Неделен хороскоп за 6.-13. јануари 2025 година

Неделен хороскоп за периодот од понеделник, 6-13. јануари 2025 година. 

Јарец 22.12.-20.1.

Љубов

Наредните денови ќе дојде до постепено подобрување на вашиот интимен живот. Луѓето повторно ќе станат поотворени кон вас и обратно. Многумина својата врска ќе ја обноват со излегување на некое убаво место. Осамените повторно ќе се разбудат и ќе излезат од дома.

Кариера

Можно е да излезе на виделина нешто што долго се очекувало. Тоа ќе предизвика нови поттици за вас и ќе ја придвижи работата во нова насока. Сите ќе се прилагодуваат. Вие ќе бидете личност од доверба. На некои ќе им бидете пример како треба да се работи.

Здравје

Ќе истражувате се околу себе.

Водолија 21.1.-19.2.

Љубов

Богатството кое сега го живеете ќе се рефлектира на вашите лични односи на различни начини. Можете да бегате, можете да истрпите , може иронично да се смеете. Вњеројатно вие ќе ги поминете сите такви реакции , а силата ќе ја црпите од љубовта и меѓусебната доверба.

Кариера

Ќе има уште некои мали борби чиј резултати ќе зависат од вашата способност за соработка со другите. Ќе треба малку трпение , а тоа ќе ве нервира.Од вас зависи како ќе се носите со барањата што ви се доставени.Бидете професионални.

Здравје

Не може ништо да се постигне со сила.

Риби 20.2.- 20.3.

Љубов

Убедливоста со која ќе зрачите ќе ги привлекува дури и оние на кои не им се допаѓате. Ако барате сродна душа и уште сте сами , потпрете се во целост на вашата самодоверба. Дури и ако на почетокот не оди се како подмачкано , работите ќе се развиваат во ваша корист.

Кариера

Конечно некои други ќе се придвижат. Информациите што веќе некое време ги очекувавте од нив , ќе стигнат. Тоа ќе расчисти некои дилеми во оперативното ниво на работата, па ќе почнете да работите полесно , појасно и ќе се знае што е чија задача.

Здравје

Некои ќе уживаат со пријателите.

Овен 21.3-20.4.

Љубов

Вашата потреба за сигурност ќе биде силна речиси целата оваа недела. Затоа многумина ќе се согласат и на компромиси. Сепак , во длабочината на душата ќе зачувате некои свои желби и нема да се откажете од нив. само нема да ги покажувате. Ќе имате верба во иднината.

Кариера

Следејќи го својот пат ќе дојдете до фаза кога треба да бидете на услуга на другите. Токму ваквата доблесна особина ќе дојде до израз овие денови и тоа најмногу зашто состојбата ќе се равие во таква насока. Ќе им помогнете на многумина околу себе.

Здравје

Ќе ви недостига енергија. Штедете се.

Бик 21.4- 20.5.

Љубов

Некои ќе заминат на пократко патување или на излет , што би можел да им остане во незаборавно сеќавање и убав спомен. Други ќе дочекуваат роднини кои ќе ги поврзат со личност за која искрено чќе се заинтересираат. Сите ќе бидат меѓу луѓе и насмеани.

Кариера

Успехот ќе ви биде на дофат , но кога малку подобро ќе размислите , ќе сфатите дека на сето тоа му недостига вистинска содржина. Однадвор сјај , одвнатре празнина.

Здравје

Дефинирајте ги своите критериуми.

Близнаци 21.5.-21.6.

Љубов

Следните денови ќе имате бројни шанси за да ги подобрите односите со луѓето околу себе. Со малку поголема отвореност , се ќе излезе на подобро. Ваше е да се потрудите.

Кариера

Ќе барате нешто , а ни самите нема да бидете сигурни што е тоа. Поради тоа повремено ќе делувате збунето ,како себеси , така и на колегите. Застанете и размислете кои се вашите деловни цели и приоритети.

Здравје

Не заборавете да се опуштите.

Рак 22.6-22.7.

