Толку длабоко што едно време дури го презедоа и бројни комунистички земји кои не беа склони да промовираат религиозност ниту суеверие.
Митот за Дедо Мраз често се користи како дисциплинска алатка, а клучната идеја во него е дарежливиот старец кој ги наградува добрите деца, а ги казнува лошите. Меѓутоа, во последниве години, сè почесто се дискутира на прашањето дали верувањето во Дедо Мраз навистина помага да се подобри детското однесување.
Ритуали, а не вера
Три научни студии спроведени во Велика Британија за време на божиќните периоди 2019, 2021 и 2022 година покажале дека децата навистина се однесуваат нешто подобро за време на божиќните празници, но не поради верувањето во Дедо Мраз.
Имено, резултатите открија дека празничните традиционални ритуали всушност позитивно влијаеле на однесувањето кај децата.
Водачот на истражувањето, д-р Рохан Капитани, доцент по наука за податоци на Универзитетот Дурам, објасни дека божиќните ритуали поттикнуваат чувства на заедништво и емпатија кај децата, што може да доведе до подобра соработка и пољубезно однесување.
Како е спроведено истражувањето?
Студијата опфатила повеќе од 350 семејства со деца на возраст од четири до девет години.
Родителите кои учествувале, трошеле во просек по 300 фунти на подароци за своите деца, при што просечниот приход на домаќинството бил помеѓу 40.000 и 50.000 фунти годишно.
Сите тие ги документирале семејните традиции, како и однесувањето на нивните деца од крајот на ноември до 26 декември. Традициите вклучувале активности како што се украсување на елката, пеење божиќни песни, подготовка на традиционални празнични оброци, заедничко гледање божиќни филмови и учество во играта „Џуџе на полицата“, во која џуџињата следат што прават децата и го информираат Дедо Мраз.
Покрај тоа, за потребите на студијата, родителите забележувале и дали нивните деца веруваат во Дедо Мраз или не.
Резултатите покажале дека околу 70% од децата верувале во Дедо Мраз, но дека тоа верување немало значително влијание врз нивното однесување.
Дали е доволно да се верува во Дедо Мраз?
Спротивно на тоа, учеството во божиќните активности се покажало како клучен фактор во подобрување на однесувањето. Децата кои учествувале во семејните традиции покажувале поголема емпатија, биле помалку себични и генерално, станувале пољубезни со наближувањето на Божиќ.
Д-р Капитани забележува дека влијанието на ритуалите било дотолку поголемо колку ритуалот бил понеобичен и напорен.
„Се чини дека децата реагираат на трудот и посветеноста што ги вложуваат семејствата во создавањето на празничната атмосфера“, посочил тој.
Капитани смета дека Дедо Мраз е „како божество, додека децата се негови обожаватели“.
Тој истакнува дека децата не се толку лековерни како што се чини, туку се проникливи во препознавањето на убедливите тврдења и, како и возрасните, бараат симболични однесувања и ритуали како доказ. Во случајот со Дедо Мраз, пошироките празнични традиции што го придружуваат Божиќ помагаат да се докаже и зајакне детската верба во неговото постоење.
Д-р Капитани верува дека ритуалите, без разлика дали станува збор за верувањето во Дедо Мраз кај децата или религиозното верување во Бог кај возрасните, се основна мотивација за прифаќање на работите кои директно не ги доживуваме или не можеме да ги докажеме.
Зошто ритуалите се толку моќни?
Еволутивните психолози веруваат дека ритуалите кои вклучуваат подготовки, прослави, верски обреди итн. играат клучна улога во обликувањето на човековите вредности и однесувањето бидејќи создаваат чувство на припадност и заедништво. Преку заедничките активности во овие ритуали, децата учат за важноста на споделувањето, соработката и благодарноста.
Капитани истакнува дека децата имаат тенденција да го имитираат однесувањето на нивните родители и наставници.
„Ако родителите ја покажуваат важноста на љубезноста и соработката преку ритуали, децата го прифаќаат тоа како дел од нивните вредности“, објаснува тој.
Практични препораки за родителите
Врз основа на овие студии, научниците препорачуваат родителите повеќе да се фокусираат на заедничките активности, а помалку на казните или наградите поврзани со Дедо Мраз.
Капитани вели дека „божиќната магија лежи во постапките, а не во верувањето во измислено битие“.
„Најголемите подароци што можете да им ги дадете на вашите деца се чувствата на припадност и љубов кои доаѓаат преку заедничките моменти“, истакнува тој.
„Митот за Дедо Мраз е неетички“
Некои неодамнешни истражувања ја доведуваат во прашање етичката коректност на поддршката на митот за Дедо Мраз.
Д-р Џозеф Милум од Универзитетот Св. Ендрјус во Велика Британија верува дека родителите кои инсистираат на тоа дека Дедо Мраз е реална личност се виновни за „родителство со лажење“.
Тој за „The Conversation“ напишал: „Верувам дека е неетички да му кажете на вашето дете дека Дедо Мраз навистина постои. Тоа е манипулативно, ја нарушува нивната доверба и може да предизвика вознемиреност и загриженост“.
Во едно истражување, објавено во јануари, научниците интервјуирале 48 деца на возраст од шест до 15 години кои повеќе не верувале во Дедо Мраз. Речиси половина од децата изјавиле дека доживеале негативни емоции како тага или гнев откако откриле дека приказната за него е измама.
Сепак, психолозите им порачуваат на родителите да избегнуваат лажење во воспитувањето во кој било контекст, туку вистината и информациите да ги приспособат на возраста. Тие истакнуваат дека родителите се како божества за децата и апсолутен извор на предвидливост и безбедност. А, ако главниот извор на заштита и преживување не е веродостоен, не дава точни информации за светот, тогаш светот за детето станува несигурно и непредвидливо место. Тоа доведува до анксиозност, чувство на несигурност и недоверба.