Спортски настани кои ја одбележаа 2024 година

Олимписката 2024 година покрај Игрите во Париз на спортски план ја одбележаа и други големи натпревари, значајни достигнувања и трансфери кои предизвикаа голем интерес кај светската спортска јавност.

Хамилтон се пресели од Мерцедес во Ферари

Британскиот возач Луис Хамилтон го напушти Мерцедес и од следната сезона ќе биде член на Ферари. Заврши долгогодишната и плодна соработка меѓу Луис Хамилтон и Мерцедес, соопштија од германскиот тим, а Британецот од следната сезона ќе биде зад воланот на тимот од Маранело.

-Мерцедес е дел од мојот живот уште од мојата 13-та година. Тоа е местото каде што пораснав, така што одлуката да заминам беше една од најтешките што некогаш сум морал да ја донесам, но вистинското време е да го направам тој чекор и возбуден сум што ќе го преземам новиот предизвик. Засекогаш ќе бидам благодарен за неверојатната поддршка на моето семејство Мерцедес, особено на Тото Волф за неговото пријателство, изјави по тој повод Хамилтон.

Канзас Сити победници на СуперБоул 58

Канзас Сити Чифс го освоија 58-то издание на Суперболот, победувајќи ги Сан Франциско Фортинајнерс по продолжение со резултат 25:22.

На овој начин „шефовите“ ја освоија втората последователна титула, а во претходните пет години три пати го подигнаа трофејот „Ломбарди“.

Патрик Махомес по трет пат во кариерата е прогласен за Најкорисен играч на СуперБоул, а со тоа уште еднаш докажа дека е легитимен наследник на легендарниот Том Брејди.

Усик апсолутен светски шампион во бокс

Боксерот Олександр Усик од Украина е апсолутен светски шампион во тешка категорија. Усик го победи Тајсон Фјури од Обединетото Кралство и стана сопственик на појасите во верзиите ВБЦ, ВБО, ВБА и ИБФ.

По 24 години, боксот доби апсолутен шампион во тешка категорија. Усик го победи Фјури со поделена одлука по 12 рунди.

На 21 декември се одржа и реваншот во претсолнината на Саудиска Арабија - Ријад, а Украинецот повторно победи по судиска одлука и ги одбрани титулите.

Усик се уште е непоразен боксер со скор од 23-0 во професионалната кариера. Покрај едно реми и 34 триумфи, Фјури забележа и два порази.

Клоп го напушти Ливерпул по девет години

Германскиот стручњак Јурген Клоп се прости од Ливерпул по девет години на чело на клубот од „Енфилд“.

Клоп уште во јануари неочекувано донесе одлука да го напушти клубот на крајот од сезоната, која ќе заврши со освоен Лига куп.

Поранешниот тренер на Борусија Дортмунд дојде во Ливерпул во 2015 година и освои осум трофеи.

На местото на Клоп како тренер дојде холандскиот стручњак Арне Слот.

Панатинаикос се врати на врвот на Европа

Кошаркарите на Панатинаикос во финалето на „фајналфорот“ на Евролигата го совладаа тимот на Реал со 95:80 и по седми пат во историјата ја освоија титулата европски првак.

Панатинаикос ја освои седмата титула шампион во Евролигата, а прва од 2011 година. Капитенот на тимот, Костас Слукас го крена трофејот со трет различен тим.

Турскиот тренер Ергин Атаман ја освои својата трета титула во првата сезона во Атина, по двете претходно на чело на Ефес.

Бостон по 18. пат шампион во НБА лигата

Кошаркарите на Бостон Селтикс станаа шампиони во НБА лигата со победата над Далас Маверикс од 106:88 во петтиот натпревар од финалната серија.Бостон сега е апсолутен лидер по бројот на освоени титули со 18 трофеи, додека Лос Анџелес Лејкерс е втор со 17 шампионски титули.

Бостон го освои трофејот за прв пат од 2008 година, а откако ги задржа главните играчи на тимот - Џејлен Браун и Џејсон Тејтум - заедно, тие се фаворити и оваа сезона.

Јарослава Махучич собори светски рекорд од 1987 година

Украинската атлетичарка Јарослава Махучич го собори светскиот рекорд во скок во височина на митингот на Дијамантската лига во Париз. Украинката прескокна 2,10 метри.

