Велешкиот кајакар Кристијан Лазаров државен јуниорски првак

Воедно во категоријата  К-2 сениори  двосед  Кристијан Лазаров заедно со неговиот клупски колега искусниот и успешен кајакар Љубомир Спасиќ и негов тренер се пласирале на второто место  со сребрен медал и пехар.

Во поединечна конкуренција на Државното првенство во кајак на мирни води што викендов се одржа во Струга, Кристијан Лазаров член на ККК „Арка-Борец“ од Велес го освои првото место и златен медал и пехар и стана државен јуниорски првак во категоријата К-1 јуниори. За МИА, изјава дека е пресреќен за освоената титула државен јуниорски првак.

- Се чувствувам пресреќен за успехот. Секогаш кога победувам сум среќен и тоа многу ми значи како нова мотивација успешно да продолжам понатаму на домашните и меѓународни натпревари, потенцира 18 годишниот Лазаров.

Тој информира дека во К-2 во јуниори- двосед тој заедно со неговиот клупски колега Благој Гугинов го освоиле второто место и сребрен медал и пехар.

Воедно во категоријата К-2 сениори двосед Кристијан Лазаров заедно со неговиот клупски колега искусниот и успешен кајакар Љубомир Спасиќ и негов тренер се пласирале на второто место со сребрен медал и пехар.

Во Струга викендов се одржа Државното првенство на Македонија во кајак на мирни води на кој учество земаа шест клуба од Дебар, Струга, Охрид и Велес со над 60 натпреварувачи.

Кајак Кану Клуб „Арка-Борец“ од Велес екипно го освои второто место и сребрени пехари во јуниорска и сениорска категорија, Првото место во сениорска и јуниорска конкуренција го освои Кајак клубот „Дрим“, додека третото место го освои КК „Црн Дрим“ двата од Струга. /МИА

По истрагата за смртта на Лијам Пејн, обвинет и негов близок пријател

 Според последните информации, пет лица се обвинети во врска со смртта на британскиот пејач Лијам Пејн, а меѓу нив е и неговиот близок пријател Рохелио Норес.

Според аргентинското Државно обвинителство, менаџерката на хотелот Гилда Мартин, вработениот во хотелот Естебан Граси и Норес се обвинети за убиство од небрежност, а пак, вработените Брајан Паиз и Езекиел Перејра се обвинети за снабдување со дрога. Според наводите, Судот наредил двајца од петтемина обвинети да бидат задржани во притвор. Тие се повикани да се појават на Суд во рок од 24 часа.

Пред неколку дена аргентинската полиција ѝ испратила покана за сослушување и на неговата девојка Кејт Кесиди, која не е осомничена, но се надеваат дека таа може да даде дополнителни информации.

За потсетување, три недели по смртта на Лијам Пејн, обвинителите во Аргентина ја отфрлија можноста за самоубиство, наведувајќи дека најверојатно бил во несвест кога паднал од балконот на третиот кат на хотелот „Касасур Палермо“ во Буенос Аирес на 16 октомври.

Општина Кочани потпиша договори за стипендирање на 30 редовни студенти

Во просториите на Општина Кочани денеска беа потпишани договорите за доделување стипендии на 30 редовни студенти кои студираат на јавните високошколски установи во државата.

Нивниот избор беше направен по претходно објавениот конкурс според кој кандидатите требаше да задоволат одредени критериуми во поглед на постигнатиот успех, социјалната состојба и дефицитарноста на струката. Во предвидениот рок на конкурсот се пријавиле вкупно 33 кандидати, при што двајца студенти ги повлекле пријавите, а еден бил запишан на приватен факултет.

Износот на стипендијата по студент изнесува 3.500 денари месечно и ќе се исплаќа за периодот од септември годинава до јуни идната година.

Градоначалникот Љупчо Папазов присуствуваше на потпишувањето на договорите што лично им ги додели на студентите, посакувајќи им успех во студирањето.

-Се надевам дека финансиската поддршка што ја обезбедува Локалната самоуправа ќе биде добра мотивација за натамошни успеси во образованието, но таа ви дава и обврска да бидете дел од потенцијалните кадри кои, како професионалци во струките за кои се школувате, ќе работат во јавните институции и приватните компании во општината. Очекувам навреме да ги завршите студиите и со вашиот стручен придонес да станете корисни граѓани за општината и целата општествена заедница, истакна Папазов.

Според критериумите што ги пропиша Општината, се планираше десет стипендии да се доделат на студенти од социјално загрозени семејства, по пет за лица од ромската етничка заедница и за студенти на факултетите за медицински науки, а останатите на студентите кои постигнале висок успех во студирањето, што им носеше и најмногу бодови. Услов за добивање стипендија е кандидатот да е жител на Општина Кочани и да не прима друг вид парична помош.

По поднесените пријави, 14 стипендии се доделени на студенти на факултетите за медицина, а останатите се кандидати кои се образуваат на математичко-информациските, образовните и општествените науки.

Во изминатите 16 години Општина Кочани додели околу 400 стипендии, главно за студенти, а во првата година од стипендирањето финасиска помош добија и средношколците. Вкупната сума што до сега ја добија младите лица кои студираат на високошколските установи во државата изнесува околу 200 илјади евра.

