ВМРО-ДПМНЕ ќе гради став околку повикот на Филипче за затворена собраниска седница за ЕУ

Премиерот Мицкоски не го отфрла ад хок барањето на лидерот на СДСМ Филипче, за да се свика собраниска седница на која власта ќе ги презентира понатамошните чекори за евроинтегративниот процес на земјава. 

Во краток одговор денеска од Криволак, Мицкоски кажа дека прво ќе го анализирале предлогот на Филипче, па ќе донеселе одлука дали ќе ги вкрстат аргументите со опозицијата во законодавниот дом.

-Мора Венко Филипче и нешто да каже. Сега тој одбрал тоа да го каже. Во ред еве ќе го анализираме предлогот на г-динот Филипче и брзо од денеска ќе дадеме одговор на овој предлог, изјави Мицкоски.

Лидерот на СДСМ во телевизиско интервју синоќа го повика премиерот да свика затворена седница доколку има, како што рече сензитивни информации околу преговорите со ЕУ. Според Филипче, ВМРО-ДПМНЕ и целото владејачко мнозинство имаат обврска пред јавноста да го кажат планот како понатаму по европскиот пат. Доколку не го направат тоа, Филипче најавија дека пратениците од СДСМ ќе иницираат таква седница.

-Не е ултиматум, туку тоа е јасен став на целата ЕУ и не е билатерално прашање. Треба Владата јасно да го каже планот како ќе продолжиме. Но, тоа не е екслузивно право на власта. Премиерот кажува дека има земји кои го разбирале неговиот став, наводно давале поддршка, и го повикувам да свикаме собраниска седница. Ако треба да биде и затворена. Меѓутоа ВМРО-ДПМНЕ и целокупната власт има обврска да каже како по тој пат понатаму. Доколку тие тоа не го направат, таква седница во Собранието ќе иницираме ние од СДСМ, изјави Филипче за ТВ 21.

Силна поддршка за македонските интеграции и стреташките цели на државата уште еднаш изрази и американската амббасадорка во земјава Анџела Агелер која заедно со премиерот Мицкоски и министерот за одбрана Мисајловски присуствуваше на денешната вежба на армискиот полигон „Криволак“. Како што изјави, Македонија нема поголем поддржувач и партнер во остварување на нејзините цели од САД, а тоа според неа, било потенцирано и на средбата меѓу претседателите Џо Бајден и Гордана Сиљановска Давкова во Њујорк.

Трговскиот дефицит во Албанија достигна историски рекорд

 Оваа календарска година сè уште не е завршена, но статистиката за периодот јануари-ноември покажува дека ова ќе биде година со најголем трговски дефицит во поновата историја на Албанија, со значителна разлика во однос на минатата година.

И покрај ова, националната валута има тенденција на зајакнување и ја принуди Централна банката на Албанија масовно да интервенира на пазарот, објавија албанските медиуми, пренесувајќи информација на БИРН.

Дефицитот во стоковната размена достигна 469 милијарди лека или 4,7 милијарди евра за единаесетмесечниот период што е зголемување од 72 милијарди лека во однос на истиот период од 2023 година, што подразбира дека оваа ќе биде година со апсолутен рекорд во трговскиот дефицит, надминувајќи го, со значителна разлика, дефицитот од 464 милијарди лека забележан во 2022 година, кога започна војната во Украина и последиците од пандемијата со Ковид-19.

Податоците објавени од Институтот за статистика покажуваат дека извозот на стоки годинава е намален за 14 проценти, додека увозот е зголемен за два отсто. Пад на извозот главно предизвикаа групите „Градежни материјали и метали“ и „Текстил и обувки“. Зголемен е извозот на групата „Храна, пијалаци и тутун“.

Севкупно, Албанија извезла стоки во вредност од 347 милијарди лека додека увезла стоки во вредност од 816 милијарди лека. Споредувањето на бројките во лек го носи и ефектот на девизниот курс. Еврото во текот на 2023 година чинеше во просек 110 леки, додека годинава со тренд на зајакнување 98 лека.