Махучич со тоа го надмина рекордот на Бугарката Стефка Костадинова од 1987 година, поставен на Светското првенство во Рим.

Со овој скок таа го освои првото место на средбата од Дијамантската лига во Париз.

Шпанија доминантно го освои Европското првенство

Фудбалерите на Шпанија станаа нови шампиони на Европа, откако во финалето на Европското првенство на Олимпискиот стадион во Берлин ја победија Англија со 2:1.

Шпанија по четврти пат стана шампион на Европа.

Избраниците на тренерот Луис де ла Фуенте ја задржаа победничката серија, односно рекордот на ЕП 2024 со импресивна игра, без пораз во текот на турнирот.

Ледецки стана жената со најмногу златни олимписки медали

Американската пливачка Кејти Ледецки четврти пат по ред победи во трката на 800 метри слободно на Олимпијадата, го освои своето деветто олимписко злато и се изедначи со советската гимнастичарка Лариса Латинина, која до моментот беше жена со најмногу олимписки златни медали.

Американката стана само шестата олимпијка кој четири пати по ред триумфирала во една дисциплина.

Одличната пливачка веќе стана најуспешната Американка во историјата на Олимписките игри.

Хелиф, жена со машки хромозоми, освои злато во Париз

Алжирската боксерка, Иман Хелиф во финалето во категоријата до 66 килограми ја победи Кинеската Лиа Јанг и го освои златниот медал.

Хелиф победи со едногласна одлука по многу интензивни три рунди.

Хелиф е една од двете боксерки кои се натпреваруваа на Игрите во Париз и покрај тоа што Меѓународната боксерска федерација (ИБА) ја дисквалификуваше од минатогодишното Светско првенство поради наводно пад на тестот за подобност за полот и присуство на хромозомот HY, кој го имаат мажите.

Двете боксерки се најдоа во центарот на јавноста особено откако Италијанката Анџела Карини ја предаде борбата против Хелиф во осминафиналето на олимпискиот турнир поради силината на ударот што го доби од противничката од Алжир.

Последното парче од сложувалката на Ѓоковиќ

На своите петти Олимписки игри, српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ успеа да го освои вториот медал и првото злато, по бронзата во Пекинг во 2008 година.

Србинот го забележа својот најдобар настап во годината и го победи шампионот на Ролан Гарос и Вимблдон, Карлос Алкараз (Шпанија) со 7-6 (7-3) 7-6 (7-2) пред преполната публика во Париз.

Со победата во Париз, Ѓоковиќ конечно го доби единственото признание што му недостига во успешната кариера.

Надал се пензионираше

Еден од најдобрите играчи на сите времиња, двократен олимписки шампион и освојувач на 92 АТП титули, меѓу кои и 22 Гренс слем трофеи, Рафаел Надал се повлече од тенисот.

Полуфинале на Дејвис купот беше неговиот последен настап во кариерата. Тој се прости од професионалниот тенис и шпанските фанови со пораз од Ботик ван де Зандшулп.

Италијанците владеат со тенисот

Машката тениска репрезентација на Италија по трет пат во историјата го освои Дејвис купот, додека женската селекција во Купот Били Џин Кинг по петти пат покажа дека припаѓа на самиот врв на светскиот тенис.

Покрај репрезентативните триумфи, годината ја одбележаа и индивидуалните успеси, а се издвојува едно име - Јаник Синер. Младиот човек од Јужен Тирол не само што освои најмногу титули во сезоната, туку стана и лидер на АТП листата, а на осумте трофеи ја додаде и популарната „салатиера“.

Со само 23 години, Синер веќе влезе во историјата како најуспешен италијански тенисер на сите времиња со (досега) 18 трофеи.

Четврта титула во низа на Верстапен

Холанѓанецот Макс Верстапен од Ред Бул победи на трката за Големата награда на Катар на патеката Лусаил во Доха и ја потврди новата шампионска титула во Формула 1.

За него тоа е четврта титула во низа. Верстапен ја обезбеди титулата седум дена пред тоа, во Лас Вегас, а во Катар го забележа деветиот триумф за сезоната, 63-ти во кариерата.

Мекларен за прв пат од 1998 година шампион во конкуренција на конструктори

Сезоната во Формула 1 заврши со трката за Големата награда на Абу Даби на патеката „Јас Марина“, а возачот на Мекларен, Ландо Норис, заврши прв со време 1:26:33, со што му ја донесе титулата на својот тим во конкуренција на конструктори.

