Видео: Адел се расплака на настап во Лас Вегас, во прегратка со Селин Дион

Адел се расплака на настап во Лас Вегас, откако ја виде и ја прегрна својата легендарна колешка, канадската пејачка Селин Дион, која се повлече од сцената поради болест.

Селин била на концертот заедно со своите синови - 14-годишните близнаци Нелсон и Еди. Додека ја изведуваше песната „When We Were Young“, британската поп-пејачка ѝ пријде на Канаѓанката и ја прегрна со солзи во очите. Специјалната посетителка, исто така расплакана, го прифати поздравот на својата 20 помлада колешка-музичарка.

Поп-ѕвездите се запознале пред неколку години, токму во американскиот „град на гревот“. Емотивниот миг е снимен и објавен на „Икс“.

По 10 концерти во Минхен, Германија, Адел се врати во Лас Вегас за да ги заврши обврските, по што следи долга пауза којашто самата Британка ја најави.

- Воопшто немам никакви планови за нова музика... Сакам голема пауза после сѐ ова и мислам дека сакам да се занимавам со други креативни работи некое време, изјави таа претходно за „ЗДФ“.

Сѐ тоа, зашто ѝ недостигал животот пред славата, како што вели Адел.

Светска метеоролошка организација: Стакленичките гасови лани достигнаа ново рекордно ниво

Во 2023 година регистрирана е рекордна концентрацијата на стакленички гасови во атмосферата, што неизбежно ќе доведе до зголемување на температурата следните години, соопшти Агенцијата на ОН, Светска метеоролошка организација.

Според податоците на Светската метеоролошка организација, нивото на трите главни стакленички гасови – јаглерод диоксид, метан и азот оксид, кои придонесуваат за глобалното затоплување, повторно се зголемија минатата година. Јаглерод диоксидот се акумулира побрзо од кога било во атмосферата, зголемувајќи се за повеќе од 10 проценти за две децении.

- Уште една година. Уште еден рекорд. Ова треба да биде повик за будење за носителите на одлуки. Очигледно заостануваме зад целта на Парискиот договор за климата од 2015 година, изјави генералната секретарка на Светската метеоролошка организација, Селест Сауло.

Таа додаде дека глобалните температури на копно и море во 2023 година беа највисоки забележани од 1850 година.

Земјите се согласија да го ограничат глобалното затоплување на помалку од два степени над прединдустриските нивоа, дури и до 1,5 степени ако е можно.

- Сè додека продолжуваат емисиите, стакленички гасови ќе продолжат да се акумулираат во атмосферата, зголемувајќи ги температурите, се наведува во извештајот на Светска метеоролошка организација.

Годишниот извештај на Светската метеоролошка организација за стакленички гасови е објавен во пресрет на КОП29 – следниот Самит на ОН за климата, што ќе се одржи од 11 до 22 ноември во Баку.

Јаневска: Интерес на државата е да ги поддржи младите да студираат на престижни универзитети

Интерес на државата е да ги поддржи младите да студираат на престижни универзитети, но целта е да се вратат дома .

Силно го поддржувам ЕУ концептот за преминување од „одлив на мозоци“ кон „циркулација на мозоци“. Ова значи дека студентите и професионалците кои стекнале знаења и вештини во странство, се охрабруваат да се вратат во нивните матични земји. Интерес на нашата државата е да ги поддржи младите да студираат на престижни странски универзитети, каде што се споделуваат врвни технологии, иновации и најдобри практики. Сепак, нашата крајна цел останува тие да се вратат дома, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска на отворањето на Саемот за студии во Франција.

Според Јаневска, со стекнатите знаења и вештини надвор, младите можат многу да придонесат за технолошкиот напредок и да го поддржат севкупниот раст на нашата економија.

-Уверена сум дека новата Влада со стимулативни мерки ќе ги поттикне завршените студенти во странство да се вратат дома и да учествуваат во градењето на иднината на својата земја, потенцира министерката.