Љубов

Деновиве нема да дојде до значајна промена во вашите лични односи . Ќе имате навистина доволно мотивации , а особено за комуникација , па многумина со зборови ќе надоместиваат она што им недостиганна емотивен план. Ќе успаеат во тоа.

Кариера

Прегледот на минатиот период ви буди надеж во другите , но не ја подигнува вашата лична самодоверба.Сепак , овие денови ќе имате шанси за повеќе да се покажете и да ги докажете своите работни способности. затоа не се двоумете, туку засукајте ги ракавите и работете.

Здравје

Почнете да спортувате.

Лав 23.7-22.8.

Љубов

Малку нов поттик во вашиот љубовен живот ќе ја освежи вашата врска. затоа дајте се од себе за да осигурате квалитетен однос со личноста која ви се допаѓа. Ќе има малку нервоза и недоразбирања , но не им придавајте значење.

Кариера

Пред вас се предизвици на креативност и храброст. Само со примена на такви вештини можете да успеете. Повлеченост или механичко одработување моментално не ви се добро поставени. Клучот на успехот за вас се наоѓа во прифаќање на предизвиците.

Здравје

Најдете содржини што ви се допаѓаат.

Девица 23.8.-23.9.

Љубов

Без оглед на секогаш неповолните љубовни околности , вие ќе бидете оптимист. Затоа нема да бидете сами , туку ќе излегувате меѓу луѓе. Ќе бидете одлично прифатени поради позитивниот став. Така со сопственото однесување ќе си го подобрите интимниот живот.

Кариера

Се што ќе работите некако ќе оди во сенка . Сепак , поради тоа што сте свесни за своите претходни успеси, тоа што сега не сте во прв план , нема да ви пречи како што се случувало претходно. Не може сите коцкички во исто време да си дојдат на свое место.

Здравје

Имајте трпение во секој аспект од животот.

Вага 24.9.-23.10

Љубов

Саканата личност ќе зрачи многу повеќе од вас , па слободно препуштете и да ве води. Таа овие денови значително подобро ќе го осмисли вашето слободно време , отколку вас самите. Препуштете и се со доверба. Бидете како дете и уживајте во животот.

Кариера

Чекате други да дадат свое мислење за она што сте го сработиле со своите соработници. Тие ќе ве поддржат , а вие самите од себе ќе барате уште повеќе. Понекогаш вашите очекувања ќе бидат нереално високи. Бидете пореални и пољубезни.

Здравје

Внимавајте на квалитетот на исхраната.

Шкорпија 24.10-22.11.

Љубов

Оние кои се во врска ќе се трудат уште повеќе да го зацврстат односот со саканата личност. Ќе ,,поработат” уште некои мали правила што ќе бидат основа за постабилни критериуми во меѓусебните односи. Оние кои уште се сами , нема премногу да излегуваат , но ќе бидат добро.

Кариера

Веројатно ќе имате зголемен обем на обврски , но бидејќи нивниот карактер во најголем дел ви е интересен , нема да ви биде тешко да работите. Проблемот ќе биде во недостиг на енергија , па подгответе подобар план и штедете си ја силата.

Здравје

Расте вашиот интерес за грижа за здравјето . Наспијте се.

Стрелец 23.11.-21.12.

Љубов

Се наоѓате во интересен љубовен период , во кој нема да недостига страст, како ниту опуштеност во односите со личноста која ја сакате. Некои со задоволство ќе излегуваат со пријатели. Главно , малкумина се оние кои ќе бидат сами. И тие ќе излегуваат меѓу луѓе.

Кариера

Можеби се уште чекате одговори на некои прашања. Како што тие засега изостануваат , ќе мора да се снајдете со она што го знаете и имате. Тоа за вас нема да биде голем проблем , но ќе има такви кои и натаму ќе треба да ги обучувате.Помогнете им со своето знаење.

Здравје

Потпрете се на блиските за да се чувствувате пријатно.

Кој е точниот датум на прославата на Божик?

Во периодот околу божикните празници редовно станува актуелна темата за датумот на прославата на Рождеството Христово, зошто кај нас се слави на еден датум (7 јануари), а во западниот свет на друг датум (25 декември)?

