Во израелските воздушни напади врз Бејрут загинаа најмалку 22 лица

 Бројот на загинатите во вчерашните два израелски воздушни напади врз Бејрут се искачи на 22, а 117 луѓе се повредени, соопшти Министерството за здравство на Либан.

Израелската авијација третпат за дваесетина дена ги напаѓа јужните предградија на Бејрут, каде што се наоѓа упориштето на Хезболах.

Тоа е најсмртоносен напад откако Израел на 23 септември почнаа нападите врз либанското проиранско движење Хезболах. Оттогаш во нападите на израелската армија (ИДФ) ширум Либан убиени се повеќе од 1.200 луѓе, а еден милиони беа принудени да ги напуштат своите домови.

Едниот напад беше во областа Рас ал Наба, а другиот во квартот Бурџ Аби Хаидар. Либанското Министерство за здравство соопшти и дека при еден од израелските напади во Бејрут урната е зграда.

Според неименувани либански безбедносни извори мета на синоќешните израелски напади бил Вафик Сафа, кој ја предводи единицата за врски и координација на Хезболах одговорна за соработка со либанските безбедносни агенции. Сафа го преживеа нападот.

Обидот за елиминација на Сафа значи дека ИДФ ги прошири целите, бидејќи претходно беше фокусирана на воените команданти и највисоките лидери на Хезболах.

Израел повторно ги интензивира и воздушните и копнените операции во Појасот Газа. Палестинската Црвена полумесечина вчера соопшти дека во нападот врз училиштето Рафида во Деир ел-Балах во центарот на Појасот Газа, во кое се засолнуваат раселените семејства, загинаа 28 лица, а 54 се повредени.

Израелската армија тврди дека користи „прецизни воздушни напади врз терористите кои дејствуваат во згради, што претходно биле користени како училишта“. /МИА

За една седмица 613 хоспитализирани и 17 починати од Ковид-19 во Грција

Од Ковид-19 починале 17 лица, додека просечниот неделен број на смртни случаи во претходните четири седмици бил 28. 

Намалување на позитивните, хоспитализираните и починатите од Ковид-19 е регистрирано во текот на минатата седмица во Грција, согласно официјалните податоци од неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина.

Во периодот од 30 септември до 6 октомври позитивноста кај сите тестирани примероци е намалена во однос на претходната седмица, регистрирани се 613 нови хоспитализации, што исто така бележи намалување во однос на минатата седмица, додека просекот во претходните четири седмици бил 592 лица, а вкупно 23 пациенти се приклучени на апарати.

Од Ковид-19 починале 17 лица, додека просечниот неделен број на смртни случаи во претходните четири седмици бил 28. /МИА

Кисела Вода ги одбележа Светскиот ден на лицата со церебрална парализа и Детската недела

Со инклузивна детска претстава Кисела Вода ги одбележа Светскиот ден на лицата со церебрална парализа и Детската недела

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски синоќа беше дел од одбележувањето на Светскиот ден на лицата со церебрална парализа и Детската недела. Во МКЦ, во организација на Општина Кисела Вода, Здружението на деца и родители со церебрална парализа, заедно со децата од Детскиот алтернативен театар „Мали, а, големи“, пред преполна сала, се одигра инклузивната детска претстава „Малиот принц“.

-Денес сме тука заедно да го одбележиме Светскиот ден на лицата со церебрална парализа и Детската недела, на еден навистина посебен начин – со инклузивната театарска претстава „Малиот принц“. Оваа претстава е доказ дека инклузивноста не е само збор, туку вредност која ние како општина ја негуваме и применуваме преку конкретни проекти. Денес на оваа сцена ќе видиме како децата од Здружението на деца и родители со церебрална парализа, заедно со децата од Детскиот алтернативен театар „Мали, а, големи“, ни го претставуваат светот на пријателството, љубовта и храброста.

Преку овој настан јасно се гледа дека сите деца, без разлика на нивните предизвици, имаат еднакви можности да ги покажат своите таленти и да учествуваат во општествените активности. Со секој ваков проект ја намалуваме маргинализацијата и го отвораме патот за поинклузивно и поправедно општество.

Во Општина Кисела Вода, инклузивноста е приоритет во секој сегмент од нашата работа. Со бројни проекти покажавме дека секое дете заслужува шанса да сонува, создава и учествува, без пречки и ограничувања. Оваа претстава е само еден од многуте примери каде нашата општина стои цврсто зад идејата за еднаквост и поддршка за сите.

Ве уверувам дека со вакви и слични проекти ќе продолжиме да ги отвораме вратите за сите деца и да создаваме средина каде сите се прифатени и вреднувани за тоа што се. Благодарам на сите кои го поддржаа овој прекрасен проект и на сите деца учесници кои ќе ни ја пренесат магијата на театарот-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во своето излагање пред присутните.

Претставници на НБ работеа на клучно истражување за македонската економија објавено од ММФ

Претставници на НБ работеа на клучно истражување за македонската економија објавено од ММФ

Како резултат на заедничкиот проект на експерти од Народната банка и од Чешката централна банка, изготвен е работен материјал, под наслов „Преглед на новиот калибриран модел ДСГЕ за економијата на Македонија“, од авторите Тибор Хледик, Јоана Маџоска, Мите Митески и Јан Влчек, којшто беше објавен во реномираната серија работни материјали на ММФ. Изготвувањето на трудот е во рамките на проект за техничка соработка со експерти од ММФ и од Чешката народна банка, чијашто цел беше изградба на нов динамички стохастички модел на општа рамнотежа (ДГСЕ) за македонската економија. Ова претставува прв труд од нашата институција којшто се објавува како работен материјал на ММФ, со што се дава важен придонес во афирмирањето на Народната банка во меѓународни рамки и во јакнењето на нејзината аналитичка инфраструктура, доближувајќи ја до стандардите на централните банки од развиените економии.

Работниот материјал нуди детална анализа на меѓусебните поврзаности на секторите во македонската економија со примена на софистицираниот модел ДСГЕ, којшто беше приспособен соодветно за да ги опфати нејзините карактеристики, а добиените резултати ја нагласуваат неговата корисност како алатка за обликување на монетарната политика на Народната банка засновано на информации.

Овој објавен труд не само што ја истакнува работата и посветеноста на нашиот кадар, туку ја подвлекува и улогата на нашата институција како водечка во придонесот кон истражувањата од економската област во нашата држава.

Целиот труд можете да го прочитате на следнава врска.

притисни ентер