Франција, напомена, има реноме како една од водечките светски дестинации за високо образование, со универзитети рангирани меѓу најпрестижните во светот.

-Тоа го постигнуваат со иновативните студиски програми кои комбинираат теоретско знаење и практична примена, како и со вклученоста во современи истражувања. Привлечноста ја прават не само можностите за личен и професионален раст на студентите, туку и богатата културна понуда на француските универзитетски центри. Министерството за образование и наука ја поддржува образовната мобилност, и за студирање на реномирани странски високообразовни установи доделува и стипендии, дополни Јаневска.

Саемот за студии во Франција го организираат Француската амбасада и Францускиот институт. Годинава се одржува 17. издание.

-Атрактивноста на студирањето е една од нашите најголеми акции на делување на надворешен план. За оваа академска година во Франција има 430 000 странски студенти, а целта ни е да привлечеме 500 000 наредната година или половина милион. Во моментов има 160 македонски студенти. Преку овие средби сакаме да ја унапредуваме размената. Навистина е возможно да се студира во Франција, не е комплицирано и не е толку тешко, рече францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер.

Амбасадорот го поддржа ставот на министерката Јаневска.

-Студентската атрактивност не треба да значи „одлевање на мозоци“, да ги земаме најдобрите студенти на друго место, зашто нашата цел е сите млади луѓе кои ќе стекнат вистински знаења, да се вратат во земјата од која дошле и да учествуваат во нејзината изградба, како и во европската иднина, нагласи Ле Риголер.

СДСМ: Тошковски и МВР да поднесат кривична пријава за Бојран Христовски по примерот од Велес

На 25 ти април оваа година, МВР до ОЈО Велес поднела кривична пријава против 44 годишна жителка на Велес поради, како што тогаш соопштиле, постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „Употреба на исправа со невистинита содржина“.

Кривичната пријава била поднесена за прекршување на член 380 од Кривичниот законик.

Еден ден подоцна, на 26 ти април за оваа кривична пријава се пофалил на неговиот Фејсбук профил и министерот Панче Тошковски со објава во којашто изнесува детали за пријавата.

„Пријавената прибавила меѓународно признаен сертификат (TOEFL IBT) за познавање на англиски јазик со нејзино име, издадена од училиште за јазици од Пловдив, Р. Бугарија.

Иако знаела дека исправата е со невистинита содржина, М.В. ја употребила како доказ дека поседува меѓународно признаен сертификат при нејзиното аплицирање на Јавен оглас за избор на директор на детската градинка, по што и била именувана на функцијата.“

Ова е објавата на Тошковски од 26 ти април.

Прашањето е каде е сега Панче Тошковски и МВР? Зошто молчат и не преземаат ништо за директорот на АНБ, Бојан Христовски?

Каде им е Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал?

Бојан Христовски исто така приложил сертификат за TOEFL од истото место, Пловдив Бугарија, а во Пловдив воопшто нема испитен центар за TOEFL.

И македонски и бугарски медиуми го потврдија ова.

Значи Христовски нема меѓународно признаен сертификат за познавање англиски јазик туку се користел со фалсификуван документ.

Тоа претставува прекршување на Законот и кривично дело кое повлекува одговорност.

Функционерите на ВМРО-ДПМНЕ не се заштитени мечки и одговорност мора да има.

Бараме Тошковски по овој пример од Велес да поднесе кривична пријава против Бојан Христовски за кривично дело „Употреба на исправа со невистинита содржина“, согласно член 380 од Кривичниот законик.

Доколку тоа не го направат Тошковски и МВР, СДСМ ќе поднесе Кривична пријава против Христовски.

Очекуваме и Јавното обвинителство да отвори постапка соодветно на своите надлежности, да спроведе транспарентна исрарага која точно и непристрасно ќе утврди одговорност за скандалот.

Ова е еден од најсериозните скандали кои го поткопуваат безбедносниот систем во нашата земја и мора целосно да биде расчистен.

Прес конференција на СДСМ - Богданка Кузеска

притисни ентер