Украина бара членство во НАТО пред заминувањето на Бајден од Белата куќа

Украина бара покана за членство во НАТО пред  Џо Бајден да ја напушти Белата куќа, изјави висока украинска дипломатка, додавајќи дека тоа би било соодветно наследство за американскиот претседател.

- Нашата идеја е дека поканата за Украина во овој момент е политички сигнал, изјави за Ројтерс Наталија Галибаренко, амбасадорка на Киев при НАТО, пренесува Хина. - Искрено веруваме дека ова може да биде дел од наследството на (актуелната) американската администрација, рече таа во интервјуто во украинската мисија во НАТО, спроти седиштето на алијансата во Брисел.

Американските претседателски избори следниот месец создаваат голема неизвесност за Украина, бидејќи Вашингтон е најголемиот снабдувач на воена помош за Киев во војната со Русија. Демократската кандидатка Камала Харис сигнализираше поддршка за Украина, но не ја прецизираше нејзината рамка, додека Доналд Трамп не ја откри својата стратегија.

Членството во НАТО би ја вклучило Украина во договорот за заедничка одбрана на Алијансата, но процесот на пристапување може да трае со години. НАТО најави дека Украина ќе се приклучи, но не даде временска рамка. /МИА

Шест моторни возила за сообраќајната полиција во Скопје доби МВР од РСПБСП

Шест моторни возила наменети за сообраќајната полиција му биле предадени денеска на Министерството за внатрешни работи од страна на Републичкиот совет  за безбедност во сообраќајот (РСПБСП). 

Возилата во кругот на МВР на министерот Панче Тошковски му биле предадени од Гордана Кожуваровска, претседателка на РСПБСП.

МВР информира дека се работи за две моторни возила „дачија дастер“ (Dacia Duster) и четири моторни возила „дачија сандеро степвеј“ (Dacia Sandero Stepway, произведени во 2024, опремени со полициски ознаки и со дополнителна опрема.

Министерот Тошковски посочил дека РСПБСП во рамки на неговата законска надлежност, во соработка со МВР, денеска овозможил да се зголеми обемот на возила што го имаат на располагање во Министерството.

-Шесте возила ќе бидат користени во рамки на СВР Скопје во рамки на увидната екипа и сообраќајната полиција. Се надевам дека со тоа ќе ја зголемиме брзината на реакција во рамки на вршењето на увидните активности на ниво на градот Скопје. Во иднина преку РСБСП или други институции ќе бидат набавувани полициски обележени возила со цел нивна поголема видливост, а со тоа и поголемо чувство на безбедност на граѓаните, истакнал Тошковски.

РСБСП ги набавил возилата и опремата во согласност со обврската дел од средствата да ги намени за набавка на опрема за осовременување на службите на МВР кои се грижат за безбедноста на сообраќајот, согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

-Претседателката на РСПБС Кожуваровска истакна дека продолжува успешната соработка помеѓу РСБПС и МВР со заедничка цел унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, информира МВР.

Средба на првите луѓе на армиите на Македонија и на Турција

 Продолжува стартешкото партнерство и добрата воена соработка.

Висока воена делегација на Вооружените сили (ВС) на Република Турција, предводена од началникот на Генералштабот, генерал Метин Ѓурак во рамки на официјалната посета на Република Македонија, денеска престојуваше во Генералштабот на Армијата.

По пречекот со високи воени почести, генералот Ѓурак оствари средба со својот домаќин, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски на која беше реафирмирана соработката која е на континуирано висок ниво со ВС на Република Турција, како еден од нашите најголеми стратешки партнери, соопшти армскиот ГШ.

Тридецениската меѓуармиска соработка и поддршка особено е изразена во доменот на обуката, военото образование, заедничкото учество во меѓународни операции и мисии, каде голем број наши ротации беа под покровителство на турскиот контингент, вклучително и последната во мисијата на ЕУ/АЛТЕА во Босна и Херцеговина.

