Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, од утре ќе учествува на Глобалната Сајбер Конференција и Самит на Алијансата Исток – Запад 2024, кој се одржува во Цирих, Швајцарија. Министерот Андоновски ќе биде еден од клучните говорници на церемонијата на отворање на Самитот, каде ќе одржи говор на тема „Дигитална трансформација и патот до сајбер отпорност“.
Во Агендата на министерот, ќе биде неговото обраќање на панел-дискусијата: „Како да се соработува во сајбер просторот: предизвици и можности“, каде што ќе ги сподели своите видувања на оваа тема. Учеството на Самитот, министерот Андоновски ќе го искористи и за билатерални средби со колеги министри и претставници на меѓународни организации и компании кои имаат влијание во секторот за дигитална трансформација. Преку овие средби ќе се поттикнат дискусии и иницијативи за зајакнување на регионалната и глобалната соработка во сајбер безбедноста и дигиталниот развој.
Глобалната Сајбер Конференција и Самит на Алијансата Исток – Запад 2024, претставува платформа за размена на идеи и знаења со фокус на тоа како засегнатите страни можат заеднички да ги надминат предизвиците и да изградат побезбеден дигитален екосистем. Конференцијата ќе разгледува успешни примери на меѓународна соработка, иновативни пристапи за надминување на јазовите меѓу земјите и организациите, и стратегии за зајакнување на меѓусебната доверба.