Па дури и некои православни земји, како соседните Грција и Бугарија, празнуваат на различен ден од нас. Не отсуствуваат ниту дебати, ниту разни текстови на оваа тема во македонската јавност.

Сепак, во дискусиите што ги имам видено, аргументите на онаа страна која смета дека е добро и ние да се приклониме кон новиот календарски стил обично се сведуваат на тоа дека така треба затоа што така прават другите, така прави цивилизираниот западен свет, небаре само уште календарот да го смениме и ќе се доближиме до земјите на кои би сакале да се угледаме, можеби дури и без да мора да се справиме со другите предизвици во нашето општество, како владеењето на правото, работничките права или корупцијата и непотизмот. Другата страна, пак, вообичаено држи до тоа дека стариот календарски стил е одлика на нашата Православна црква, и дека тоа е традиција која нема потреба да се менува. Не се малку ниту оние кои сметаат дека менувањето на календарот е еднакво на менување на верата, од православна во неправославна, а дел од нив се чини дека веруваат дека јулијанскиот календар е востановен од Православната црква, како што е грегоријанскиот од Римокатоличката.

Основни поими

Нашата Православна црква богослужбениот живот го раководи според јулијанскиот календар, популарно наречен „стар календар“ или „стар стил“. Тој календар сега „доцни“ 13 дена зад „новиот“ грегоријански календар што е во најширока употреба во светот. Па така, кога според грегоријанскиот календар е 7 јануари, според јулијанскиот календар датумот е 25 декември. Значи, и Православната црква смета дека датумот за прослава на Божик е 25 декември, само што тој ден не се поклопува со календарот што секојдневно го користиме.

Јулијанскиот календар своето име го добива според Гај Јулиј Цезар, римскиот владетел, кој го востановил овој календар како официјален во Римската држава во 46 година пред Христа. Овој календар се базира на тогашното научно согледување дека една година, односно периодот на една револуција на Земјата околу Сонцето, изнесува 365 дена и 6 часа. Тие 6 часа во рок од четири години прават еден цел ден, и тој ден се додава во престапната година, која заради тоа има 366 дена.

Христијанската црква, која се развила токму на територијата на Римската држава, едноставно го прифатила државниот календар и според него ги пресметувала своите празници.

Пресметување на датумот на празнување на Воскресението Христово

Единствено во однос на пресметувањето на најголемиот празник во христијанската вера, Воскресението Христово – Пасха, Велигден, црквата одредила посебни правила и канони. Уште на Првиот вселенски собор, во 325 година, во Никеја, е утврдено дека се забранува прослава на Воскресението Христово во ист ден кога се празнува еврејската Пасха, пред пролетната рамноденица. До Соборот веќе била воспоставена праксата Велигден да се празнува во недела – денот на Воскресението Христово, и тоа не било променето на Соборот, а не е променето ниту до денес. И денес го славиме Велигден не на фиксен датум, туку секогаш во недела, после полната месечина по пролетната рамноденица. (Полната месечина во приказнава е поврзана со одредбата за еврејската Пасха: еврејската Пасха се празнува на 14-от ден од месецот нисан; нисан е првиот пролетен месец во северната хемисфера; бидејќи во еврејскиот календар месеците доследно ги следат месечевите мени, 14-от ден од месецот нисан секогаш има полна месечина.) На тој начин, прославата на Христовото Воскресение Светите Отци ја врзале не за еден или за друг календар, кои се устроени од луѓето и, како што ќе видиме понатаму, се само приближно точни и се подложни на грешки, туку за движењето на небесните тела, кое е устроено од Бога.

Пресметувањето на датумите на Пасха во тоа време ѝ било доверено на Александриската Патријаршија, бидејќи таму астрономијата била најразвиена, и таа црква имала должност благовремено да ги достави пресметаните датуми до останатите цркви.

