Уметничкиот проект „Од Букурешт до Мадрид“ во рамки на Романската вечер на „Охридско лето“

Фестивалот „Охридско лето“ во втората половина од годинешната програма влегува со Романската вечер и избрана музичка програма наречена „Од Букурешт до Мадрид“ во изведба на уметниците Ирина Муртезану на виолина и Даниел дел Пино на пијано.

Романската виолинистка Ирина Мурезану и шпанскиот пијанист Даниел Дел Пино го претставуваат возбудливото музичко патување „Од Букурешт до Мадрид“ инспирирано од нивното лично културно наследство. Како што кажува насловoт, репертоарот музички и географски го следи патот кој води од едниот до другиот град со попатни станици во Унгарија, Австрија, Германија и Франција кои се претставени со делата на значајни композитори од овие земји.

Музичкото партнерство на ова дуо започнува на престижниот фестивал за музика во Њупорт во 2019 година, и од тогаш тие заеднички настапуваат во салите низ САД и Европа. Двајцата уметници имаат завидни солистички кариери, а заедно на подиумот на стандардниот репертоар му носат свежа и моќна енергија. Ирина Мурезану и Даниел дел Пино ги поврзува и заедничкиот интерес да креираат програми кои се музички комплексни, но истовремено подеднакво интересни и едукативни за публика од сите возрасти.

На програмата на вечерашниот концерт се дела на Константинеску од Романија, унгарскиот композитор Барток, Брамс од Германија, Крајслер од Австрија, Равел како претставник на Франција, Де Фаља и де Сарасате како композитори од Шпанија.

Концертот ќе се одржи во прекрасната акустика на катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот.

Деребан: Со новото законско решение за Судскиот совет очекуваме зголемување на независноста

 Со новото законско решение очекуваме придобивки во однос на зголемување на независноста на Судскиот совет и намалување на можностите за политички влијанија, изјави заменик министерот за правда Ален Деребан.

На тркалезна маса организирана во Апелацискиот суд-Битола, Деребан потсети дека јавните расправи се за подготвување на измените и дополнувањата на Законот за судскиот совет со имплементирање на препораките на Оценската комисија.

-Со новото законско решение очекуваме придобивки во однос на зголемување на независноста на Судскиот совет и намалување на можностите за политички влијанија. Ние сме свесни дека за целосно надминување на состојбата и ситуацијата која се повеќе ескалира во јавноста во Судскиот совет е причинител за негативните извештаи на домашните и меѓународните фактори. За промена на целата состојба во судството не е доволна само квалитетна законска рамка, туку е потребно и доследно применување на законските решенија и почитување на етичките правила од сите чинители особено од страна на претседателот и членовите на Судскиот совет, истакна Деребан.

На тркалезните маси учествуваат судии кои како што посочи заменик министерот за правда Деребан, судиите гласно размислуваат, добиваме конструктивни предлози и мислам дека ќе добиеме одлично законско решение што ќе ја унапреди состојбата и независноста на судскиот совет.

-Овој транспарентен и инклузивен процес ќе ни овозможи да ги слушнеме мислењата, ставовите, забелешките и предлозите од страна на судиите и експертите за да може на крај да дојдеме до едно сепофатно заеднички прифатливо законско решение во кое ќе има унапредување на законската рамка со која се уредува работењето на Судскиот совет, истакна Деребан.

Серијалот тркалезни маси организирани од Министерството за правда продолжува низ сите Апелациони судови и ќе заврши до крајот на годината, а потоа ќе се изработи конечно законско решение што ќе биде предложено до Владата и Собранието.

Општина Ѓорче Петров ги засилува безбедносните мерки во сообраќајот

Поставени нови столбчиња и пешачки премини, следуваат успорувачи на брзина пред училиштата и градинките.

Општина Ѓорче Петров продолжува со сериозни напори за зголемување на безбедноста во сообраќајот, особено на критични точки во населените места. Во изминатите денови, општината постави безбедносни столбчиња на најризичните локации во населбата, со цел да се намали опасноста од несреќи, како и да се подобри протокот на возила и пешаци.

Овие столбчиња имаат за цел да го спречат нелегалното паркирање на возила и да создадат безбедна зона за пешаците, посебно на оние места каде што има интензивен сообраќај.

Во исто време, се изврши и бележење на пешачките премини на повеќе локации низ општината, што е од особена важност за безбедноста на пешаците, особено на местата каде што децата, учениците и родителите се најчесто присутни. Одбележувањето на овие премини ја зголемува видливоста и ја намалува можноста за несреќи со возила.

Во наредните денови, општината ќе продолжи со уште една значајна мерка – поставување на т.н. „легнати полицајци“ или успорувачи на брзина на локации со голема фреквенција на луѓе. Овие т.н.„легнати полицајци“ ќе бидат поставени пред училиштата, градинките и на други фреквентни локации во општината.

Оваа мерка има за цел да го намали брзото возење и да обезбеди поголема безбедност за најмладите и сите граѓани кои се движат низ овие делови од населбата.

Општина Ѓорче Петров во континуитет работи на подобрување на инфраструктурата и безбедноста на своите жители, вложувајќи во мерки кои ќе ја зголемат сигурноста на сите учесници во сообраќајот. Овие нови мерки се само дел од пошироките напори за создавање на побезбедни и поудобни услови за живеење.

Апелираме до сите граѓани да ги почитуваат новите сообраќајни правила и да се грижат за својата безбедност и безбедноста на другите.

Општина Ѓорче Петров

Стратегијата 2025–2030 предвидува нови средства и поддршка за зелени проекти

Стратегијата 2025–2030 предвидува нови средства и поддршка за зелени проекти, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја зајакнува соработката со ЕБРД.

Министерката за енергетика и рударство и минерални суровини Сања Божиновска одржала средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), на која биле разгледани можностите за продлабочување на соработката и поддршката во насока на зелената транзиција и одржливиот развој на Македонија.

Како што денеска соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, една од главните теми на состанокот била новата Стратегија за Северна Македонија за периодот 2025–2030 година, која е во фаза на изработка. Оваа стратегија има за цел да ги адресира предизвиците со кои се соочува земјата и да го зајакне одржливиот развој. Нејзината финализација, се посочува, се очекува во првата половина на 2025 година, а ќе биде насочена кон поддршка на зелена економија, одржлива инфраструктура и регионална интеграција.

- ЕБРД, како главен институционален инвеститор во земјата, ја реафирмираше својата посветеност за поддршка на реформите во инфраструктурата и енергетиката. Особен фокус беше ставен на можностите за зголемување на инвестициите во обновливи извори на енергија, модернизација на енергетската мрежа и унапредување на прекуграничната поврзаност, се наведува во соопштението.

На средбата било истакнато дека досегашната соработка донела значајни резултати, вклучително и финансиската поддршка за изградба на првите соларни фото-волтаични капацитети во сопственост на ЕСМ, како и проектите за проширување на капацитетите во Осломеј и термоелектраната Битола.

ЕБРД досега има инвестирано над 2,9 милијарди евра во 196 проекти во Македонија, со акцент на енергетската транзиција, инфраструктурата и зголемување на ликвидноста на енергетскиот пазар.

Министерството за енергетика и рударство и ЕБРД, се подвлекува во соопштението, остануваат посветени на редовни средби и партнерство со цел остварување на заедничката визија за економски напредок и зелена иднина.

притисни ентер