Мицкоски: Немаме платформа против Албанците, туку платформа против партиските профитери

Немаме платформа против Албанците, туку платформа против партиските профитери и криминалци.

ДУИ ја менува реториката во милитантна со цел да се создадат етнички тензии кога ја губи власта и затоа што нејзини членови треба да одговараат за криминал, смета премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на прашање на пратеничката од ДУИ Арбана Пашоли која обвини дека Владата спроведува „платформа против Албанците“.

Како што рече, „ова не е платформа против Албанците, ова е платформа против партиските профитери и криминалци“, без разлика на нивната етничка припадност, доколку се осомничени за сторен криминал.

Мицкоски и порача на Пашоли да им пренесе на нејзините сопартијци кои, рече, требало да седат покрај неа, „дека најголем дел од нив и ним блиските се поврзани со основани сомнежи за злоупотреба и сторен криминал којшто го направиле во изминатите повеќе од 20 години активно учествувајќи во власта“.

-Жалам што поради тоа што со употреба на европско знаменце, преку политички мускули донесовте измени во Кривичниот законик, па најголем дел од тие луѓе, на кои сега им се обраќам преку вас, нема да може да одговараат. Затоа вие и ги донесовте тие измени на Кривичниот законик за тие луѓе да ги заштитите да не одговараат. Сега се кријат зад превезот на создавање етничка фрикција. Ние тоа нема да го дозволиме бидејќи сме одговорна влада која се грижи за сите граѓани на целата територија на Македонија, истакна Мицкоски.

И предложи на пратеничката да праша некој од Извршниот комитет на ДУИ зошто дел од нивните роднини, за кои веќе има поднесено кривични пријави, не се во земјава и се избегани, и како „се купуваат трговски центри од голобради момчиња“ во центарот на Скопје, исто како и „деловни објекти од стотици квадратни метри од роднини на високи функционери на ДУИ“ кои, рече, и со помош на алхемија не можеле ни приближно да стекнат такво богатство. Ја покани пратеничката да прошетаат за да ги видат „хациендите во кои живеат луѓе кои се дел од структурите на ДУИ, ним блиски и нивни роднини“, и нивната имотна состојба да ја споредат со она што го поседувале пред 20 години.

-Наеднаш кога не сме на власт, кога не можеме да играме фудбалчиња по канцеларии и не можеме да ги злоупотребуваме и користиме ресурсите кои ги плаќаат граѓаните, кога не можеме да живееме на товар на буџетот, тогаш веќе преминуваме на реторика која е милитантна и има цел да создаде фрикција, етнички тензии, бидејќи сте немоќни на друг начин да привлечете луѓе кои ќе ви се приклучат. Зашто Албанците се многу паметни во нашата Македонија и тие знаат што правевте изминатите 20 години и ги гледаат белите дворци што се изградија преку ноќ, рече Мицкоски со порака до ДУИ да се реорганизира, реструктурира и да направат нова платформа.

За обвинувањето од пратеничката Пашоли дека со иницијативата за преразгледување на Законот за употреба на јазиците во Уставниот суд се оспорува албанскиот јазик, премиерот одговори дека тие се судиите предложени токму од нејзината партија и дека се „истите обвинители и судии“ кои од разни причини и оправдувања не потпишуваат налог за претрес или приведување на осомничени за криминал.

-Истите тие се денес во Уставниот суд кои вие ги гласавте и вие ги предлагавте. Не јас, не ВМРО-ДПМНЕ, вие заедно со вашите коалициски партнери од СДСМ и останатите политички партии кои го формираа тоа мнозинство. ВМРО-ДПМНЕ беше против. Ваму сте моќни - овие преку ноќ да добијат анксиозност, дијареја и повишена температура и да не можат да потпишат налог за претрес, приведување за осомничени за сторен криминал и сега сакате да кажете дека ние, од владината коалиција, можеме нешто да направиме. Не, тезата ви е погрешна, рече Мицкоски.

Пратеничката Пашоли реплицираше дека е разочарана од одговорот на премиерот и смета дека ја злоупотребил собраниската говорница зашто само две минути посветил да одговори на нејзиното прашање кое, рече, е многу важно за Албанците.

-Не кажавте јасно и гласно дека не сте против употребата на албанскиот јазик... Ако со дела, а не со зборови, ќе ги уцените правата на Албанците, тогаш ќе ја ставите во опасност иднината на Македонија, рече пратеничката на ДУИ.

Обвинителство за четири лица поведе истрага за приредување на игри на среќа без лиценца

Четворица штипјани приредувале игри на среќа без лиценца. 

Јавниот обвинител донесе наредба за спроведување на истражна постапка против две лица, додека за две лица се води скратена постапка. Во денешното соопштение од Јавното обвинителство на Република Македонија (ЈОРМ) се вели дека под раководство на предметен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во текот на вчерашниот ден до доцните вечерни часови Единицата за финансиски истраги при МВР спроведе оперативна акција во која се приведени лица и се обезбедени бројни материјални докази. При претресите се одземени златен накит, четири патнички моторни возила, пет мотоцикли и еден четирицикл. Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР.