Според датумот на празнувањето на Воскресението Христово се одредува и кога почнува Великиот пост, кога се подготвителните недели пред Великиот пост, кога се празниците после постот, Вознесението Христово – Спасовден, Педесетница, односно Духовден, и, конечно, на кој ден ќе започне Апостолскиот пост. А понатаму, во текот на целата година, неделите се бројат во однос на празникот Педесетница, па во верското календарче читаме: „таа и таа недела после Педесетница“. Значи, гледаме дека датумот на прославувањето на Пасхата има печат и врз целата година.

Грегоријанскиот календар

Во времето на Ренесансата, во XVI век, е утврдено дека должината на годината всушност е нешто пократка отколку што е според јулијанскиот календар, односно дека изнесува 365 дена, 5 часа, 49 минути и 12 секунди. Оваа разлика од 10 минути и 48 секунди, од времето на Првиот вселенски собор до XVI век, довела до отстапка од 10 дена. Тогашниот римски папа, Григориј XIII, одредил да се изготви нов календар, според новите пресметки за должината на годината, и кога ќе стапи на сила, да се направи корекција на датумот, за да се отстрани отстапувањето од 10 дена. За со текот на времето да не се створи повторно слично отстапување, новиот календар има поинаков начин за одредување на престапните години. Овој календар се нарекува грегоријански и има разлика во датумот во однос на јулијанскиот календар. Од неговото воведување во употреба во 1582 година, до денес разликата помеѓу двата календари се зголемила на вкупно 13 дена. Во 2100 година разликата ќе стане 14 дена.

Целта на папата Григориј XIII била да се запази правилото од Првиот вселенски собор во однос на пресметката на датумот за Велигден, затоа и корекцијата што ја направил била според годината кога е одржан Првиот вселенски собор, а не според годината кога е воведен јулијанскиот календар во употреба. Но, зошто повторно го мешаме календарот во однос на оваа пресметка, кога погоре кажавме дека тој датум зависи од движењето на небесните тела? Затоа што за одредување на пролетната рамноденица е земен фиксен датум – 21 март. Во времето на папата Григориј XIII било утврдено дека рамноденицата всушност настапува 10 дена порано одошто е во јулијанскиот календар, та со календарската реформа тоа било коригирано. Сепак, како последица на промената на пресметката на датумот за Велигден според грегоријанскиот календар, во Римокатоличката црква се случува Воскресението Христово да се празнува пред или заедно со еврејската Пасха, спротивно на споменатото правило од Првиот вселенски собор.

Грегоријанскиот календар стапил на сила најпрвин во римокатоличките земји, во XVI век, во протестантските земји во XVIII век (во меѓувреме имале различен календар од блиските соседи Римокатолици), а во православните земји – на почетокот на XX век. Притоа, Православните цркви го задржале јулијанскиот календар за црковна употреба, и жителите на овие земји се научиле на паралелно користење на стариот календар (за црковна употреба) и новиот календар (за сè останато).

Новиот календар во Православните цркви

И во православниот свет била воочена неточноста на јулијанскиот календар. Во XIV век византискиот научник Никифор Григора поднел предлог до Цариградскиот патријарх и до Царот, за реформа на јулијанскиот календар и на начинот на пресметка на датумот за Велигден. Но, до реформа не дошло, затоа што се проценило дека нема да биде можно сите Православни цркви да се убедат да прифатат таква промена.

Од слична причина, за да не дојде до раздор помеѓу верните, Православните цркви не го прифатиле грегоријанскиот календар кога се појавил.

Во 1923 година, Цариградскиот патријарх Мелетиј Метаксакис свикал Собор на кој предложил реформа на календарот. Реформата била дело на српскиот астроном Миланковиќ, кој составил календар што ги следи датумите на грегоријанскиот календар, но е попрецизен во пресметката на должината на годината, а во однос на празнувањето на Велигден се поклопува со јулијанскиот календар. Овој календар е наречен „ревидиран јулијански“ или „новојулијански“, и додека од една страна осигурува дека Воскресението Христово, и сите поврзани празници, ќе бидат празнувани истовремено со црквите кои го користат јулијанскиот календар, од друга страна води до необични неправилности – на пример, се случува Апостолскиот пост да треба да заврши пред воопшто да почне (кога празникот на светите апостоли Петар и Павле ќе се падне во Духовденската седмица). Веќе во 1924 година, овој календар бил прифатен во Цариградската Патријаршија, Романската црква и Црквата на Кралството Грција.

