Студено утро, сончево преку ден

Утрото постудено, а преку денот, времето ќе биде сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец.

Минималната температура се очекува да биде 2 степена, а максималната, 27 степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Во Скопје, времето се очекува да биде сончево со умерена облачност и со слаб југоисточен ветер.

Според најавеното, во среда и петок ќе има услови за локален дожд и ретки грмежи.

Норис: Колку помалку размислувам за титулата, толку подобро

 Возачот на Мекларен, Ландо Норис, призна дека не чувствува никаков дополнителен притисок поради фактот што за прв пат конкурира за шампионската титула во Формула 1.

- Не мислам дека морам да го направам ова затоа што се борам за шампионска титула. Воопшто не размислувам така, да бидам искрен. Наместо тоа, важно е да извршите малку поголем притисок врз себе за да донесете правилни одлуки понекогаш, бидејќи знаете дека одредени одлуки можат да направат поголема разлика. Колку помалку размислувам за тоа, толку подобро. На некој начин, се трудам да не размислувам за големата слика. Работам трка по трка и се фокусирам на она што треба да се направи утре, потоа сабота, па недела. Не сум загрижен за следниот викенд. Се разбира, сега сум подобар пилот од кога било. Постојано се подобрувам и доаѓам до точка каде што повеќе работа се посветува на психологијата, пристапот, а не на пилотирањето, изјави Норис.

Со 279 бодови Норис е втор во поредокот во Формула 1, зад лидерот Макс Верстапен со 331 бод.

Со концертот „Го славиме јубилејот“, Македонска филхармонија ќе ја отвори роденденската сезона

Со концерт насловен „Го славиме јубилејот“ во четврток ќе биде отворена роденденската сезона на Македонската филхармонија насловена „Одисеја“. 

На концертот како солист ќе настапи сопранистката Ана Дурловски, под диригентската палка на шеф – диригентот Јерухам Шаровски од Израел.

На програмата е премиерната изведба на делото „Шест едноставни песни“ за сопран и оркестар и Лид на Мариета од операта „Мртвиот град“ од Ерих Корнголд, симфонијата во четири сцени „Манфред“ од Петар Илич Чајковски и светската премиера на симфониската поема „Јубилејна фантазија“ од македонскиот композитор Борис Светиев.

Како што посочи денеска на прес-конференција в.д. директорот на Македонската филхармонија, Александар Котевски, оваа година овој најстар музички колектив одбележува 80 години постоење.

- Чест ми е и задоволство да бидам вршител на должноста на оваа концертна сезона, затоа што оваа година славиме 80 години како најстар музички колектив. Нашата концертна сезона е наречена „Одисеја“ и претставува музичко патување исполнето со многу музички предизвивици, авантури и многу концерти, рече Котевски.

Тој најави дека оваа концертна сезона ќе настапат многу македонски солисти и диригенти, како и врвни светски гости.

- Внимателно беше правена програмата за да бидат застапени сите инструменти. Сигурен сум дека оваа концертна сезона ќе го задржи вниманието и фокусот на нашата драга публика. Подготовките се во тек и сигурен сум дека ќе имаме реализација на одличен концерт. Акцент се става на изведба на премиерни нови македонски композиции. Сигурен сум дека македонската публика ќе ужива во нашите неповторливи концертни реализации на осмислената програма, додаде Котевски.

Маестро Јерухам Шаровски на прес-конференцијата потсети на успешната турнеја на Македонската филхармонија во Израел во 2019 година.

- Имам посебна поврзаност со овој оркестар, со кој работам од 2003 година. Ние имавме успешна турнеја на Македонската филхармонија во Израел во 2019 година. Имам одлична соработка со професионалците од оркестарот на Филхармонија, имаме посебна искра и енергија. Испланиравме убава програма за во иднина, со в.д директорот на Фихармонија Александар Котевски, се знаеме долги години. Го знам како професионалец, односно виолончелист во оркестарот на Македонската филхармонија и можам да кажам дека тој е многу посветен и амбициозен, со посебна искра во работата, рече маестро Шаровски.

Потсети дека и во минатото соработувал со сопранистката Ана Дурловски, за која рече дека е еден од најголемите од оперски гласови.

Сопранистката Ана Дурловски рече дека и е драго што ќе соработува со маестро Јерухам Шаровски и најави една специфична и интимна програма со музиката на Корнголд, која ќе биде прикажана на концертот.