Ривалите Карлос Саинц и Шарл Леклер од Ферари не успеаја да го прескокнат првопласираниот Ландо Норис од Мекларен, па титулата во конкуренција на конструктори заврши во рацете на тимот кој ја бара од 1998 година.

Домараџу го надмина Каспаров и стана најмладиот светски шампион во шах

Осумнаесетгодишниот Индиец Гукеш Домараџу стана најмладиот светски шампион во шах, откако го победи бранителот на титулата, Динг Лирен од Кина.

Индиецот славеше по 14 партии против Лирен на Светското првенство во шах што се одржа во Сингапур.

Наградниот фонд на првенството изнесуваше 2,5 милиони долари, а секоја победа беше вредна 200.000 долари.

Домараџу го надмина рускиот шахист Гари Каспаров кој беше најмладиот светски шампион од 1985 година, откако ја освои титулата на 22 години. Индиецот стана велемајстор кога имал 12 години и седум месеци, а рекол дека сака да стане светски шампион уште од седумгодишна возраст кога го гледал мечот за светската титула во 2013 година помеѓу Вишванатан Ананд и Магнус Карлсен.

Реал Мадрид 15. пат европски шампион

Фудбалерите на Реал Мадрид продолжија да го зголемуваат сопствениот рекорд по бројот на европски шампионски титули.

Реал Мадрид во финалето на Лигата на шампионите ја победи Борусија Дортмунд со 2:0 и го освои 15. трофеј во тоа натпреварување.

Во финалето на Лига Европа, Аталанта му го нанесе првиот пораз на Баер Леверкузен во сезоната 2023/2024 (3:0), додека Олимпијакос ја освои титулата во конференциската лига со победата од 1:0 против Фиорентина.

Родри ја освои „Златната топка“, Реал ја бојкотираше церемонијата како поддршка на Винисиус

Годината заврши со контроверзии околу изборот за „Златна топка“, на кој победи Родри од Манчестер сити.

Освојувачот на Лигата на шампионите, Реал Мадрид се налути што наградата не отиде во рацете на нивниот фудбалер Винисиус Жуниор, кој постигна 24 гола на 39 натпревари за својот клуб во сите натпреварувања, па ја бојкотираа церемонијата во Париз.На крајот на годината на бразилскиот напаѓач му беше врачена наградата на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) за најдобар играч.

Сезона за паметење на Тадеј Погачар

Словенечкиот велосипедист Тадеј Погачар (26) ја одбележа сезоната со победи на познатите тринеделни трки Тур д'Франс и Џиро д'Италија, заедно со златото на Светскиот шампионат на друмски трки во Цирих и стана првиот велосипедист што ја освоил „тројната круна“ по 37 години.

Во сезоната забележа 25 победи во 57 тркачки денови, при што 32 пати беше на подиумот.

Тој стана третиот велосипедист во историјата кој победил на две тринеделни и две еднодневни трки (Лиеж-Бастоњ-Лиеж и Џиро д'Ломбардија) во истата сезона, а тој успех го остварија уште само Италијанецот Фаусто Копи во 1949 година и легендарниот Белгиец Еди Меркс во 1972 и 1973 година.

Северина на пречекот во Сараево го донесе и синот: Тој, јас и уште вие 55 илјади (ВИДЕО)

Северина пееше во Сараево на дочекот на 2025 година.

Таа на Инстаграм откри дека го однела синот во Босна и Херцеговина.

Севе објави видео на кое може да се види како гледа низ прозорецот со нејзиниот син кон илјадниците луѓе кои се собраа на една од најфреквентните улици во Сараево.

„Тој и јас... И 55 илјади вие во Сараево... Каква енергија, сите пеевме и игравме како едно, убави луѓе како едно големо срце... Јас сум среќна жена...“, напиша таа во описот.

Според податоците на МУП на кантонот Сараево, на концертот имало повеќе од 55 илјади луѓе. Северина половина час пред полноќ излезе на сцената и ја дочека Новата година со граѓаните.

На репертоарот беа триесетина од најголемите хитови од нејзината кариера, но и неколку песни кои ѝ се особено драги. Еден од нив беше „Сараево, љубов моја“ од Кемал Монтено, со која ја пречека со публиката 2025 година. Пред полноќ, на сцената ѝ се придружи и градоначалникот на Сараево, Предраг Пухариќ.