Кралството Грција грегоријанскиот календар го прифатила најдоцна, во 1923 година, а за помалку од една година потоа и црквата го усвоила ревидираниот јулијански календар, па таму скоро и да немало период на паралелна употреба на два календари, еден државен, а друг црковен. Менувањето на црковниот календар во Грција не бил мирен и едноставен процес. Значителен број верници, свештеници и епископи изразиле силен револт кон одлуката за промена и одбивале да ја прифатат. Дел од нив се имаат одвоено во посебна црковна структура наречена „Вистинска православна црква“, чии припадници во народот се познати како „старокалендарци“ заради приврзаноста кон стариот календар. Оваа црковна структура се смета за расколничка, бидејќи нема општење ниту со Грчката црква, ниту со другите канонски Православни цркви во светот. Разделбата на верниците заради прашањето на календарот до ден денес останува болна рана на телото на Православната црква во Грција, која црквата се труди да ја залечи со тоа што ќе допушти и служби по стариот календар, но овој процес е далеку од завршен.

Вреди да се напомене дека монашката држава Света Гора, која се наоѓа во рамките на државата Грција, а припаѓа во црковната јурисдикција на Цариградската патријаршија, сè уште се раководи по стариот календар. Но, секогаш останала во единство со црквите кои го прифатиле новиот календар.

Полската православна црква го усвоила новиот ревидиран календар во 1924, а во 2014 година се враќа на стариот календар, оставајќи слобода парохиите да служат и според ревидираниот јулијански календар, доколку така претпочитаат. Двата црковни календари се во употреба и во Православната црква на Чешка и Словачка.

Александриската Патријаршија, иако на почетокот се спротивставила на ревизијата на календарот, откако на нејзиниот престол дошол истиот патријарх Мелетиј Метаксакис, во 1926 година преминала на новиот календар. Овој чекор го следеле и Антиохиската Патријаршија, и Кипарската православна црква.

Финската православна црква е единствена православна црква која се раководи според грегоријанскиот календар вклучително и за одредување на датумот на Пасха.

Бугарската православна црква преминува на новиот календар во 1968 година. Но, бидејќи поминале полни 50 години во кои црквата употребувала еден календар, а државата друг, останала навика некои празници да се празнуваат по стариот календар. На пример, Бугарската црква Ѓурѓовден го празнува на 6 мај наместо на 23 април како што е предвидено во црковниот календар.

Сегашната состојба и како понатаму

Поголемиот број помесни Православни цркви го имаат прифатено новиот ревидиран календар. Јулијанскиот календар останува во употреба во следните православни цркви: Ерусалимската патријаршија, Руската православна црква – Московска Патријаршија (вклучително и автономните цркви под оваа Патријаршија – Белоруска, Украинска, Молдавска, Јапонска и др.), Српската Патријаршија, Грузиската православна црква, Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, и Света Гора. Според бројот на верници, може да се каже дека најголемиот број православни во светот се раководат според стариот, јулијански календар во богослужбениот живот на црквата.

Интересен податок е тоа дека јулијанскиот календар се користи во астрономијата и во компјутерската технологија, затоа што е едноставен за користење и правење прецизни временски пресметки. Па така, движењето на небесните тела, појавувањето на кометите, движењето на сателитите во орбитата на Земјата се пресметуваат со користење на тнр. „јулијански ден“.

Промената на календарот, особено без соодветна подготовка на верниот народ, може да доведе до раздор помеѓу верниците, како што се случило во Грција.

Треба да се има предвид и дека една црква која што долго време користела различен календар од државата, по усвојувањето на новиот календар, како што гледаме од примерот на Бугарската православна црква, може да има потешкотии да ги убеди верните да се вратат на стариот датум на прослава на празниците: Св. Кирил и Методиј на 11 наместо на 24 мај, Успение Богородично на 15 наместо на 28 август, Петровден на 29 јуни наместо на 12 јули и многу други, меѓу кои и за нашиот народ најзначајниот – Илинден на 20 јули наместо на 2 август.