- Овој оркестар е во моето срце. Имам прекрасна соработка со колегите веќе години наназад, тука се моите почетоци. Првиот мој настап со оркестар беше всушност со Македонска филхармонија. Драго ми е што соработуваме со маестро Шаровски и се надевам дека нема да биде последна соработка. Ве уверувам дека ќе уживате во концертот. Се работи за специфична и интимна програма со музиката на Корнголд. Можеби најубавиот момент фатен во музиката „На смрттна разделба“ е една од композициите која ќе се изведе и ова е моето омилено парче во оперската литература. Ќе бидат изведени „Шест едноставни песни“ од Корнголд, но заради повисоките штимови во оркестарот, ќе се изведат четири од тие шест. Ќе биде изведена и песната на Мариета од операта „Мртвиот град“, од Корнголд, најави Дурловски.

Премиерно, на концертот в четврток ќе се изведе и симфониската поема „Јубилејна фантазија“ на македонскиот композитор и пијанист Борис Светиев, една од композициите која помина на Конкурсот за откуп на дела од македонски автори, а којшто институцијата го распиша годинава. Идејата да го создаде ова дело, Светиев ја имал од пред повеќе години, тежнеејќи да го истражи соодносот шум-тон. Вели дека токму Конкурсот за нарачка на дела од страна на Филхармонијата за него бил доволен мотив да ја реализира до крај таа идеја, со оглед на тоа што веќе ги имал и техничките можности и доволно предзнаење за тоа како би требало да тече процесот на работа врз една композиција со помош на DAW (Digital Audio Workstation).

Во концертната сезона 2024/2025, во која Македонската филхармонија ќе го прослави својот 80-ти роденден, како најстара културна институција во земјата, публиката ќе има можност да проследи разновидна и внимателно одбрана програма, солисти и диригенти.

Новата сезона е насловена „Одисеја“, а симболиката на насловот се надоврзува на осумдесетте години активно музицирање на оркестарот и преку поднасловот – патување исполнето со музички авантури и предизвици. И насловите на концертите се извлечени од наслови на претходни сезони за да се сублимира осумдеценискиот континуитет на Македонската филхармонија. На сцената, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија во новата роденденска сезона ќе продефилираат уникатни индивидуалци како пијанистите Лука Дебарг и Петер Лаул, извонредниот виолинист Сергеј Малов кој воедно ќе се претстави како солист и диригент на концертот на 7 ноември; Роберт Бонфиљо - усна хармоника (САД), виолончелистката Моника Лесковар од Хрватска, виолинистката Алена Баева- Казахстан/Луксембург. На пултот пред нашиот оркестар за првпат ќе застане маестра Бар Авни од Израел, инаку лауреатка на престижниот натпревар „Маестра“ во Париз и асистентка на славната диригентка Барабара Ханиган, како и маестро Конрад Ван Алфен од Холандија, нашиот диригент Борјан Цанев, маестро Лубнан Баалбаки од Либан и Емил Табаков од Бугарија. И во вториот дел од сезоната, од јануари до јуни 2025-та ќе настапат исклучителни солисти и диригенти, како виолинистот Марк Бучков од Белгија, врвната Селина От (труба) од Австрија, еден од најдобрите пијанисти на денешнината – Дмитри Маслеев од Русија и др. На Велигденскиот концерт, насловен „Per aspera ad astra“ за првпат во Македонија ќе прозвучи Големата миса во це-мол од Моцарт.

Македонија во топ 20-те земји во светот чии високообразовани и стручни кадри заминуваат

Македонија во топ 20-те земји во светот чии високообразовани и стручни кадри заминуваат, се апелира за системски мерки.

Во последните десетина години 40 отсто од високообразовниот и стручен кадар заминува од земјата. Македонија е во топ 20 земји со емиграција на високобразовните и стручни кадри, а на петто место во рамки на Европската унија, истакна денеска државниот ревизор Максим Ацевски пред собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетски прашања.

Ацевски презентираше извадоци од Конечниот извештај за извршена ревизија на успешност на тема „Ефективност на мерките за спречување на одливот на високообразовни и стручни кадри“ подготвен од Државниот завод за ревизија изразувајќи надеж дека барем дел од препораките содржани во него ќе бидат имлементирани со цел намалување на одливот.

ДЗР во извештајот заклучува дека со спроведената ревизија и применета ревизорска методологија и прибраните ревизорски докази стекнале уверување дека активностите на Владата како носител на политиките за управување со миграцијата не се ефективни за намалување на одливот на високообразовниот кадар од државата. Проценките од извршената анализа на ангажираниот експерт на ДЗР покажуваат дека во периодот 2013-2021 година просечно годишно мигрираат по околу 2.500 високообразовани кадри, за кои државата просечно годишно инвестирала по околу пет милијарди денари или вкупно за анализираниот период потрошила 44,7 милијарди денари. Се посочува дека одливот на високообразованите кадри ја чини државата 0,8 проценти од годишниот БДП.

Дали овие податоци се реални имајќи предвид одредени отстапувања, рече Ацевски, не би можел да кажам, но бројот на високообразовните кадри што заминуваат е висок.