За време на нејзиниот настап таа рече дека сака ниту едно дете да не се повреди оваа година. Им пружи поддршка и на студентите од Белград, кои исто така пристигнаа во Сараево. Освен Северина, на новогодишната ноќ во Сараево настапи и Ади Шоше.

„Анима Мунди“ бара кривична одговорност за заменик директорот на „Македонија пат“ Сашо Дранго

Заменик директорот на Македонија пат и претседател на унијата на ветерани во Демир Хисар, Сашо Дранго, гордо се фотографира со мечка што ја застрелал во декември 2024 година.

Мечката е класифицирана како дивеч под заштита, што значи дека нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането.

Фотографиите до кои дојде Анима Мунди, покажуваат дека Дранго откако ја убил мечката, ладнокрвно позира со неа како да е трофеј, што само го отсликува неговото умоболно хоби, за што говорат и неговите фотографии од убиени различни диви животни на социјалните мрежи.

Станува збор за човек, втор во хиерархијата во јавно претпријатие кој треба да биде пример за почитување на законите, а не сторител на кривични дела.

Оттаму, се отвора прашањето дали Дангов е недопирлив за правдата само затоа што е политичар и колку пати го има извршено овој монструозен чин?

Според член 11 од Законот за дивечот и ловството, мечката е класифицирана како дивеч под заштита, што значи дека нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането.

Дополнително, член 14 од истиот закон предвидува дека ловењето на мечката е трајно забрането, без исклучоци.

Според член 228 од Кривичниот законик, ловењето на дивеч под заштита, како мечката, е казниво со затворска казна од една до пет години.

Потенцираме дека цивилизиран човек е само оној кој има почит кон сите живи битија, а не оној кој ги деградира нивните живеалишта, им упаѓа во животната и природна територија и наоружан до заби убива.

Анима Мунди ќе поднесе кривична пријава против Дранго, и очекуваме негово разрешување од функцијата, бидејќи вршителите на јавни функции треба да бидат синоним за одговорност, отчетност и почитување на законите, наместо со пушки в рака да убиваат заштитени видови животни и притоа да не одговараат.

Бараме законот да важи за сите и за овој злочин против природата во кој животот го загуби едно скапоцено животно да следува највисоката казна предвидена со закон, соопштуваат од Анима Мунди.

Дочек во Брисел: Изгореа над 60 автомобили, нападнати пожарникари и полицајци (ВИДЕО)

Брисел се соочи со немири на новогодишната ноќ.

Помеѓу 18 часот во вторникот и 7 часот вчера наутро, полицијата реагираше на повеќе од 1.700 инциденти низ градот, при што се уапсени 159 лица.

Најлошо беше во западните и јужните области на белгискиот главен град, вклучувајќи ги Моленбек и Андерлехт. Станува збор за населби во кои живеат голем број мигранти. Најмалку 60 автомобили изгореле, а пожарникарите кои се обидувале да ги изгаснат пожарите биле гаѓани со камења и молотови коктели, принудувајќи ги во некои случаи да се повлечат, соопшти бриселската противпожарна служба.

„Беше навистина лудо. Бевме таму за да помогнеме, а врз нас фрлаа молотови коктели“, изјави портпаролот на противпожарната служба Валтер Дерију за Политико. На полноќ ноќното небо беше осветлено со бројни огномети и покрај забраната за пиротехнички средства во градот. Факели и петарди беа запалени и во центарот на градот. Мотоциклист фрлал огномет врз минувачите во областа Иксел.

Немирите избија и покрај низата мерки насочени кон спречување на криминалот на новогодишната ноќ. Мерките вклучуваа воведување полициски час за под 16 годишни во Андерлехт, историско обединување на шест полициски зони во Брисел под централна команда и распоредување на стотици дополнителни полицајци.

Во Антверпен, вториот по големина град во Белгија, имаше немири и пожари, а полицијата забележала 49 апсења. Немирите на новогодишните ноќи во Белгија стануваат традиција. Така, повеќе од 200 луѓе се уапсени во пресрет на 2024 година во Брисел. „За жал, тоа станува вообичаена работа“, потврди Дерију.

притисни ентер