Кисела Вода ги одбележа Светскиот ден на лицата со церебрална парализа и Детската недела

Со инклузивна детска претстава Кисела Вода ги одбележа Светскиот ден на лицата со церебрална парализа и Детската недела

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски синоќа беше дел од одбележувањето на Светскиот ден на лицата со церебрална парализа и Детската недела. Во МКЦ, во организација на Општина Кисела Вода, Здружението на деца и родители со церебрална парализа, заедно со децата од Детскиот алтернативен театар „Мали, а, големи“, пред преполна сала, се одигра инклузивната детска претстава „Малиот принц“.

-Денес сме тука заедно да го одбележиме Светскиот ден на лицата со церебрална парализа и Детската недела, на еден навистина посебен начин – со инклузивната театарска претстава „Малиот принц“. Оваа претстава е доказ дека инклузивноста не е само збор, туку вредност која ние како општина ја негуваме и применуваме преку конкретни проекти. Денес на оваа сцена ќе видиме како децата од Здружението на деца и родители со церебрална парализа, заедно со децата од Детскиот алтернативен театар „Мали, а, големи“, ни го претставуваат светот на пријателството, љубовта и храброста.

Преку овој настан јасно се гледа дека сите деца, без разлика на нивните предизвици, имаат еднакви можности да ги покажат своите таленти и да учествуваат во општествените активности. Со секој ваков проект ја намалуваме маргинализацијата и го отвораме патот за поинклузивно и поправедно општество.

Во Општина Кисела Вода, инклузивноста е приоритет во секој сегмент од нашата работа. Со бројни проекти покажавме дека секое дете заслужува шанса да сонува, создава и учествува, без пречки и ограничувања. Оваа претстава е само еден од многуте примери каде нашата општина стои цврсто зад идејата за еднаквост и поддршка за сите.

Ве уверувам дека со вакви и слични проекти ќе продолжиме да ги отвораме вратите за сите деца и да создаваме средина каде сите се прифатени и вреднувани за тоа што се. Благодарам на сите кои го поддржаа овој прекрасен проект и на сите деца учесници кои ќе ни ја пренесат магијата на театарот-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во своето излагање пред присутните.

Димитриевски: Сите граѓани да имаат еднакви права при вработување

Суштински да се заложиме за квалитет, вели Димитриевски.

Кумановскиот градоначалник и претседателот на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, денеска од Куманово изјави дека сите треба да се заложат за квалитет при вработување, да им се даде можност за вработување на најквалитетните без разлика на која етничка заедница ѝ припаѓаат. Одговарајќи на новинарски прашања по завршување на централната манифестација на Спомен костурницата, Димитриевски нагласи дека не може да ја коментира одлука на Уставниот суд.

- Што се однесува до „балансерот“ немам што тука да коментирам. Ставот на мојот политички субјект ЗНАМ, на претставниците е во извршната власт коишто ги претставуваат нашите политики е јасен. Сите граѓани мора да имаат еднакви права и етничкиот предзнак не треба да биде привилегија на некои во делот на вработување, освен да се залагаме за политички квантитет, треба суштински да се заложиме за добиеме квалитет и да им дадеме шанса на најквалитетните без разлика кој од која етничка заедница доаѓа или пак од македонскиот народ. По основ на „балансерот“, Уставниот суд си го кажа своето и јас тука не можам ништо да коментирам, како и да е ја поздравувам таа одлука, изјави Димитриевски.

Тој го честиташе 11 Октомври на граѓаните, укажувајќи дека Куманово традиционално и достоинствено го одбележува Денот на македонската борба против фашизмот и повика на сплотеност, сложност на сите граѓани на државата.

- Од кумановска Спомен костурница, сакам да упатам неколку пораки до граѓаните, да бидеме сплотени, сложни ние Македонците, сите претставници на етничките заедници, бидејќи оваа држава е наша мора да се бориме за неа и да ја сочуваме тоа им го должиме на претходните генерации, рече Димитриевски.

Пред Споменикот на револуцијата во Тетово се одбележа Денот на народното востание

За време на одбележувањето беше прочитан пригоден реферат за значењето на 11 Октомври изработен од професорот по историја Љубиша Марковиќ.

Во Тетово пред Споменикот на победата (револуцијата) денеска се одбележа Денот на народното востание 11 Октомври, во организација на Сојузот на борци на Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија и граѓаните продолжувачи од Тетово, како и гарнизонот при касарната „Кузман Јосифоски-Питу“. Чествувањето почна со интонирање на македонската химна и едно минутно молчење во чест и слава на сите загинати борци во Народно-ослободителна борба и припадници на АРМ како и со положување цвеќе пред Споменикот.

За време на одбележувањето беше прочитан пригоден реферат за значењето на 11 Октомври изработен од професорот по историја Љубиша Марковиќ.