Според извештајот, вкупниот ефект на опортунитетниот трошок во однос на изгубен БДП кој не е генериран заради годишната емиграција на вкупното население од државата се проценува на 5,15 проценти од БДП на годишно ниво. Доколку на ова се додаде реално изгубената инвестиција во образованието во овие кадри која во просек изнесува 3,19 проценти годишно од БДП, вкупниот негативен економски ефект рефлектира вкупна загуба од 8,34 проценти од БДП на годишно ниво.

По истекувањето на периодот на важност на Националната стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри 2013-2020 година не е усвоен нов стратешки документ кој го опфаќа проблемот поврзан со одлив на мозоци односно сеопфатна стратегија за економската миграција, со мерки и активности поврзани со намалувањето на одливот на високообразован кадар, со што би се намалиле и негативни ефекти во областа на економскиот развој на земјата и научноистражувачката дејност. Се констатира дека мерките од Стратегијата не се целосно имплементирани.

Ацевски истакна дека државата не успеала да формира единствена база на податоци за да има бројка на одлив на високообразовани и стручни кадри. Како пример посочува дека во 2023 /2024 имало околу 23.000 слободни места за упис на државните универзитети, а се запишале само 10.000. Според државниот ревизор, недостасува и точен мониторинг и колку реално студенти можат да запишат универзитетите.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека бројката што се презентира е поразителна, потенцирајќи дека за задржување на кадарот во земјата е потребен мултиресорки пристап така што таа може да зборува само за образованието.

- Добро е што државата имала Стратегија за спречување на одливот на мозоци, но за жал, не го постигнала ефектот кој бил предвиден при креирањето. Нема да се навраќаме назад и да бараме виновници. Како нова Влада преку мултиресорски пристап ќе се фокусираме на креирање нови мерки и активности со кои ќе го намалиме заминувањето на квалификуваниот и високообразован кадар, рече Јаневска.

Посочи дека со универзитетите веќе се разговара за промени со цел поквалитетен образовен систем, осовременување на студиските програми за да бидат интересни за младите, но и усогласување со потребите на пазарот на трудот.

- Затоа ќе ги ревидираме квотите за упис на факултетите, врз основа на реална анализа на состојбите во општеството и утврдување на тоа што ни недостига, рече Јаневска.

Стипендирањето во голема мера треба да стимулира упис на дефицитарни струки, па оттука и стипендиите на МОН веројатно ќе подлежат на ревизија. Зборувајќи за шангајските стипендии, министерката кажа дека очигледно е потребно реобмислување на начинот на кој тие се даваат и на начинот кој студентите треба да возвратат.

- Веќе се консултираме со повеќе студенти кои имаат искористено ваков тип на стипендија. Имаат интересни идеи кои ги размислуваме во моментов. Најчесто нотираат потреба за поголемо поврзување со компаниите во Македонија, бидејќи администрацијата нуди ограничени можности“, рече Јаневска, додавајќи дека Министерството прави дигитален регистар за евиденција на сите стипендисти, заради полесно лоцирање, вмрежување...

Младите, како што посочи Јаневска, треба да добијат повеќе можности за учество и развој во науката и затоа се планираат повеќе пари и враќање на финансирањето на научно – истражувачките проекти со апликативни цели, како и нивно вклучување во наставно – научните тимови во рамки на образовните установи каде недостига персонал.

Ќе се прошируваат и можностите за вмрежување на младите со младите од други земји преку Хоризонт, Еразмус и други програми за образование и наука.

- Ценам дека обврска е не само на институциите на системот, туку и на бизнис заедницата, на граѓанскиот сектор и на секој општествен чинител кој може да помогне, да даде придонес во справувањето со предизвикот како да ги задржиме младите во Македонија и да им овозможиме добра иднина тука, додаде Јаневска.

Според пратеникот од СДСМ и поранешен пратеник Димитар Ковачевски, треба да се посочат мерки, но и да се каже колку и во што треба да се вложи за да се задржат младите во земјата.

Осврнувајќи се на еден од примерите за тоа колку е вложено за обука на млади лица во хабовите за отворање стартапи, Ковачевски праша каков бил ефектот од нив бидејќи нема отворена компанија. Посочи дека за отворање компании е потребен пазар, а ние сме мал пазар од само милион луѓе.

Пратеникот Бојан Стојановски и претседател на Комисијата смета дека не може повеќе да се бега од темата и да се прават стратегии без ефект, туку дека треба мултисекторски да се работи на намалување на трендот на иселување, којшто е глобален.

-Темата да влезе во институциите каде што се носат одлуки. Во овој дел е опфатено само образованието, треба да се вклучат и другите институции, министерството за труд, финансии...потребен е систем на мерки, рече Стојановски.

притисни ентер