Руски хакери повторно блокираа веб-страници на белгиски институции

 Руски хакери денеска втор ден по ред уриваат веб-страници на белгиски институции, јавија локалните медиуми.

Регистрирано е дека овој пат се погодени локациите на општинските власти и пристаништето Зибриж.

Хакерите од групата NoName057(16) на „Телеграм“ соопштија дека „ја казнуваат Белгија за поддршката на украинските терористи“. Белгискиот центар за кибер безбедност го потврди авторството на нападите и ги опиша како „безопасни“.

Според локалните медиуми, хакерската група за која станува збор е против каква било поддршка за Украина и ги напаѓа веб-страниците во прокиевските земји со испраќање премногу барања за пристап до избраните сајтови. Се додава дека Белгија добила закани од истата група и во врска со општинските избори в недела. Според експертите за кибер безбедност, акциите на руските хакери имаат за цел да привлечат внимание и – во овој случај – да создадат впечаток дека изборите се во опасност.

Белгиските власти неодамна соопштија дека од почетокот на руската воена офанзива против Украина, на Киев му обезбедиле помош од над 1,2 милијарди евра. Се очекува Украина наскоро да добие белгиски борбени авиони Ф-16 и дополнителни испораки на оружје.

Претседателката Сиљановска Давкова се обрати на Процесот Брдо-Бриони во Црна Гора

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на пленарната сесија на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони, што се одржува во Тиват, Црна Гора.

Во своето обраќање, претседателката Сиљановска Давкова се осврна на евроинтеграцијата, како приоритетен предизвик на земјите од регионот. Според неа, чекалната на Европската Унија наречена Западен Балкан се празни само на два начини: со интегрирање на земјите од овој гео-политички регион во ЕУ или преку иселување на луѓето, особено младите, кои, како што посочи, се уморни од чекањето за членство на нивните држави во Европската Унија и се интегрираат по брза постапка, по скратен пат, неретко и со пасош на туѓа држава.

Ваквата демографска закана, според претседателката, е опасна не само за економијата, туку и за демократијата, бидејќи, како што посочи, сѐ помалку граѓани значи и сѐ помал притисок врз властите за европски реформи, за владеење на правото и борба против корупцијата, за демократски вредности и почитување на човековите права и слободи.

„Процесот Брдо Бриони треба да ни помогне, оваа чекална наречена Западен Балкан да се испразни преку интегрирање на државите, а не мигрирање на граѓаните. Процесот ќе ја исполни својата цел тогаш кога и последната држава заглавена во овој гео-политички регион ќе стане полноправна членка на Унијата и кога жаргонот Западен Балкан ќе го испратиме во историјата, и тоа не подоцна од 2030-та година“, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Претседателката посочи дека е неопходно сите земји да се третирани еднакво и напредувањето кон ЕУ да биде резултат на достигнувањето на европските реформи и критериуми поврзани со европското законодавство.

„Како држава што е посветена на добрососедството и регионалната соработка, ние ги почитуваме билатераланите договори со нашите соседи и очекуваме и нашите соседи да ги почитуваат договорите без да го злоупотребуваат правото на вето“, рече претседателката.

Таа пред лидерите на процесот Брдо-Бриони посочи на потребата за регионална соработка и регионално поддржување едни со други, по примерот на скандинавските земји, истакнувајќи дека тоа е неопходно за да можеме да се фокусираме на клучните проблеми на регионот.

„Веќе го спомнав иселувањето на младите. Кон тоа ќе ја додадам и потребата од инфраструктурно, енергетско и дигитално поврзување, што ќе помогне регионот да стане поконкурентен на поширокиот европски и глобален пазар. Планот на Европската Унија за раст за Западниот Балкан треба да биде инструмент од кој сите држави од регионот, независно од степенот на евроинтегративниот процес, да имаат еднаков бенефит. Но, на повидок е и уште посериозен проблем, а тоа се климатските промени“, рече претседателката.

Според македонската претседателката европската реинтеграција, односно реунификација е незавршена без нас, оти поделбата на запад и исток е вештачка и мора да се надмине. Како што посочи, целосната интеграција на Балканот во ЕУ ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите, како и на балканизацијата како феномен.