-Тоа не го негира фактот дека, иако теоретски, силниот лек би довел до зголемен увоз и намален извоз и следствено на тоа слабеење на девизниот пазар, се случува спротивното. Лекот од 2017 година доживеа континуирано јакнење, додека во јуни годинава Централна банката на Албанија јавно призна дека интервенирала за да избегне натамошно зајакнување на домашната валута. Статистиката за големината на интервенцијата сè уште не е објавена од страна на Банката на Албанија, наведуваат медиумите.

Од власта велат дека јакнењето на домашната валута дошло благодарение на економскиот успех, додека сомнежите од опозицијата и експертите се дека „земјава во последните години де факто стана рај за паркирање пари од организираниот криминал од каде се слеваат огромни суми на пари, надвор од каналите на надворешна трговија, размена на услуги или заеми“.

Приведен кавадарчанец, полицијата во возилото му пронашла пиротехнички средства

Приведен бил кавадарчанец, откако полицијата во возилото му пронашла пиротехнички средства, информираат денеска од СВР - Велес.

- Вчера на градскиот плоштад во Кавадарци, полициски службеници го лишиле од слобода Н.Б., на возраст од 48 години, затоа што при извршениот преглед кај него и во неговото патничко возило биле пронајдени и одземени разни видови на пиротехнички средства. Потоа, по издадена судска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом, како и во објект на градскиот плоштад што го користел, каде, исто така, биле пронајдени и одземени разни видови на пиротехнички средства, појаснуваат од СВР - Велес.

Вкупно биле одземени околу 9.100 разни видови на пиротехнички средства.

-По комплетирање на целокупната документација, во координација со јавен обвинител, против Н.Б. ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“ казниво по чл. 396 од КЗ, наведуваат од СВР - Велес.

Партиите со меѓусебни обвнинувања за случајот „Артан Груби“

Партиските штабови и денеска меѓусебно се обвинуваа за Груби.

Од владеачката ВМРО – ДПМНЕ посочуваат дека СДСМ се винови поради тоа што знаеле а не преземале ништо додека биле на власт, за како што велат милионскиот криминал на на Груби..

„Иако сите знаеја за криминалот на Груби, иако и ВМРО-ДПМНЕ и медиумите ги прозиваа СДС како власт, тие не преземаа ништо, затоа што им беше единствено важно да останат на власт. СДС свесно го оставија Груби да ја краде државата, за тие да продолжат да владеат ден повеќе.СДС треба да излезат и да им се извинат на граѓаните, за тоа што молчеа додека Артан Груби правеше милионски криминал, а потоа не само што одмолчеа, туку и му се приклучија нивните функционери како Ковачевски“– Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската СДСМ пак возвраќаат зошто властите доколку имале сознанија за било каква злоупотреба го пуштиле Груби слободно да ја премие границата и надлежните иснтитуции и органи не постапиле по законската процедура. И денеска обвинуваат за договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и велат дека постоеле основани сомненија дека Груби бил пуштен слободно да ја напушти државата.

-Бројните пропусти се потврда за ова. Од дојавата дека е поднесена кривична пријава, преку поставување на мобилна патрола без никаква информација па се до поминувањето преку греничниот премин Блаце без проверка, дозволено од страна на лицето Б.Ј. назначен од Тошковски. Фатена во овој голем скандал власта прво се обиде кај батериите на камерите да ја префрли вината, а сега лицитира каде се наоѓа Груби, дали е во Косово или Албанија, се наведува во партсикото соопштение на СДСМ.

Од Вреди пак го повикуваат Артан Груби да се врати во земјава и да се соочи до правдата.

- Артан, ако си избегал во Албанија со аминот на Али Ахмети, како и секоја друга работа, си се лажел. Артан, врати се кај Али Ахмети да ти помогне додека те стави во оган да вршиш мрачни служби.Ако споделивте се со Али Ахмети, споделете ги овие црни денови и за вас, вие ја делите вината, не трпи сам последици, порачуваат од Вреди во партиското соопштение.

И додека Вреди го повикуваат Груби да се врати во земјава, а СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ меѓусебно се обвинуваат кој и зошто не го санкионирал. Неговите сопартијци повторно повикуваат да се донесат измените на Законот за рестриктивни мерки за лица санкционирани од САД, на чија „црна листа“ последен се најде токму Артан Груби, а кој меѓу другото предвидува забрана за јавни функции на лицата кои се на американската црна листа.

притисни ентер