Генералот Лафчиски рече дека пријателска Турција, како наш стратешки партнер, значајно придонесува за модернизацијата на Армијата и нејзиното опремување со нови, современи средства, компатибилни со стандардите на земјите членки на НАТО, меѓу кои е и последната донација од дронови, средства за врски, ноќни визири и интендантска опрема за потребите на специјалните единици на Армијата.

Генералот Ѓурак се заблагодари за гостопримството и истакна дека Република Турција останува посветена на високото ниво на воена соработка со порака за продлабочување во доменот на обуката, вежбите и едукација на припадниците на македонската Армија во престижните воени образовни институции на турските ВС.

За време на официјалните разговори со делегацијата на ВС на Турција, се презентираа тековните процеси за модернизација и трансформација на Армијата, нашиот придонес и учеството во меѓународните операции и мисии во странство и можноста за користење на капацитетите на АП „Криволак“ за обука и вежбовни активности.

Во рамки на денешната посета, делегацијата на ВС на Република Турција присуствуваше на показна вежба од страна на припадниците на Баталјонот за специјални сили, на која беа прикажани активности со кои се покажа обученоста и подготвеноста на нашата елитна единица.

По активностите во Генералштабот, генералот Метин Ѓурак придружуван од генералот Лафчиски, ќе има средба со претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова, стои во соопштението од ГШ на Армијата на РСМ.

Министерот Николоски направи увид во новата социјална зграда во Велес

Тој појасни дека становите се од 40 до 50 метри квадратни и се опремени со сите неопходни средства за вселување на семејствата.

Во новоизградената социјална зграда во Велес со 29 станови, а чиј оглас за доделување преку Министерството за транспорт и врски е во тек до 21 октомври, денеска увид направи министерот за транспорт и врски Александар Николоски заедно со Марјан Стефановски генерален директор на АД за изградба на станбен и деловен простор и градоначалникот Марко Колев.

Како што информира директорот Стефановски оваа нова социјална зграда во Велес се изгради во изминатите две години преку проект на Светската банка, Банката за развој при Советот на Европа. Досега за становите се имаат пријавено некои од социјално загрозените категории на граѓани, а очекува да се јават што поголем број граѓани кои ги исполнуваат условите.

Тој појасни дека становите се од 40 до 50 метри квадратни и се опремени со сите неопходни средства за вселување на семејствата.

Министерот за транспорт и врски Александар Николоски информира дека оваа зграда е во вредност од 54 милиони денари.

-Се надевам дека 29 семејства тука ќе се ја најдат среќата. Во една транспарентна процедура да ги доделиме становите и за неколку месеци да ги видиме семејствата кои што среќни ќе живеат тука, најави Николоски.

На новинарско прашање дали се планираат и други вакви социјални згради низ земјава и дали планираат да го сменат системот за распределба, тој информира дека во моментов има оглас за уште една ваква социјална зграда во Кочани.

- Се работи на големо и во Бутел, а секако ќе дојдат и други општини. Во однос на распределбата тоа беше една од дискусиите која што јас ја имав со мојот кабинет и со луѓето кои се задолжени за оваа работа. Мора процесот да е максимално траспарентен и јас лично ќе го набљудувам процесот на распределба. Нема да дозволам никаков скандал затоа што тука треба да дојдат луѓе на кои навистина ова им е потребно, потенцира Николоски.

Градоначалникот Марко Колев ги повика граѓаните кои ги исполнуваат условите да се јават на огласот за да може на транспарентен начин да им бидат доделени на тие што им се најнеопходни социјални станови.

Колев информира дека за ставање во функција на оваа зграда, Општина Велес во изминатите неколку месеци вложи сериозни финансиски средства за снабдување на објкектот со вода, преку ставање нова водоводна линија низ улицата „Луј Пастер“ која води покрај пругата.

притисни ентер