Ерусалимската Патријаршија, како дополнителна причина за придржување до стариот календар го има и практичниот аспект на организирање на празничните богослужби во Светата Земја во различен ден од Римокатолиците; би било потешко да се ускладат овие служби кога би биле во ист ден. Исто така, Ерусалимската Патријаршија во неколку наврати има истакнато дека: „Истовременото прославување на празниците со Римокатоличката црква се проценува некорисно за Православието“.

Идеално би било, прашањето на календарот да биде решено на некој иден Сеправославен т.е. Вселенски собор, како што впрочем и било предвидено, па оваа тема била разгледувана на предсоборската конференција во 1977 година, но кога и дали ќе се случи тоа, останува неизвесно. На конференцијата во 1977 година е констатирано дека пресметувањето на датумот на Пасха според јулијанскиот календар има отстапување во однос не само на рамноденицата, туку и на месечевите мени, кои во реалноста се случуваат 5 дена порано одошто се пресметува. Заклучено е дека овие недостатоци треба да се исправат на таков начин што нема да се наруши погореспомнатиот канон од Првиот вселенски Собор. (Треба да се каже дека тој канон не се нарушува ниту со денешното сметање на датумот за прослава на Воскресението Христово, според јулијанскиот календар.)

На Великиот собор во Крит, во јуни 2016 година, оваа тема не беше разгледувана. На подготвителните средби пред Соборот беше вклучена и проучувана, но на собирот на претстоителите, во јануари 2016 година, беше одлучено да се изостави, затоа што некои Православни цркви не се спремни и немаат желба да прават реформи во календарот.

Божиќна ѕвезда – украс за новогодишните и божиќните празници

Голем број семејства за новогодишните и божиќните празници, освен со китење на елката, домот го украсуваат и со цвеќето божиќна ѕвезда, кое цвета во периодот околу Божик.

Цветовите на божиќната ѕвезда всушност не се вистински цветови, туку се листови на растението, кои можат да бидат во различни бои: црвена, жолта, портокалова, бела и крем. Вистинските цветови се многу мали и незабележителни и имаат зелена или жолта боја, а се во форма на бобинки.

Името божиќна ѕвезда ова цвеќе го добило бидејќи листовите му се во облик на ѕвезда. Цвета за Божик, а ја симболизира ѕвездата што на тројцата мудреци им го покажала патот до Исус.

Постојат и други легенди за божиќната ѕвезда. Според една стара мексиканска легенда, првата божиќна ѕвезда настанала од молитвите на девојчето Марија и нејзиното братче Пабло. Тие потекнувале од сиромашно семејство и немале пари да купат подарок за малиот Исус. На Бадник кога оделе кон црквата набрале полски билки наместо подарок. Кога ги ставиле билките околу колепката на Исус, нивните зелени листови станале сјајно црвени цветови.

Според друга легенда, пак, убавината на ова цвеќе се должи на некоја астечка божица, на која поради несреќната љубов ѝ се распарчило срцето. Од капките на нејзината крв израснал огнен цвет со црвена боја опкружен со зелени ливчиња.

Божиќната ѕвезда е совршена за подарок, а со своите прекрасни цветови го разубавува секој простор за време на празниците. /МИА

Променливо облачно, со магла по одделни котлини

Времето денеска во земјава ќе биде променливо облачно, по одделни котлини со појава на магла или ниска облачност.

Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има слаби локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, соопшти УХМР.

Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 4, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени.

Во Скопје променливо облачно со појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 6 степени.

До петок ќе се задржи стабилно време со слаб, наместа умерен јужен ветер. По котлините ќе има појава на магла или ниска облачност и таму температурите ќе се задржат пониски. Во останатите места ќе биде релативно топло, особено на планините каде ќе има постепено топење на снежната покривка.

Во петок попладне и за време на викендот ќе има повремени врнежи кои најпрво ќе бидат од дожд, а поради спуштање на постудена воздушна маса со северен ветер постепено ќе преминуваат во снег.

притисни ентер