Велика Британија ја поттикна дебатата за легализација на евтаназијата во земјите од ЕУ

Одлуката на Велика Британија да пристапи кон постапка за легализација на евтаназијата, одново го покрена прашањето за овозможување на „убиствата од милосрдие“ или „за потпомагање при самоубиство“ во ЕУ. 

Во некои членки на ЕУ, како Австрија, Белгија, Луксембург, Холандија и Шпанија, и сега постои законска можност за евтаназија под одредени услови. Сепак, најпозната по легализацијата на евтаназијата во Европа е Швајцарија, која овозможува законски потпомогнато самоубиство од 1942 година и една од најпопуларните дестинации за странците кои сакаат да пристапат до помош за да починат.

Законодавството прави разлика меѓу „евтаназија“ и „потпомогнато самоубиство“. При „евтаназија“, лекарот или помагачот му даваат на пациентот соодветен лек за намерно да му го прекинат живот, додека при „потпомогнато самоубиство“ на пациентот законски му се препишуваат смртоносни лекови кои мора да ги земе самиот за да се убие.

Професорот по здравствено право на Универзитетот „Еразмус“ во холандскиот град Ротердам, Мартин Бујсен смета дека легализацијата на евтаназијата нема да се случи во сите земји одеднаш, но тој процес неизбежно ќе започне особено во државите од Западна и Северна Европа.

Холандија и Белгија беа првите европски земји кои легализираа некаква форма на евтаназијата во 2002 година. Согласно законодавствата во овие земји, барање за евтаназија можат да поднесат само пациенти кои „доживуваат постојано и неподносливо страдање, вклучително и психичко, поради неизлечива болест и кои немаат изгледи за подобрување на нивната состојба“.

Луксембург ја легализираше евтаназијата во 2009, а Австрија во 2022 година. Шпанија усвои закон за легализација на потпомогнато умирање во 2021 година, кое лани по судски пат неуспешно се обиде да го оспори екстремно десничарската партија Вокс.

Во Холандија во 2023 година се регистрирани 9.068 лица на кои им било помогнато да починат, што претставува 5,4 проценти од вкупниот број смртни случаи во земјата таа година. Ова претставува зголемување за четири отсто во споредба со 2022 година и за 87 проценти споредено со 2013 година.

Во Белгија, пак, во 2023 година имало 3.423 случаи на евтаназија или 3,1 отсто од вкупниот број смртни случаи во земјата, што претставува зголемување за 15 отсто во споредба со претходната година.

Според експертите, не станува збор само за зголемување на случаите на евтаназија, туку е проширена и листата на дијагнози врз основа на која се бара оваа постапка.

Противниците на евтаназијата посочуваат на можности за злоупотреба на ваквите законодавства, која би била на штета на одредени граѓани, особено на оние од ранливите категории. Тие нагласуваат дека феноменот на растот на бројот на случаи на потпомогнати самоубиства треба да претставува аларм при дебатите за легализација на евтаназијата.

Постапките за легализација на евтаназијата се соочуваат и со правни пречки, како од страна на конзервативните партии, така и од верските институции, но покренуваат и емотивни дебати околу ова прашање.

Така, од почетокот на оваа деценија, португалскиот Парламент во четири наврати во текот на три години усвојуваше Закон за евтаназија, но тој беше блокиран со вето од страна на конзервативниот претседател Марсело Ребело де Соуса. Лани, Парламентот во конечна постапка го отфрли ветото на Де Соуса, со што тој беше принуден да го потпише Законот, но тој се уште не е објавено во Службениот весник на Португалија, а со оглед на смената на социјалистичката Влада со конзервативна оваа година, тоа веројатно и нема да се случи во блиска иднина.

Во Германија евтаназијата е незаконска, но Федералниот уставен суд ја декриминализираше во 2020 година.

Слично и во Италија, Уставниот суд во 2019 година пресуди дека потпомогнатото самоубиство е можно кога пациентите се способни да донесуваат одлуки и имаат огромна болка. Како резултат на ваквата пресуда, во 2022 година во Италија во беше извршено првото познато потпомогнато самоубиство, иако земјата нема закон што дозволува каква и да било форма на евтаназија. На усвојувањето на таков закон жестоко се противи влијателната Католичка црква.

Иако влијанието на Католичка црква е големо и во Ирска, годинава во ирскиот Парламент беше предложен Закон за доброволно потпомогнато умирање, кој во прво читање беше поддржан од пратениците. Но, неговото конечно усвојување пропадна со распуштањето на Парламентот и предвремените избори.

На почетокот на годинава за Предлог-законот за помош при умирање се дебатираше и во Франција, но и тука неговото усвојување беше одложено поради распуштањето на Националното собрание и предвремените избори.

Додека во западноевропските земји се повеќе се дебатира за легализација на евтаназијата, во Источна и Централна Европа ова прашање се уште е под превезот на табу тема. Евтаназијата не е легална во ниту една земја од Источна Европа, ниту пак има законски предлози и иницијативи за нејзина легализација.

Според професорот по право на Универзитетот во српскиот град Крагуевац, Вељко М. Турањанин неколкуте обиди за покренување на дискусии за легализирање на евтаназијата во Србија пропаднале поради жестокото противење на Православната црква.

- Мислам дека во држави каде што Владата и Црквата се силно поврзани, носењето на такви закони нема да биде лесна задача, вели Турањанин.

притисни ентер