- Според описот содржан во диспозитивот на наредбата прво и второосомниченото лице како соизвршители во четиригодишен временски период од 01.01.2020 година до вчера, заеднички и по претходен договор, спротивно на одредбите од Законот за игрите на среќа и за забавните игри, во нивната семејна куќа во Штип, недозволено преку глобална интернет мрежа, организирале и приредувале интернет игри на среќа, со што сториле кривично дело Приредување на игри на среќа без лиценца односно дозвола од надлежен орган од чл. 156 ст. 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри во врска со член 22 од КЗ, се вели со соопштението од ЈОРСМ.

Во него се наведува дека двајцата сопружници откако обезбедиле средства и компјутерска опрема, ангажирале лица кои првоосомничената ги обучила за користење на платформа за опслужување на заинтересирани клиенти, а второосомничениот им давал совети и обезбедувал електронска опрема, телефонски мобилни уреди и СИМ картички за вработените со што дал особен придонес во незаконските дејствија. Со клиентите, кои морало да бидат турски државјани, комуницирале преку апликациите за контакт Skype и Whatsapp нудејќи им поволности за обложување и игри на среќа, за што според првичните сознанија осомничените добивале одреден процент во криптовалути на „Електронски паричник“ сопственост на првоосомничената.

- Со намера да го прикријат изворот на парите, нелегално остварените приходи што ги примале во криптовалути, потоа ги претворале во странска валута – долари или евра и ги пренесувале на „Електронски паричник“ сопственост на менувачница за размена на криптовалути. Оттаму парите ги подигнувале во готовина, помал дел ги пуштале во промет трансферирајќи ги кон странски државјани со кои немале воспоставено должничко доверителски односи, а поголемиот дел ги внесувале во легални финансиски текови, ги уплаќале на своите денарски сметки и купувале движен и недвижен имот и водејќи луксузен живот иако биле невработени и приматели на социјална помош, се вели во соопштението.

Од обвинителството велат дека во прикривањето на изворот на парите учествувале и нивната ќерка и уште едно лице, тие примиле парични средства за кои биле должни и можеле да знаат дека се прибавени од казниво дело со приредување на игри на среќа преку глобална интернет мрежа и ги пуштиле во оптек набавувајќи две патнички моторни возила. Со овие дејствија четворицата осомничени дека сториле кривично дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“ од чл. 273 од КЗ.

- Ценејќи дека се исполнети законските услови, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје денеска ќе достави предлог за определување на мерка притвор за двајцата првоосомничени и мерки на претпазливост за останатите, пишува во соопштението на ЈОРМ.

Приватните превозници се заканија со блокади доколку не бидат прифатени нивните барања

Приватните превозници се заканија со блокади во Скопје откако вчера на дневен ред на седницата не беше ставено нивното барање за повисока цена за изминат километар.

Градоначалничката Арсовска бара вонредна седница на Советот, а претседавалчот Славески пред малку даде изјава за медиумите.. Пред Град Скопје е Дејан Трајковски.

Дејан кои се барањата на приватните превозници и ќе има ли нова седница на советот?

Во видеото погледнете го целиот извештај.

Прилепски ученици со прва награда од УЈП

Учениците од струката за графички уредник - дизајнер при прилепското средно електромашинско училиште „Ристе Ристески Ричко“ се добитници на првата награда за изработено видео во рамките на кампањата на УЈП за фискална едукација на младите. 

Тие изработија видео под мотото „Данок плати, во иднина да ти се врати“. Претставници од УЈП денеска во просториите на училиштето им доделија пригодни награди и подароци.

-Во рамките на делокругот на работа на Управата за јавни приходи се спроведува фискална едукација за млади за тоа што значи плаќање даноци и кои се придобивките од тоа за граѓаните. За таа цел секоја година УЈП ги посетува средните училишта во земјава. Оваа година УЈП распиша конкурс за најдобро видео со цел учениците да бидат интерактивни во самата едукација. Добивме 22 видеа од исто толку средни училишта. Сите беа навистина добро направени, комисијата имаше тешка задача, но сепак одлучивме како најдобро да биде видеото од учениците од струката графички уредник- дизајнер од средното електромашинско училиште „Ристе Ристески Ричко“ од Прилеп, изјави Мухедин Авдиќ, раководител на сектор за даноци, услуги на даночни обврзници при УЈП.

Награденото видео учениците го изработиле за кусо време преку кое прецизно ја нагласиле целта дека доколку се плаќа данокот, тоа им се враќа за подобро секојдневие на граѓаните.

-Учествуваме на конкурсот и во навистина краток период, еден ден, учениците од струката графички уредник- дизајнер го подготвија видеото. За идејата во видеото тргнавме од тоа доколку не се плаќаат даноците, улиците и училиштата ќе бидат руинирани. Конкретно, имаме родител кој не го плаќа данокот и со своето дете поминува по руинирани патишта. Во спротивно, кога ќе го плати данокот, патот е поплочен и има убав парк да се помине. Горд сум на учениците што добија прва награда, рече Александар Костадиноски, професор во електромашинското училиште „Ристе Ристески Ричко“.

Во оваа фискална едукација на младите што ја спроведува УЈП, прв пат се изработуваат видеа и ова е прва доделена награда за учениците.

Фискалната едукација е во пресрет на „Свети Матеј“, заштитникот на даночните службеници.

притисни ентер