Од 24 до 27 ноември ја предводам делегацијата на МВР која е во работна посета на Министерството за внатрешни работи на Обединетите Арапски Емирати во Абу Даби. Ова е прва официјална посета на ниво на министри за внатрешни работи од осамостојувањето, а е со цел унапредување на билатералната соработка на полето на борбата против тероризмот и брза размена на информации во делот на борба против корупцијата и организираниот криминал и трговијата со луѓе и мигранти.
Во текот на вчерашниот ден на официјалната средба со министерот за внатрешни работи на Обединетите Арапски Емирати шеикот Саиф бин Зајед ал Нахјан потшишавме два меморандуми за разбирање за безбедносна соработка и борба против тероризмот и за меѓусебно признавање и замена на возачките дозволи помеѓу двете држави.
Со желба за олеснување на движењето на граѓани кои поседуваат возачки дозволи издадени од соодветните надлежни органи на двете земји за време на посета или престој на територија на едната или другата држава веќе нема да имаат потреба од замена на возачките дозволи. Тоа значи дека и двете страни ги ослободуваат подносителите на барање за замена на возачката дозвола од теоретски и практични тестови и потреба од полагање во другата држава во категориите А, Б и БЕ. За повеќе од илјада македонски граѓани кои живеат во ОАЕ ова ќе значи значително намалување на трошоците.
Меморандумот за разбирање за безбедносна соработка и борба против тероризмот отвара голем простор за соработка за брза размена на информации и спречување на кривични дела во спектарот од тероризмот преку организираниот криминал и корупција до спречување на трговијата со луѓе и мигранти.
На средбата на мое барање ја отворивме темата за можно укинување на визите за македонските граѓани за ОАЕ, со цел развивање на поинтензивна туристичка, економска и културна соработка помеѓу нашите две земји.
Исто така, ги посетив Одделот за среќа, Одделот за иновации и Директоратот за операции на МВР на Обединетите Арапски Емирати, каде што непосредно се запознав со нивната работа и иновативните решенија кои ги имаат имплементирано водејќи се пред сѐ од потребите на граѓаните и нивното задоволство од услугите што ги нуди Министерството, стои во објавата на Тошковски.