ТАВ Аеродроми до крајот на годината ќе претстави мастер-план за развој

ТАВ Аеродроми до крајот на годината ќе претстави мастер-план за развој на скопскиот и охридскиот аеродром.

ТАВ Аеродроми, меѓународната групација со седиште во Истанбул, најави дека подготвува мастер-план за развој на двата македонски аеродроми. Мастер-планот, кој како што информирааат, интензивно се подготвува со поддршка од мнозинскиот сопственик на ТАВ Аеродроми, француски АДП, се очекува да биде готов во следните два месеци и до крајот на годинава, концесионерот ТАВ Македонија, како подружница на ТАВ Аеродроми, ќе ѝ го презентира планот на македонската влада.

Главен извршен директор на ТАВ Аеродроми, Серкан Каптан, на денешната прес-конференција во Анталија порача дека, на македонскиот пазар работат од 2010 година и досега, за неполни 15 години, со поддршка од Владата и од сите надлежни владини институции, успеавме да го развиеме авиосообраќајот во земјата, со цел да овозможиме патувањето со авион да биде достапно на што поголем број луѓе.

-На пазарот донесовме нови и клучни авиокомпании, отворивме преку 40 нови дестинации, а бројот на патници го зголемивме за речиси пет пати – од околу 640.000 патници на двата аеродрома во 2009 - на 3,1 милион патници во 2023 година. Ковид-кризата силно нè погоди, но од втората половина на 2022 година бројот на опслужени патници и летови почна да се зголемува. И покрај сите препреки, ние не престанавме да работиме со ентузијазам и упорност со цел континуиран раст и развој на македонските аеродроми, а оттука и на македонската економија, како и на зајакнување на врските меѓу Турција и нашата пријателска Македонија, изјави Каптан.

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, изјави, дека целта на мастер-планот е дополнително да ја развиеме авиоиндустријата во Македонија.

- Анализите ќе покажат што сè е потребно да се направи на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, а потоа истиот ќе ѝ го презентираме на Владата. Нашата цел е да ги направиме скопскиот и охридскиот аеродром регионални авијациски центри, конкуретни на останатите аеродроми во регионот, порача Курт.

Oсвен во капитални инвестиции и развој на мрежата на нови авиокомпании и авиолинии од скопскиот и од охридскиот аеродром, ТАВ Аеродроми, како што најавуваат, ќе продолжи да го вложува своето групациско знаење и ресурси и во обезбедување на високвалитетни и конкурентни услуги на двата македонски аеродрома.

Според Курт, доказ за досегашните заложби за обезбедување висок квалитет на аеродромските услуги се Airport Service Quality (ASQ) наградите добиени од ACI, кои од 2012 година досега Меѓународниот Аеродром Скопје ги доби девет пати, во категоријата - најдобар аеродром од 2 до 5 милиони патници годишно во регионот на Европа.

-Последната ASQ-награда е за 2023 година. Ќе продолжиме да учествуваме во овие реномирани светски програми од нашата индустрија за истражување на мислењето на клиентите, бидејќи како услужна дејност задоволството на клиентите е една од нашите главни цели, изјави Курт.

ТАВ Аеродроми од 2010 година досега во двата македонски аеродроми има инвестирано над 300 милиони евра и на скопскиот и охридскиот аеродром вработува над 1.000 луѓе – во ТАВ Македонија, како аеродромски оператор, како и во сестринските фирми БТА, АТУ, ТАВ Технолоџис и ТАВ МОС.

Во првите осум месеци годинава ТАВ Аеродроми опслужи 2,1 милион патници (2.128.981) на двата македонски аеродрома, што е 4% зголемување во однос на лани и 17.196 лета што е за 12% повеќе од истиот период во 2023 година.

„Патека на славните“ на Широк сокак во Битола

На ден пред почетокот на 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, на Широк сокак во Битола се оформува „Патека на славните“ на која се поместени 18 ѕвезди.

На првата ѕвезда, пред киното „Манаки“ врежани се имињата на кинематограферите Милтон и Јанаки Манаки, а потоа следат имињата на сите досегашни добитници на наградата „Златна Камера 300“ за животно дело.

Од ИФФК „Браќа Манаки“ информираат дека шестмина од досегашните лауреати ќе присуствуваат во Битола и лично ќе ја откријат својата ѕвезда, меѓу нив и годинашниот добитник на Златната Камера 300 за животен опус, францускиот кинематографер Бруно Делбонел.

Ѕвездите се изработени од месинг со изгравирано име на кинематограферите лауреати и вградени во плоча од мермер, вдолж од киното Манаки, покрај куќата во која живееле браќата Манаки и се до Офицерски дом.

Фестивалот почнува утревечер и се отвора со филмот „Партенобе“ на Паоло Сорентино, а завршува на 27 септември со македонската премиера на филмот „Убиј ги прво децата“ во режија на Димитар Оравчанец.

ФИДЕ додели златна плакета на ПСУ „Јахја Кемал“

На конгресот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за имплементација на шахот во образованието за време на 45-та Шаховска олимпијада во Будимпешта беше доделена Златна плакета на ПСУ „Јахја Кемал“.

Наградата на ПСУ „Јахја Кемал“ и наставникот по шах Орце Данчевски е врачена од светскиот шампион во шах од Индија, Вишванатан Ананд.

Ова е највисокото глобално признание од ФИДЕ за имплементирање на шах во училишната програма.

ПСУ „Јахја Кемал“ доби највисоко бодување на програмата за работа, материјалите и сеопфатноста во предавањата, интегрирање на шахот во образовната програма севкупно, висококвалификувани инструктори по шах, промоција на шаховските настани со медиумска покриеност како и промоција на социјална инклузија, финансирањето на шахот преку училишниот буџет.

Златн ПСУ „Јахја Кемал“ го доби во конкуренција на шаховски школи од целиот свет и е единствен добитник на оваа награда на ниво на Балкан.

Шахот како предмет во ПСУ Јахја Кемал е воведен во 2008 година.

Герасимовски: Во соработка со МВР расчистена е депонија во Буњаковец

Во соработка со МВР расчистена е депонија во објект вселен од бездомници во Буњаковец

По налог на Општина Центар, расчистен е напуштениот објект на улица „Владимир Полежиновски“, зад ТЦ Буњаковец, во кој со месеци диво биле вселени бездомни лица и зависници. Акцијата е спроведена со асистенција на МВР, а по пријава на станарите од околните згради. Бездомниците се иселени, а руинираната куќа, претворена во депонија со смет и токсичен отпад, е исчистена и оградена со лимени табли за да се спречи повторно влегување на овие лица. На акцијата присуствуваше и градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски. Жителите му се пожалија дека стравуваат за личната безбедност, но и за своето здравје поради ситуацијата во соседниот објект, кој е потенцијален извор на зарази.

„Инспекторите на Општина Центар и полицијата денеска одлично си ја завршија работата и мислам дека веќе нема место за загриженост. На сопствениците им наложивме да си го средат и исчистат објектот, а ние го расчистивме околниот јавен простор. Сопственикот го загради и влезот на куќата со цел да нема нови упади“, истакна Герасимовски во разговор со граѓаните.

Градоначалникот посочи дека ваквите пропаднати и напуштени куќи, во кои се собираат бездомници и се прават мини депонии не се само грда слика во центарот на градот, туку претставуваат и вистинска опасност за сите жители во околината.

Затоа ги замолуваме сопствениците да бидат совесни, а соседите навремено да пријавуваат за да можеме да реагираме“, порача Герасимовски.

Општина Центар

притисни ентер