Украинските власти соопштија за голем руски напад врз нејзината енергетска инфраструктура

Украинските власти рано утринава објавија за масовен напад на руските сили врз енергетската инфраструктура на земјата, поради што има прекин на електричната енергија во голем дел од државата.

Со температури околу нулата, „уште еднаш, енергетскиот сектор беше подложен на масовен напад од непријателот“, соопшти украинското Министерство за енергетика на Фејсбук.

Русија врши напад од големи размери против енергетската инфраструктура на Украина, објави украинскиот министер за енергетика Герман Галушченко.

„Напади на енергетските капацитети се извршуваат низ цела Украина. Операторот на електропреносниот систем Укренерго итно воведе вонредни прекини на струја“, напиша министерот на Фејсбук, додавајќи дека висината на штетата ќе биде проценета штом безбедносната ситуација дозволи.

Рано утринава Русија истрела крстосувачки ракети кон Украина, предизвикувајќи воздушна тревога низ целата земја.

Снабдувањето со електрична енергија во градовите Киев, Одеса и Днипро е прекинато, прецизираше операторот на мрежата ДТЕК.

Воздушна тревога беше прогласена низ целата земја, при што украинските воздухопловни сили известија за ракетни напади насочени главно кон регионите Одеса, Кировохрад, Херсон и Николаев.

Во вторникот, Русија го објави својот „одговор“ на двата нови украински напади со американски ракети ATACMS врз нејзината територија во последните денови. Од почетокот на нејзината инвазија на Украина во февруари 2022 година. Русија ги напаѓа цивилните области во Украина, а како што се приближува зимата, таа ги засили нападите, главно врз енергетската инфраструктура, јавија западни медиуми.

Руското Министерство за одбрана, пак, соопшти дека синоќа уништило 25 украински беспилотни летала над областа Брјанск, Краснодарската област, Крим и Ростовската област.

Организирана акција за садење дрвца во општина Кисела Вода

Во духот на грижата за животната средина и создавање поздрава животна средина за идните генерации, денес во oпштина Кисела Вода се спроведе голема акција за пошумување. 

Настанот, кој вклучи засадување на 1000 чемпреси, донација од комапнијата Џонсон Мети и Хуманитарната организација Свети Спас, го предводеа градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и заменик генерaлниот директор на ЈП Национални шуми Кире Михаилов, а во акцијата учествуваа и волонтери од Џонсон Мети, како и претставници од локалната администрација.

Се садеше во поголемите паркови, Паркот на шахот, како и во паркот “Феникс”, Дупки во Драчево. Во периодот што следува, ќе бидат засадени 500 брзорастечки дрвца, кои ги обезбеди Општина Кисела Вода.

-Секое дрвце што го засадуваме денес е симбол на нашата посветеност кон зачувувањето на природата и обезбедување подобар квалитет на живот за сите нас. Пошумувањето не е само акт на разубавување на просторот, туку и важен чекор во борбата против загадувањето и климатските промени. Грижата за животната средина е високо поставена на листата на приоритети на Општина Кисела Вода, за што говорат седумте новоизградени паркови и 13 спортско-рекреативни центри во овие три години, преку кои, ја оплеменивме општината со 80 000 м2 зеленило. Сакам да упатам благодарност до заменик генерaлниот директор на ЈП Национални шуми Кире Михаилов, до компанијата “Џонсон Мети” и до до отец Оливер и Хуманитарната организација Свети Спас, кои несебично донираа значителен број дрвца за оваа акција, како и до сите волонтери кои се вклучија. Исто така, и ние како општина обезбедивме брзорастечки дрвца, како уште еден од многуте проекти кои ги реализираме за поздраво и поубаво опкружување. Ваквите акции ќе продолжат и во иднина, со уште поголем обем и учество- изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Седми обид за избор на претседател на Народното собрание на Бугарија

Бугарските пратеници од 51. состав на Народното собрание денеска ќе го направат седмиот обид за да изберат претседател на ова тело.

Продолжението на првата седница на која пратениците се обидуваат да изберат претседател на Народното собрание беше прекинато десетина минути по почетокот. Беше прогласена пауза од 30 минути за консултации помеѓу партиите, на барање на претседателот на БСП, Атанас Зафиров. Напнатоста во салата се зголеми откако тој изјави дека претседавачот со седницата, Силви Кирилов од ИТН, одбил да свика претседателски совет, што според него е без преседан.

Кирилов возврати дека не може да свика претседателски совет бидејќи парламентот нема деловник. Тоа е формалната причина за неговото одбивање, но се согласи да се одржат консултации.

Но, шансите за успех не се големи, со оглед на тоа дека партиите ги кандидираа истите пратеници. Повторно има четворица кандидати за претседател на Народното собрание, без промени во номинациите.

Пред паузата, ГЕРБ-СДС повторно ја предложија Раја Назарјан. - Ги повикувам сите со разум и одговорност да ја поддржите оваа достојна кандидатура, порача Теменуџа Петкова. „Препород" по седми пат го номинираше Петар Петров, додека од „Има таков народ" останаа зад кандидатурата на Силви Кирилов.

По паузата, Борислав Гуцанов изјави дека левицата направила сè за да се постигне договор за заедничка кандидатура, но бидејќи консултациите не успеале, тие повторно ја номинираат Наталија Киселова. /МИА

Колумбија заплени рекордни 225 тони кокаин во операција против трговија со дрога

Полицијата во Колумбија во соработка со 62 земји заплени рекордни 225 тони кокаин во рамките на операцијата „Орион“, што претставува најголема заплена на кокаин во една операција на глобално ниво.

Во текот на шест недели запленети се вкупно 1.400 тони наркотици, од кои 1.000 тони марихуана, пишува „Гардијан“.

Заплената на кокаин значително ги погодува картелите во Латинска Америка, имајќи предвид дека годишното производство на кокаин изнесува околу 2.700 тони.

Со заплената е спречен приход од 8,5 милијарди долари кои би биле наменети за криминални организации. Операцијата вклучуваше и откривање на нови патишта за шверц на дрога, вклучително и полуподморница која беше на пат кон Австралија.

Овој начин на транспорт, кој е тешко да се открие, се користи за транспорт на големи количини кокаин. Уапсени се повеќе од 400 лица, а операцијата го покажа успехот на меѓународната соработка во борбата против трговијата со дрога.

притисни ентер