиграни динамични дела-дијалози односно според неа во сликите меѓу чистите површини има одреден акцент на динамиката и тоа е интервал кој го доживуваме во просторот и времето,појасни Алексоска.

Инаку изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура.

Авторката Александра Богоеска Гиноска која дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на отсекот вајарство –конзервација и реставрација досега учествувала на бројни групни и самостојни изложби, сликарски и вајарски во земјава и странство.

Митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј испратен до неговото вечно почивалиште на Плаошник

Митрополитот Дебарско-кичевски, господин Тимотеј, денеска беше испратен до неговото вечно почивалиште, во јужната апсада на храмот на „Свети Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид.

Со владиката Тимотеј се простија сите членови на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, свештеници од епархијата, од другите Помесни православни цркви, бројно свештенство од целата земја. Во заупокоената Света архиерејска литургија одржана во катедралната црква „Света Софија“ учествуваа и двајца владици од Српската и еден од Бугарската православна црква.

Со церемонијата на погребението чиноначелствуваше Неговото блаженство архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, кој покрај верските обреди, имаше и свое световно обраќање до верниците собрани во Охрид да се простат од владиката Тимотеј.

- Никому и никаде не е лесно да говори на вакво место и на ваков повод. Особено не му е лесно да слови на човек за човекот со кого се познава, со кого повеќе од половина век работел за иста цел, за исти идеали...По молитвите на светите Климент и Наум, честопати бевме удостојувани да бидеме ангажирани како членови на комисии и претставници на нашата света црква и насекаде и пред секого, без да се договараме секогаш имавме исти ставови, исти прашања, исти одговори...Можевме заедно зашто носевме иста рана, зашто чувствуваме иста болка и баравме ист лек. И му благодарам на Бога што пак заедно го најдовме. Како што заедно со децении тагувавме така и заедно се израдувавме и во Цариград и во Белград и оттогаш и пред секого и насекаде, рече поглаварот на МПЦ.

Во емотивното обраќање тој му се обрати на упокоениот дедо Тимотеј, дека како негов сослужител, како архиереј во Австралиската и во Дебарско-кичевската епархија оставил дело што, како што рече, „ниту рѓата ќе го нагризи, ниту молците ќе го јадат“. Притоа тој ги спомена сите зафати спроведени во епархијата од страна на Митрополитот Тимотеј, и на молитвениот богослужбен план и во градителството и во возобновувањето на древните светињи со кои изобилуваат Охрид и Дебарско-кичевската епархија.

- Плаошник и Свети Наум, Света Софија и Перивлепта, Бигорски, Пречиста, Канео и Заум и уште други многу светињи сега ни одблизу не се какви што беа и какви што ги наследивте. Дојдовте во вистинско време за паднатите светињи да ги подигнете, а урнатите да ги обновите. Градевте и обновувавте храмови и манастири, обновивте монаштвото, но најмногу од се помогнавте да се обнови и да се ради Црквата во душите на богољубивите и хростожедни луѓе, рече архиепископот Стефан.

Поглаварот на МПЦ уште истакна дека Тимотеј како вистински архипастир и архиереј помогна „Света Софија“ повторно да си го има местото за кое е изградена, да биде храм на Божјата мудрост и да продолжи да биде непоместлив и неосвојлив трон за радост и слава на охридските архиепскопи.

- Работевте неуморно и сиот свој живот и го посветивте на Црквата Христова и Македонска и на својот богољубив македонски народ. Во Охрид доаѓале многу архиереи, некои од тука, некои од подалеку, но времето ќе потврди дека никој не дал колку Вас и како Вас. Па никој не дошол по Свети Климента за да замине, туку за да остане. И не случајно телесно заскогаш ќе се населите на Плаошник, покрај Свети Климента, за и оттаму да продолжите да помагате да се доистражи недоистраженото, да се дообнови недообновеното, и секако и пред се, да се одбрани вистината наша охридска и македонска, рече поглаварот на МПЦ.

На крајот тој му порача на владиката Тимотеј со заминувањето да ја пренесе веста до блажените македонски архепископи, кои христиљубиво и богугодно му служеле на македонскиот народ и до сите кои молитвено помагале да се врати достоинството на древната охридска столица...

- Присуството на браќата архиереи од соседните помесни цркви, како и пристигнатите писма и пораки со изрази на сочувство, го потврдуваат и новото време во кое Вие возљубен владико во изминативе повеќе од четири децении неуморно придонесувавте за како поколение да го дочекаме ова исполнето време за нашата Света црква...рече архиепископот Стефан.

По повод упокојувањето на владиката Тимотеј, Општина Охрид денешниот ден го прогласи за Ден на жалост, откажувајќи ги сите културно-забавни збиднувања на територијата на Општината.

Митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј почина на 25 ноември во Скопје, каде беше хоспитализиран поради проблеми со срцето.

Владиката Тимотеј раководеше со Дебарско–кичевска епархија од 1981 година како нејзин администратор со седиште во Охрид, од каде ќе раководи и со Австралиската аперхија до 1995 година кога доброволно ја отстапува на друг надлежен архијереј.

Изминатите 43 години како архијереј на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Митрополитот Тимотеј извршуваше и многу други одговорни задолженија како секретар на САС на МПЦ и администратор на Повардарската епархија, како и портпарол на Синодот на МПЦ.

Ричард Гир се пошегува: Мојата сопруга не знаеше кој сум, мислеше дека сум Клуни

Ричард Гир (75) и неговата сопруга Алехандра Силва (41) засекогаш ќе ја паметат првата средба и тоа поради урнебесна причина.

Познатиот актер во интервју за шпанскиот „Elle“ се пошегува дека неговата сопруга „немала поим“ кој е тој кога се запознале.

„Таа мислеше дека сум Џорџ Клуни“

- Ништо. Не ги гледала филмовите, што беше прекрасно. Бев среќен поради тоа“, рече Гир, но сопругата го прекина, велејќи: „Не, чекај малку Ричард, знаев кој си ти“.

Сепак, таа тогаш призна дека не ги гледала сите негови филмови, а Гир се пошегувал: „Мислеше дека сум Џорџ Клуни“. Неговата сопруга признала дека навистина гледала некои од неговите филмови и дека се заљубила во него поради филмот „Time Out of Mind“ од 2014 година.

Во брак се шест години

За потсетување, парот се венча на тајна церемонија во април 2018 година, а заедно ги имаат 5-годишниот син Александар и 4-годишниот син Џејмс. Гир е и очув на 11-годишниот син на Силва, Алберт од претходниот брак и татко на 24-годишниот Хомер, кој го имаше со поранешната партнерка Кери Лоуел.

Извор: Индекс.хр

Истанбулското обвинителство истражува внесување на голема сума фалсификувани долари

Истанбулското обвинителство отвори истрага за дистрибуирање на голема количина фалсификувани долари во различни делови на Турција, објави Си-Ен-Ен Турк.

Според информациите, се смета дека на пазарот се пуштени фалсификувани банкноти со апоени од 50 и 100 долари, во вкупна вредност од 600 милиони долари.

Според економскиот портал „Економим“, вкупната сума на фалсификувани долари внесени во Турција веројатно надминува една милијарда долари, а најголемиот дел се апоени од 50 долари.

Фалсификуваните долари главно се внесени од Сирија, Иран и земји од Балканот, наведуваат експерти.

Во градовите Газиантеп, Анталија, Измир и Истанбул е потврдена нивната присутност.

притисни ентер