Пад на индустриското производство

Индустриското производство во ноември 2024 година, во однос на ноември лани, е помало 3.5 отсто. 

Во периодот јануари – ноември 2024 година, пак, во споредба со истиот период од 2023, индустриското прозводство е намалено за 3.8 проценти, соопшти Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во ноември 2024 година, во однос на ноември 2023 година, бележи опаѓање од 3.2 %, во секторот Преработувачка индустрија бележи опаѓање од 2.7 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 6.7 %.

Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: Производство на прехранбени производи, Производство на пијалаци, Производство на текстил, Производство на облека, Производство на хартија и производи од хартија, Печатење и продукција на снимени медиуми, Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на машини и уреди, неспоменати на друго место, Производство на моторни возила, приколки и полуприколки и Поправка и инсталирање на машини и опрема.

Според главните индустриски групи, производството во ноември 2024 година, во однос на ноември 2023 година, бележи опаѓање кај Енергија за 6.6 %, Капитални производи за 11.1 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 6.9 %, додека пораст бележи кај Интермедијарни производи, освен енергија за 4.3 % и Трајни производи за широка потрошувачка за 36.2 %.

Ѓорѓиевски во увид на градежните активности за нов паркинг кај ООУ „Невена Георгиева Дуња“

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес изврши увид во градежните активности за изградба на нов паркинг во дворот на основното училиште „Невена Георгиева Дуња“. 

Новиот паркинг, кој ќе се простира на површина од 550 квадратни метри, ќе обезбеди околу 50 паркинг позиции, со инвестиција вредна приближно 450.000 денари. Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека ова е уште еден чекор во континуираното решавање на предизвиците поврзани со урбаното живеење:

-Во изминатите три години изградивме над 1500 паркинг места низ општината, со што значително го олеснивме секојдневието на граѓаните. Со изградбата на овој паркинг, придонесуваме кон подобра функционалност и достапност во непосредна близина на училиштето, кое секојдневно го посетуваат ученици, родители и наставен кадар.-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

Тој потсети дека, во истиот училишен објект е во тек изградбата на затворен базен, кој треба да биде готов до крајот на мај и дека во насока на заложбата за воведување едносменска настава во сите основни училишта во општината, ова училиште ќе биде проширено.

„Само пред неколку дена заедно со министерот за спорт, Борко Ристовски, направив увид во тековната изградба на затворениот базен во истиот училишен објект. Очекуваме овој значаен проект да биде завршен до крајот на мај. Во контекст на нашата заложба за воведување на едносменска настава во сите основни училишта во општината, со задоволство најавувам дека истото училиште ќе биде и проширено. Веќе имаме подготвена финансиска конструкција за проширувањето, со која општината ќе аплицира на вториот јавен повик од Владата за обезбедување средства за капитални проекти- истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.

Во училиштето „Невена Георгиева Дуња“се обезбедени се и интерактивни панели кои ќе користат во наставниот процес. Поставен е и нов видео надзор кој ќе ја зголеми безбедноста на учениците, а набавен е и инвентар за училишната кујна, соопштуваат од Општината.

Јанчев: Девојче и момче се првите родени бебиња во Новата година во Кавадарци

Девојче и момче се првите родени бебиња во Новата година во ЈЗУ Општа болница Кавадарци.

Девојче и момче се првите родени бебиња во Новата година во ЈЗУ Општа болница Кавадарци, а денеска градоначалникот Митко Јанчев на нивните мајки Мери Ѓоргиева и Аница Баснаркова им врачи цвеќе и пригодни подароци, кои градот Кавадарци традиционално ги доделува на првородените деца во Новата година.

Оваа традиција има за цел да ја истакне важноста на семејството и да го симболизира среќниот почеток на годината. Новата година нека донесе здравје, среќа и љубов на бебињата, нивните мајки и семејства, објави градоначалникот Митко Јанчев на ФБ.

Маск побара Британија да го ослободи од затвор лидерот на британската крајна десница

Извршниот директор на Платформата Икс, Илон Маск, изјави дека Велика Британија треба да го ослободи од затвор британскиот екстремно десничарски активист Томи Робинсон.

Робинсон, основач на движењето Англиска одбранбена лига, беше осуден на 18 месеци затвор во октомври минатата година поради прекршување на судска наредба, откако прикажа документарен филм во кој имаше клеветнички тврдења за момче бегалец од Сирија.

Маск го сподели документарецот со повеќе од 210 милиони негови следбеници на X.

Робинсон е еден од најпознатите претставници на британската екстремна десница, пишува британски Политико.

Неговите протести во Лондон често привлекуваат илјадници поддржувачи, а тој беше член на Британската национална партија (БНП), а во 2019 година не успеа да освои место во Европскиот парламент.

Адвокатите на момчето, кои го тужеа Робинсон за клевета, рекоа дека лажните тврдења од документарецот имале катастрофален ефект врз момчето и неговото семејство, принудувајќи ги да се иселат од својот дом.

притисни ентер