Свечен час по повод 80 години од прогласувањето на македонскиот јазик за службен

 Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје денеска организира свечен час по повод 80 години од прогласувањето на македонскиот јазик за службен.

Како што соопшти Деканатот на Филолошкиот факултет, поздравна реч ќе имаат деканот на Факултетот, проф. д-р Владимир Мартиновски, и раководителката на Катедрата за македонски јазик, проф. д-р Искра Пановска-Димкова.

Пригодни излагања ќе имаат проф. д-р Димитар Пандев - „АСНОМ и македонскиот јазик“, и проф. д-р Емилија Црвенковска – „Значењето на АСНОМ за македонскиот јазик и за просветата“.

На настанот ќе биде отворена и изложба „АСНОМ – израз на суверената волја на македонскиот народ за остварување на неговото право на самоопределување“, претставена од д-р Јасмина Дамјановска.

Претставници од Германскиот археолошки институт во посета на Скопје

Шестмина специјалисти предводени од директорот на Германскиот археолошки институт, Лукас Вертер од вчера до четврток престојуваат во Скопје. 

Во рамки на нивниот престој, денеска тие ќе го посетат Скупи, а потоа, во текот на денот ќе биде потпишан и меморандум за соработка меѓу Германскиот археолошки институт и Музејот на Град Скопје.

Како што брифираат за МИА од Музејот на Град Скопје, меморандумот претставува прв чекор во воспоставување на соработката што ќе биде на државно ниво меѓу Министерството за култура и Германскиот археолошки институт.

Во текот на утрешниот ден, претставниците од Германскиот археолошки институт ќе остварат средба со претставници од Министерството за култура на Македонија.

Во рамки на соработката, во Археолошкиот музеј во Франкфурт на 17 декември ќе биде отворена нашата изложба насловена „Темната страна на Римската историја“, која е приказ на масовната гробница откриена во Скупи. Изложбата е подготвена од археологот Ленче Јованова, а претходно беше прикажана и во Белград.

Изложбата во Франкфурт ќе биде отворена шест месеци за посетители.

Лишен од слобода неготинец, се заканувал на сопственик на угостителски објект

 Лишен од слобода бил неготинец, затоа што синоќа се заканувал на сопственик на угостителски објект, информираа денеска од СВР Велес.   

- Синоќа во 22.30 часот во Неготино, полициски службеници од Полициската станица во градот го лишиле од слобода неготинецот Б.П. (37), затоа што претходно во угостителски објект се заканувал на сопственикот, сограѓанинот Ф.М( 50). По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок, појаснија од СВР Велес.

Мерки на предупредување во Сараево поради загаден воздух

 Сараево и утрово е на високото трето место на листата на најзагадени градови во светот (IQAir), зад Лахоре (Пакистан) и Делхи (Индија). 

Според мерењата во 7 часот наутро, воздухот во Сараево е категоризиран како „многу нездрав“, со ПМ2,5 честички од 206, што е 26,2 пати над дозволеното ниво препорачано од Светската здравствена организација.

Загадувањето на воздухот во Сараево трае веќе неколку дена, а вчера кантоналната влада воведе мерки на „предупредување“ за жителите, особено затоа што се очекува лошата состојба да продолжи поради временските услови.

Мерките вклучуваат забрана за движење на возила со ЕУРО 2 или пониски стандарди во зоната А, како и забрана за сообраќај на товарни возила над 3,5 тони на главните градски улици, пренасочувајќи ги на алтернативни правци. Исто така, се забрануваат градежни работи на отворено, а сите објекти за производство на топлинска енергија со моќност над 50 kW мора да ја намалат температурата во загреаните простории за најмалку два степени.

Мерките предвидуваат и заштита на работниците на отворено, како и забрана за деца да престојуваат надвор за време на часовите по физичко образование и големите одмори.

притисни ентер