Во изјава по завршувањето на состанокот, претседателката посочи дека собирот поминал во пријателска атмосфера и на него била потенцирана важноста за регионалната соработка и поддршка, истакнувајќи дека не можеме да очекуваме респект и разбирање од членките на ЕУ, доколку сами меѓу себе не се разбираме. Таа ја потенцираше клучната улога на иницијаторите за Процесот Брдо-Бриони, Словенија и Хрватска, и изрази надеж за продолжување на нивната гласност во процесот на нашата реунификација или реинтеграција во Европа.

На денешниот самит, шефовите на делегациите на земјите учеснички на Процесот Брдо-Бриони ја усвоија Декларацијата, во која го потврдија нивното непоколебливо уверување дека интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија е најветувачкиот и најнезаменливиот пат кон Европа, потенцирајќи ја неопходноста од храбри чекори со цел обезбедување на долгорочна стабилност на континентот и создавајќи услови со цел младите луѓе да останат во регионот и да напредуваат во праведни, просперитетни и одржливи општества, се наведува во соопштението од Кабинетот.

Во изминатите четири дена во Грција биле откриени и спасени над 580 бегалци и мигранти

Mигрантите најчесто се превезувале во чамци или едрилици во групи од 18 до 70 лица

Во 18 одвоени случаи во морските делови кај островите во Егејското море што се во близина на турското крајбрежје и во јужниот дел на островот Крит, во изминатите четири дена биле откирени и спасени 588 бегалци и мигранти и уапсени 22 криумчари, јави дописничката на МИА од Атина.

Доколку се анализираат секојдневните официјални податоци од крајбрежната служба на Грција, мигрантите најчесто се превезувале во чамци или едрилици во групи од 18 до 70 лица, а заедно со нив биле и криумчарите, кои се упасени.

Во периодот од петокот до вчера, нешто помалку од половина од откриените лица, односно 263 се во близина на малиот остров Гавдос што е најјужната точка и на Грција и на Европа, а најчесто мигрантите оваа рута ја користат за од Либија да стигнат во Италија.

Мигранти биле откриени и во близина на Крит што е исто така дел од т.н. јужна рута, додека пак од турското крајбрежје кон грчките острови Самос, Родос, Сими Кос, Лезбос и Агатоноси имало нешто помалку од 200 лица.

Во спасувачките акции што ги води крајбрежната служба, помагаат и товарни бродови и други пловни средства што се во непосредна близина.

За општата ситуација со мигрантското прашање во Грција портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис во интервју за државната телевизија ЕРТ, посочи дека е намален бројот на мигранти кои престојуваат во земјата, објаснувајќи дека тоа се должи на владината политика, односно „планот за заштита на границите, строга, но праведна миграциска политика и на копно и во море, промена на процесот на давање азил“, но и „притисок кон Европа“ дека не може Грција, „границата на Европа, да го носи целиот товари“. /МИА

Работен состанок на директорот на БЈБ Јанев со раководството на СВР Скопје

Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) при Министерството за внатрешни работи, Александар Јанев денеска го посетил Секторот за внатрешни работи Скопје каде имал работен состанок со раководството на оваа организациона единица.

Од МВР соопштија дека состанокот бил посветен на целите и задачите на Секторот во насока на натамошно подобрување на неговата ефикасност и квалитет на работа во интерес на безбедноста на граѓаните во главниот град.

- На средбата беше резимирана актуелната состојба во повеќе сфери од безбедноста на територијата под надлежност на СВР Скопје, особено од аспект на сложеноста на обврските и задачите што произлегуваат од спецификите на подрачјето (бројност и фреквентност на луѓе, административни и други значенија и слично) при што беше оценето дека безбедносната состојба задоволува но и дека има реални можности за нејзино натамошно подобрување. Во тој контекст на состонакот, меѓу другото, стана збор и за скорешните предвидени измени во организационо-структурното функционирање на Секторот, и дека тие сигурно можат позитивно да се одразат во секојдневното работење на сите служби во рамки на оваа организациона единица при Бирото за јавна безбедност, се наведува во соопштението од МВР.

притисни ентер