Успешно лансирани 53 сателити од космодромот Восточни на рускиот Далечен Исток

Педесет и три сателити од Русија и од странско производство беа успешно лансирани рано утринава од космодромот Восточни во областа Амур на рускиот Далечен Исток, соопшти руската вселенска агенција Роскосмос.

Во соопштението се наведува дека ова е рекорд и дека во орбитата успешно се лансирани 49 руски, еден руско-кинески, еден руско-зимбабвеански и два ирански сателити.

Амбасадорот на Иран во Москва, Казем Џалали, вчера објави дека Русија денеска ќе лансира два ирански сателити во орбитата со помош на ракета Сојуз. Џалали на платформата „X“ напиша дека, како дел од продолжувањето на развојот на научната и техничката соработка меѓу Иран и Русија, во денеска ќе бидат лансирани два ирански сателити „Ковсар“ и „Ходод“ во земјината орбита оддалечена 500 километри.

Иранскиот приватен сектор е одговорен за развојот на сателитите „Ковсар“ и „Ходод“, што е негово прво значајно достигнување, објавија минатиот месец иранските медиуми. Русија го лансираше иранскиот истражувачки сателит Парс 1 во вселената во февруари оваа година со помош на ракета Сојуз од космодромот Восточни.

Мејведер на својот двегодишен внук за Божик му купи зграда на Менхетн од 20 милиони долари

Пензионираниот боксер Флојд Мејведер (47) Џуниор за Божиќ на својот двегодишен внук Кентрел Голден му купил зграда на познатата Шеста авенија во Менхетен, Њујорк.

Објектот се наоѓа во т.н Дистрикт Дијамант на раскрсницата на Шестата авенија и 47-та улица. Во зградата има деловни простории и канцеларии, продавници со дијаманти, а на него има и голема рекламна табла.

"Кога бев млад, пазарев во таа продавница, не можев ни да сонувам дека еден ден ќе го поседувам тоа место. Сѐ е можно кога си посветен и работиш напорно", изјави Мејведер во оваа прилика. Според информациите на светските медиуми, зградата го чинела 20 милиони долари.

Мејведер не само што е меѓу најдобрите боксери во историјата со рекорд од 50 победи и нула порази, туку и меѓу најбогатите спортисти досега. Неговото моментално богатство се проценува на нешто помалку од 500 милиони долари, а во кариерата од боксот заработил околу 1,1 милијарда долари.

Познат е по тоа што не крие колку му се важни парите, а сака да се фали со нив и раскошно да ги троши на луксуз незамислив за мнозинството од населението.

Брод од тајната руска флота пресекол уште еден кабел во Балтичкото Море- Финска почна истрага

Финските власти веруваат дека товарен брод што припаѓа на руската „флота во сенка“ би можел да стои зад најновото оштетување на подводниот кабел за напојување што ги поврзува Финска и Естонија во Балтичкото Море.

Финските органи за спроведување на законот истражуваат дали руски брод бил вмешан во оштетувањето на подводниот кабел за напојување што ги поврзува Финска и Естонија по ненадејниот прекин вчера, соопшти денеска полицијата. Според финските власти, постои сомневање дека оштетувањето на кабелот EstLink 2 е предизвикано од бродот Eagle S, кој плови под знамето на островите Кук, пренесуваат локалните медиуми.

Финска го истражува инцидентот како тежок вандализам. Екипажот на бродот бил сослушан, а истрагата била спроведена во текот на ноќта, пишува Euronews.

Националното биро за истраги не соопшти дали штетата, за која се верува дека е предизвикана од сидрото на бродот, можела да биде случајна.

Eagle S претходно летал под турско и индиско знаме, но властите веруваат дека припаѓа на руската „флота во сенка“ на товарни бродови - бродови што Русија ги користи за да ги заобиколи ограничувањата на цената на нафтата и санкциите. Во моментот на оштетувањето на кабелот, бродот превезувал околу 35.000 тони безоловен бензин, пишува финскиот печат.

Во моментов, на руските бродови им е забрането да ги користат пристаништата на ЕУ, додека европските компании не можат да им понудат осигурување или други услуги.

Електричниот кабел што ги поврзува Финска и Естонија под Балтичкото Море доживеа прекин вчера попладне, што е последен во серијата инциденти со оштетување на телекомуникациските кабли и енергетски цевководи во Балтичкото Море.

Во објава на социјалната мрежа Икс, финскиот премиер Петери Орпо рече дека „попладнево е прекината врската за пренос на електрична енергија EstLink 2 меѓу Финска и Естонија“.

Националната мрежа за пренос на електрична енергија на Финска, Фингрид, соопшти дека прекинот на кабелот EstLink 2 се случил во 12:26 часот по локално време (11:26 по средноевропско време). Тие ја уверија јавноста дека инцидентот нема да доведе до прекин на струја во Финска, наведувајќи дека Хелсинки има соодветно напојување.

Естонскиот мрежен оператор Елеринг рече дека има доволно слободен капацитет на естонската страна за да се задоволат потребите за електрична енергија. Шефот на операции во Фингрид, Арто Пахкин, тогаш за финската телевизија Иле изјави дека „не може да се исклучи можноста за саботажа“.

Балтичкото Море беше сведок на неколку инфраструктурни инциденти од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Во ноември беа исечени два кабли за пренос на податоци, едниот меѓу Финска и Германија, а другиот меѓу Литванија и Шведска. Пред тоа, финско-естонскиот подморски гасовод беше оштетен во октомври откако кинески товарен брод наводно го фрлил сидрото.

Гасоводот Северен тек, кој некогаш испорачуваше природен гас од Русија во Германија, беше оштетен од подводни експлозии во септември 2022 година.

Трамп: Кинески војници илегално управуваат со Панамскиот канал

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп го избра Кевин Марино Кабрера за амбасадор во Панама, откако тој се закани дека повторно ќе воспостави американска контрола врз Панамскиот канал, кој ѝ го предаде на Панама пред 25 години.

Трамп рече дека Кабрера бил многу важен во поттикнувањето на економскиот раст и поттикнувањето на меѓународните партнерства. „Малкумина ја разбираат политиката во Латинска Америка како Кевин. Тој ќе заврши фантастична работа застапувајќи ги интересите на нашата земја во Панама“, напиша Трамп во објавата на платформата Truth Social.

Во неделата, Трамп се закани дека повторно ќе воспостави американска контрола над Панамскиот канал, со кој САД управуваа со децении пред да и го предадат на Панама во 1999 година. Трамп рече дека централноамериканската земја, со која САД имаат дипломатски односи од 1903 година, „ја краде Америка на Панамскиот канал во незамисливи размери“.

Тој ги обвини кинеските војници дека незаконски управуваат со каналот и „секогаш се грижат САД да вложат милијарди долари во фондот за поправка без да имаат улога на одлучување“.

Панамскиот претседател Хозе Раул Мулино рече дека Кина нема никакво влијание врз управувањето со каналот, додавајќи денеска дека нема кинески војници во каналот. „До Бога, нема кинески војници, светот е слободен да го посети каналот“, рече тој во денешниот говор.

Кина не го контролира ниту управува со каналот, но подружницата на CK Hutchison Holdings со седиште во Хонг Конг долго време управува со две пристаништа на влезот на каналот на Карибите и Пацификот.

притисни ентер