Српскиот претседател очекува документи за американските санкции кон НИС на 10 или 13 јануари

Вучиќ посочи дека има две непознати, кои се однесуваат на условите и дали проблемот е што Русија го има мнозинскиот пакет акции или што воопшто учествува во сопственоста на НИС.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска изјави дека на 10 или 13 јануари очекува да пристигнат документите од САД за воведување санкции против српската нафтена компанија НИС (Нафтена индустрија Србије), во која руски компании имаат мнозински удел,пренесува Радио Слободна Европа.

Во емисија на српската национална ТВ РТС, Вучиќ посочи дека има две непознати, кои се однесуваат на условите и дали проблемот е што Русија го има мнозинскиот пакет акции или што воопшто учествува во сопственоста на НИС.

- Ќе останат ли санкциите против НИС ако Русите останат со 40 отсто сопственост, дали е доволно да немаат мнозински или контролен пакет акции или пак се инсистира тие целосно да излезат од сопственоста, рече Вучиќ.

Од 2008 година руската државна компанија „Газпром нефт“ и нејзината матична компанија „Газпром“ имаат мнозински удел во НИС од 56,15 отсто, додека 29,87 отсто се во сопственост на Србија.

Вучиќ додаде дека Србија има доволно средства за да го откупи НИС, но останува прашањето што ќе направи Русија со парите добиени од евентуалната продажба./МИА

Бајден забрани нови дупчења на наоѓалишта на нафта и гас

Бајден забрани нови дупчења на наоѓалишта на нафта и гас во близина на атлантското и тихоокеанското крајбрежје на САД

Претседателот на САД, Џо Бајден, забрани нови дупчења на наоѓалишта на нафта и гас во близина на крајбрежјето на САД, а во обид да го зацементира своето еколошко наследство. Новоизбраниот претседател Доналд Трамп пак ветува обнова во САД на ископувањата на јаглеродни енергетски ресурси како јаглен, нафта и гас.

Забраната се однесува главно на подрачја без значајни наоѓалишта, особено во Атлантскиот и Тихиот Океан, источниот дел на Мексиканскиот Залив и делови од северниот дел на Беринговото Море на Алјаска. Забраната ќе опфати водна површина од 625 милиони акри (253 милиони хектари).

Бајден се повикува на Законот за надворешни континентални шелфови донесен пред 70 години. Мерката е дел од напорите за борба против климатските промени со цел до 2030 година да се заштити барем 30 отсто од американските копнени и водни површини, изјавија синоќа од Белата куќа.

-Моето решение го рефлектира она што одамна е познато кај крајбрежните заедници, бизнисите и љубителите на плажите: дупчењето во близина на брегот може да нанесе непоправлива штета како истекување на нафта во местата кои значат многу и е непотребно во однос на задоволување на енергетските потреби на нашата земја, се наведува во изјавата на Бајден. „Тоа не вреди да се прави поради големите ризици.“

Според Управата за енергетски информации, околу 15 отсто од производството на нафта во САД доаѓа од федерални морски подрачја, главно во Мексиканскиот Залив. Но во изминатата деценија се постигна бум во производството на нафта и со развојот на копненото дупчење.

Моментално, САД се на прво место во светот по производство на нафта и гас, благодарение на подемот на дупчењето во сојузните држави како Тексас и Ново Мексико со усовршени технологиите за дупчење и зголемената побарувачка по почетокот на руската инвазија на Украина.

Изјавата на Бајден доаѓа во време кога Трамп вети укинување на политиката на претходната администрација за заштита на природата и борба против климатските промени, како и обнова на ископувањето на јаглен, нафта и гас. /МИА

Конгресот на САД ја потврди победата на Доналд Трамп

Конгресот на САД синоќа ја потврди победата на Доналд Трамп на претседателските избори во 2024 година против кандидатката на Демократската партија – актуелната потпретседателка Камала Харис. 

