На почетокот на вечерта, присутните ќе имаат можност да проследат кус видео-рецитал изворно со гласот на Анте Поповски, но и снимка од негови песни во изведба на познати артисти. Програмата ќе води м-р Митра Мими Спасова, која најпрво ќе презентира кус приказ на најважните карактеристики кои му дадоа белег на годинешниот конкурс.
За естетските вредности на збирките на добитнците на традиционалните поетски награди, „Антево перо“ „Антев златник“ и „Антев часовник“, во продолжение ќе се осврне членот на жири-комисијата д-р Атина Цветаноска, по што ќе следи и врачување на наградите. Публиката ќе проследи и поетско читање, на кое ќе се претстават шестмината годинешни лауреати.
Присутните на вечерта ќе имаат можност да го слушнат и излагањето на проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска, по повод 60 годишнината од излегувањето на стихозбирката „Непокор“ и 40 годишнината од излегувањето на „Сина песна“ од македонскиот поетски великан Анте Поповски.
На крајот од вечерта на присутните ќе им биде овозможено да ја разгледаат и постојаната музејска поставка на донирани лични предмети на Анте Поповски и Матеја Матевски, која неодамна беше претставена во Музејот на македонската борба за самостојност.