Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за идната година

Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година. 

Вкупните приходи во Предлог-буџетот се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиoни денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП. Инфлацијата се очекува да се намали на ниво од 2,2 проценти, како резултат на стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите на меѓународниот пазар, забавувањето на странската ефективна инфлација, како и поумерениот притисок од базичната инфлација. Извозот се очекува да има раст од 4,2 проценти, а увозот од 4,4 проценти како резултат на очекувањата за постепено стабилизирање на меѓународното опкружување и зголемувањето на надворешната побарувачка.

Амандманската расправа почна на 19 ноември, а треба да заврши најдоцна до 30 ноември. Поднесени се вкупно 307 амандмани од кои 204 на опозицискиот СДСМ.

По амадманската расправа како Дополнет предлог буџет се враќа во Владата на финално одобрување по што согласно законските рокови, треба да биде изгласан во Собранието до крајот на оваа календарска година.

Лишен од слобода неготинец, се заканувал на сопственик на угостителски објект

 Лишен од слобода бил неготинец, затоа што синоќа се заканувал на сопственик на угостителски објект, информираа денеска од СВР Велес.   

- Синоќа во 22.30 часот во Неготино, полициски службеници од Полициската станица во градот го лишиле од слобода неготинецот Б.П. (37), затоа што претходно во угостителски објект се заканувал на сопственикот, сограѓанинот Ф.М( 50). По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок, појаснија од СВР Велес.

Мерки на предупредување во Сараево поради загаден воздух

 Сараево и утрово е на високото трето место на листата на најзагадени градови во светот (IQAir), зад Лахоре (Пакистан) и Делхи (Индија). 

Според мерењата во 7 часот наутро, воздухот во Сараево е категоризиран како „многу нездрав“, со ПМ2,5 честички од 206, што е 26,2 пати над дозволеното ниво препорачано од Светската здравствена организација.

Загадувањето на воздухот во Сараево трае веќе неколку дена, а вчера кантоналната влада воведе мерки на „предупредување“ за жителите, особено затоа што се очекува лошата состојба да продолжи поради временските услови.

Мерките вклучуваат забрана за движење на возила со ЕУРО 2 или пониски стандарди во зоната А, како и забрана за сообраќај на товарни возила над 3,5 тони на главните градски улици, пренасочувајќи ги на алтернативни правци. Исто така, се забрануваат градежни работи на отворено, а сите објекти за производство на топлинска енергија со моќност над 50 kW мора да ја намалат температурата во загреаните простории за најмалку два степени.

Мерките предвидуваат и заштита на работниците на отворено, како и забрана за деца да престојуваат надвор за време на часовите по физичко образование и големите одмори.

Осветлени споменикот и бистите на 12 ваташки младинци во месноста Моклиште

 Осветлени се споменикот и бистите на 12 ваташки младинци во месноста Моклиште кај кавадаречкото село Ваташа, информираат од кабинетот на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.  

- Во рамките на проектот „Реконструкција и доградба на постоечката надземна мрежа за улично осветлување’’, одделението за улично осветлување при Општина Кавадарци постави ново улично осветлување на месноста викана „12 ваташки младинци’’ во Моклиште, нови енергетско ефикасни светилки со подобра илуминација. Се осветлија 12 бисти со 12 рефлектори поставени на земја и споменикот со дополнителни осум рефлектори исто така поставени на земја, појаснија од кабинетот на Јанчев.

Оттаму додадоа дека инвестицијата е дел од тендерот за нови нисконапонски инсталации за улично осветлување, со вкупна вредност од 65 милиони денари.

притисни ентер