Потврдата се случи во кратка официјална церемонија, без многу врева и дебати на заедничка седница на Претставничкиот дом и Сенатот. Наспроти претходната сертификација на победникот на изборите во 2000 година, демократот Џо Бајден, што беше пропратена со протести и упадот на 6 јануари 2021 година на толпа подржувачи на Трамп во Капитолот на САД.

Завршната сертификација ги потврди прелиминарните резултати според кои Трамп доби 312 електорски гласови, наспроти 226 за неговата противкандидка Камала Харис.

Потврдата на резултатите од изборите беше спроведено во кратка официјална церемонија, без многу тревога и дебати на заедничка седница на Претставничкиот дом и Сенатот. Претходната сертификација на победата на изборите во 2000 година на демократот Џо Бајден беше пропратена со протести и упадот на 6 јануари 2021 година на толпа подржувачи на републиканецот Трамп во Капитолот на САД, како резултат на што загинаа пет лица, меѓу нив и еден полицец, а беа ранети уште стотина.

На вчерашната седница претседаваше Харис, која ја извршува функцијата потпретседателка и претседавачка на Сенатот.

Харис во краток говор го призна својот пораз, додека актуелниот претседател Џо Бајден ја нагласи важноста на мирниот процес на пренос на власта.

Републиканската партија сега е во мнозинство во Сенатот, и ма мала предност во Претставничкиот дом. Овие фактори му даваат на Трамп поголема слобода да ги спроведе своите програми за намалување на даноците и борба против нелегалната имиграција.

Инаугурацијата на Трамп ќе се одржи на 20 јануари.

Трамп исто така најави дека планира да помилува одредени лица обвинети за учество во нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година.

-Конгресот денеска ја потврди нашата голема победа на изборите – важен момент во историјата. MAGA!“ напиша Трамп на неговата социјална платформа „Truth Social“.

На крајот од 2022 година, Конгресот усвои законски мерки за зајакнување на заштитните механизми кои обезбедуваат законитост при сертификацијата.

Во новиот закон јасно е наведено дека улогата на потпретседателот е претежно церемонијална. Сите приговори против изборните резултати во која било сојузна држава сега треба да бидат поддржани од најмалку една петтина од составот на Претставничкиот дом и Сенатот пред дебатите за нив. Претходно, за да се поднесе приговор за сертификацијата на резултатите во државата, беше доволно само со подршка на еден член на Претставничкиот дом и еден сенатор.

Покрај тоа, според законот, изборот на електори треба да се врши во согласност со државните закони усвоени пред денот на изборите, а гувернерите на сојузните држави се должни да го достават списокот на електори./МИА

Тибет: Над 50 загинати и десетици повредени во силен земјотрес на Хималаите

Најмалку 53 лица загинаа по силниот земјотрес од 6,8 степени по Рихтеровата скала во кинеската автономна област Тибет. Потреси се почувствувани и во Непал и во Индија.

Според кинеските медиуми, најголемиот број жртви се пријавени во градот Шигатсе, во Тибет, а потреси биле почувствувани и во соседните Непал и Индија. Државната новинска агенција „Синхуа“ јави дека најтешко погодени се селата Чангсуо, Куло и Цуого во округот Дингри.

Земјотресот бил регистриран во 9:05 часот по локално време (01:05 UTC), на длабочина на епицентарот од 10 километри, според кинеските власти. Американската Геолошка служба го оцени земјотресот со магнитуда од 7,1.

Повеќе вторични потреси се забележани, од кои најсилниот со јачина од 4,4 степени.

Околу 1.500 вработени во итните служби се на терен за да ги пребаруваат урнатините во потрага по преживеани. Во градовите Шигатсе и Латсе се забележани оштетени згради, урнати фасади и растурени урнатини на патиштата.

Земјотресот бил почувствуван и во Непал, во главниот град Катманду, а тресењето предизвикало паника меѓу жителите. Во Индија, потреси се почувствувани во државата Бихар, но без пријавена штета. /МИА

притисни ентер