И покрај зголемените повици до францускиот претседател Емануел Макрон да поднесе оставка, тој треба да го заврши својот втор претседателски мандат за да избегне голема институционална криза, изјави поранешниот претседател на Франција, Франсоа Оланд во интервју за „Вест Франс“.
Оланд, кој сега е пратеник во францускиот парламент, нагласи дека, без оглед на критиките упатени кон Макрон, тој беше реизбран на изборите пред три години и треба да го доврши мандатот. Во спротивно, Франција би се соочила со сериозна институционална криза.
Во однос на можните предвремени парламентарни избори, Оланд вели дека не гледа како распуштањето на парламентот по шест месеци би довело до значителни промени во составот на Долниот дом, кој сега е поделен на три блока без апсолутно мнозинство.
Оланд исто така повика на „смирена парламентарна демократија“ и изрази став дека владата на центристот Франсоа Бајру може да опстане до 2027 година, под услов да направи значителни компромиси, особено во однос на пензиите и фискалната правда, за да избегне гласање за недоверба.
Тој изрази желба за обновување на Социјалистичката партија како независен политички субјект, кој ќе биде отворен за социјалдемократи. Оланд повика на одржување партиски конгрес пред летото за утврдување на стратегијата за претседателските избори во 2027 година. /МИА