-11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ, проникнати во Карпошовото, Разловечкото,Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување. Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција,Македонскиот народ застанал на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилната негација на човековите вредности. 11 Октомври е симболот на македонската борба за слобода. Нашата историја треба да не мотивира да чекориме напред,затоа што во слободата за Македонија се вградени судбините на голем број млади луѓе, кои не се штедеа во борбата за слобода и формирање на македонската држава, беше посочено на одбележувањето од историскиот реферат.

На одбележувањето цвеќе пред Споменикот на револуцијата положија делегации на општинската организација на Сојузот на борци Тетово, од касарната „Кузман Јосифовски Питу“, Секторот за внатрешни работи Тетово, општинска организација на СДСМ Тетово, општински комитет на ВМРО ДПМНЕ Тетово, тетовскиот огранок на Левица, претставници на партијата ЗНАМ Движење за Македонија, Организацијата на резервните воени старешини како и Здружение на пензионери на Тетово.

Школа за млади лидери: Младите се силата што нуди иновативни решенија

Младите се силата што нуди иновативни решенија за комплексните светски проблеми

Младите луѓе се моќна сила со огромен потенцијал за позитивни промени. Тие се силата што турка иновативни решенија за некои од најкомплексните светски проблеми, од климатските промени, преку нееднаквоста до геопполитичките тензии, сето тоа преку дипломатија, интеркултурен дијалог и соработка. Нивата способност да слушаат, учат и да учат од примери покажала дека мирот не е апстрактен идеал туку нешто што активно може да се достигне преку меѓусебна почит и споделени цели. Тоа меѓу останатото беше посочено од говорниците на 15. Школа за млади лидери насловена „Лидерство за мир“ што во организација на Канцеларијата на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов се одржува во Охрид.

- Искуствата од изминатите 15 лидерски школи покажуваат дека младите бараат инклузивно и емпатично лидерство. Во глобализираниот свет, лидерите треба да бидат способни да ја прифатат различноста и да ги сфатат перспективите на различни групи. Емпатијата и способноста да се разберат и послушаат потребите на сите граѓани независно нивните етнички, културни или социјални разлики е клучен аспект на модерното лидерство. Младите се повеќе се определуваат за трансформативно лидерство, тоа е лидерство кога лидерите треба да бидат визионери што че ги инспирира другите да посегнат по промени, рече Ѓорѓе Иванов во обраќањето пред учесниците на собирот.

Според него, младите лидери се повеќе се насочуваат кон содавање иновативни решенија што водат кон долгорочен напредок. Младите лидери се определуваат за етичко лидерство што ја зема предвид општата благосостојба и е транспаретно во сите процеси. Тоа, според Иванов, помага во градањето доверба кај граѓаните и долгорочна политичка стабилност.

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, во видео-обраќањето пред младите лидери истакна дека културната диполматија во денешниот свет не само што промовира позитивен имиџ, туку придонесува и за напредок на мирот, толеранцијата и разбирањето меѓу нациите.

- Културата е есенцијален инструмент за превенирање конфликти и зајакнување на меѓународните односи. Преку неа можеме да градиме меѓусебни врски што нема да се засноваат само врз економски и политички основи, туку и на споделени човечкови вредности и права. Учесниците на овие школи прво градат пријателства, стекнуваат способности за лидерство и се подготвуваат за предизвиците со кои ќе се соочат во иднина, рече Муцунски.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, во оваа прилика посочи на улогата на Охрид како важен центар на мирот и дијалогот, местото каде што беше потпишан Охридскиот Рамковен договор како еден важен момент од поновата историја што стави крај на еден конфликт и ја отвори вратата за стабилизација на државата, но и на поширокиот регион.

- Денешната панел дискусија обработува тема која е од клучно значење за регионалната и меѓународната политика. Во ерата на глобализација, културните мостови што ги градиме се неопходни за заедничко разбирање. Тие мостови не само што ни овозможуваат да ги споделиме нашите различности, туку и да го откриеме сето она што не обединува. Одговорноста и улогата на младите лидери е да ги зацврстат овие мостови и да создадат мрежа на пријателства и соработка која ќе го зајакне нашиот глобален мир, рече Пецаков.

За да се искористи потенцијалот што го носат младите лидери, неопходна е нивна активна вклученост во процесите, во институциите, во сите сфери на општественото живеење и делување.

Меѓутоа, статистиката не оди во прилог на тие цели. Повеќе од половината од светската популација се лица под 30 години, а само 2,6 отсто од нив се непосредно вклучени во носењето политички одлуки.

Според извештајот на Интерпарламентарната унија, во 193 национални парламенти младите се застапени со само 2,87 проценти. Во 33 национални парламенти нема ниту едне пратеник до 30 години. Во Македонија застапеноста на младите во Собранието е 2,5 проценти.

притисни ентер