Вкупно 351 пријавен на стрип конкурсот „Велес 2024“

Рекордни 351 автори од сите континенти се пријавени  на 21-от Меѓународен салон за стрип „Велес 2024“.

Сите пристигнати дела ќе бидат прегледани од жири-комисија, а дел од нив ќе бидат изложени на свеченото отварање на Меѓународниот стрип салон во Велес, најзначајна стрип манифестација во земјава која ќе се одржи кон крајот на месецов, а кога ќе бидат врачени и наградите на најдобрите по категории, информира Томе Трајков, програм координатор на СЦМ-Велес, организатор на конкурсот и салонот.

Како што појасни Трајков, големата бројка на спријавени стрип автори се должи пред се на засилената работа и контакти со млади таленти од земјава, како и меѓународната соработка што ја има СЦМ-Велес.

-Многу радува податокот за откривање на нови стрип имиња од македонската стрип сцена коишто заслужуваат поголема афирмација и внимание.Тоа е секако одраз и на реализацијата на соработка со училиштата ширум државата, како и со ликовните педагози. Исто така и медиумската промоција на стрип настани во странство на коишто учествува македонската стрип сцена секако дека има позитивно влијание, потенцира Трајков.

Додава дека за меѓународните стрип контакти останува постојаната соработка со стрип сцената од поранешните југословенски републики, а застапени се и автори од сите континенти, има од Тајван и Америка.

-За зголемување на нивниот број придонес дава и зголемена поддршка од страна на донаторите како на пример: зголемен фонд на награди, работа на меѓународни жири и други активности, потенцира Трајков.

Меѓународниот стрип салон во Велес, како и другите придружни активности е финансиран од Министерството за култура и Општина Велес.

Откажан Самитот на лидерите на Западен Балкан во Неум бидејќи пропадна тендерот за организација

Советот на министри го откажа Самитот на лидерите на Западен Балкан во Неум, бидејќи пропадна тендерот за организација на тој настан, јавија сараевските медиуми.

За организатор беше избрана фирмата „Мајндсет“, но по поднесена жалба тендерот е поништен.

Босна и Херцеговина требаше да биде домаќин на тој настан под покровителство на бројни меѓународни асоцијации и организации, а Неум беше избран за повеќегодишна дестинација.

Дводневниот настан требаше да ги собере клучните актери од регионот и од ЕУ, со цел зајакнување на соработката и дискусија за важни политички, економски и социјални прашања.

Целта на самитот е да се подобри политичкиот дијалог и да се зајакнат политичките и економските врски меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија.

Украинските власти соопштија за голем руски напад врз нејзината енергетска инфраструктура

Украинските власти рано утринава објавија за масовен напад на руските сили врз енергетската инфраструктура на земјата, поради што има прекин на електричната енергија во голем дел од државата.

Со температури околу нулата, „уште еднаш, енергетскиот сектор беше подложен на масовен напад од непријателот“, соопшти украинското Министерство за енергетика на Фејсбук.

Русија врши напад од големи размери против енергетската инфраструктура на Украина, објави украинскиот министер за енергетика Герман Галушченко.

„Напади на енергетските капацитети се извршуваат низ цела Украина. Операторот на електропреносниот систем Укренерго итно воведе вонредни прекини на струја“, напиша министерот на Фејсбук, додавајќи дека висината на штетата ќе биде проценета штом безбедносната ситуација дозволи.

Рано утринава Русија истрела крстосувачки ракети кон Украина, предизвикувајќи воздушна тревога низ целата земја.

Снабдувањето со електрична енергија во градовите Киев, Одеса и Днипро е прекинато, прецизираше операторот на мрежата ДТЕК.

Воздушна тревога беше прогласена низ целата земја, при што украинските воздухопловни сили известија за ракетни напади насочени главно кон регионите Одеса, Кировохрад, Херсон и Николаев.

Во вторникот, Русија го објави својот „одговор“ на двата нови украински напади со американски ракети ATACMS врз нејзината територија во последните денови. Од почетокот на нејзината инвазија на Украина во февруари 2022 година. Русија ги напаѓа цивилните области во Украина, а како што се приближува зимата, таа ги засили нападите, главно врз енергетската инфраструктура, јавија западни медиуми.

Руското Министерство за одбрана, пак, соопшти дека синоќа уништило 25 украински беспилотни летала над областа Брјанск, Краснодарската област, Крим и Ростовската област.

Почна божикниот пост

За православните христијански верници кои се водат според јулијанскиот календар денеска почна шестнеделниот божикен пост. Постот ќе трае 40 дена, односно до Божик, 7 јануари, денот на раѓањето на Исус Христос.

Бидејќи датумот на Божик не се менува, постот секоја година почнува на 28 ноември, а завршува на Бадник, 6 јануари.

Христијанскиот пост е воведен по примерот на Исус Христос, кој 40 дена поминал во пустина во пост и молитва. Постот претставува духовна и телесна подготовка на човекот за влез во тајната на претстојниот празник. Божикниот пост е втор по должина на траење, веднаш по велигденскиот.

Во однос на „строгоста“ за употреба на храна, божикниот пост е „поблаг“, бидејќи дозволува користење вино, масло за јадење и риба.

Според типикот на црквата, божикните пости се постат на следниот начин: понеделник, вторник и четврток на масло, среда и петок строг пост, сабота, недела и празници е допуштено риба. За монаштвото е благословено и понеделник да е строг пост, а за мирјаните кои имаат именден или куќна слава е благословено употреба на риба.

Целта на постот е да се „исчистат“ духот и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела. За време на божикниот пост, посни се и сите славски трпези.

Со Канонот на Православната црква се предвидени еднодневни и повеќедневни пости. Еднодневните пости се во среда и петок, Водокрст на 18 јануари, Отсекувањето на главата на св. Јован Крстител на 11 септември и Крстовден на 27 септември. Повеќедневни пости се велигденските, петровденските, богородичните и божикните пости.

Божикниот пост, како и останатите повеќедневни постови, датира од првите векови на христијанството и се споменува во делата на светите отци од 4 и 5 век. Првобитно постот траел седум дена, а одлуката христијаните пред празникот - Раѓањето Христово да постат 40 дена е донесена на Соборот во Цариград во 1166 година.

Правило (типик) за Божикните пости:

притисни ентер