Стојановски и Панчевски најуспешни Македонци на ЕП во забрзан и во брзопотезен шах

 Членовите на Алкалоид, Дејан Стојановски и Филип Панчевски се најуспешните Македонци на Европските првенства во забрзан и во брзопотезен шах што се играа викендот во Скопје.

Стојановски со осум бодови од 11 кола го освои 18. место на Европскиот шампионат во забрзан (рапид) шах во конкуренција на 390 шахисти.

- За мене ова е голем резултат, планина! За споредба, кога би бил овој резултат одигран на стандардно темпо на игра, би значел велемајсторска норма. Осумте бода од можни 11, без пораз, и пласманот во топ 20 на европско ниво доволно кажуваат, но за да го остварам тоа, навистина се внесов. Во овие два дена загубив три килограми од телесната тежина! Горд сум што рамноправно се носев во дуелите во кои квалитетот на партиите беше на екстремно високо ниво. Сето ова не би било можно без поддршката на мојот клуб Алкалоид, како и на компанијата што стои зад нас, изјави Стојановски.

Велемајсторот Владимир Федосеев, играч со руско потекло кој настапува под знамето на Словенија, стана нов европски првак со 9,5 поени.

На Европскиот шампионат во брзопотезен (блиц) шах настапија околу 360 играчи. Најуспешен македонски играч е Филип Панчевски освојувајќи 9 бода од можни 13, при што се најде во групата играчи од 20. до 32. место, а според тајм-брејк параметрите го освои 26. место.

- По долго време повторно играв на Европското првенство во рапид и во блиц шах, што, секако, беше големо искуство да се одмерат силите со најсилните европски шахисти. Турнирот во забрзан шах беше прв и таму играв тешко, но како поминуваа партиите влегов во игра и играв сѐ подобро и подобро. Европското првенство е силен турнир, за кој треба многу енергија. Блиц-турнирот го завршив со победа во последното коло, што секогаш ми носи големо задоволство. Иако посакував уште половина поен повеќе, задоволен сум од постигнатиот резултат, констатираше Панчевски.

За издвојување е и настапот на 14-годишниот Никола Радоњанин, кој е дел од младинската школа на ШК Алкалоид. Тој на двата шампионата беше најуспешен од македонските шахисти во својата возрасна категорија.

КУД „Иљо Антески-Смок“- Тетово одржа завршен настан за 2024 година

Членовите на Културно-уметничкото друштво (КУД) „Иљо Антески-Смок“ од Тетово вчера одржаа завршен настан за 2024 година на кој се претставија трите секции.

Со зимска ликовна изложба на своите дела се претставија членовите на клубот на ликовни уметници под менторство на Татјана Антевска Марковска. Членови на Драмското студио под менторство на Ангелина Костовска изведоа пиеса посветена на Новата година. Настапија и членовите на фолклорната секција под раководство на Бобан Трпковски.

-Активностите се во рамки на заокружување на работата на сите наши секции во здружението за 2024 година. Воедно оддаваме и дипломи и благодарници на нашите соработници, членовите и стручниот совет за целокупниот труд вложен во текот оваа изминатата година, изјави претседателот Хаџи Милорад Ѓорѓевски.

Мултимедијалниот настан се одржа во концертната сала на Музејот на тетовски крај/Дом АРМ.

Вонредно изборно Собрание на ФФМ: Прифатена оставката на досегашниот претседател, Муамед Сејдин

На Изборното Собрание присутните ја прифатија оставката на досегашниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини. 

Во својот говор пред присутните 62 делегати, фудбалски работници, наши истакнати поранешни фудбалски имиња и гости од УЕФА и ФИФА, Муамед Сејдини упати благодарност до сите кои во изминатите години дадоа придонес за развојот на македонскиот фудбал.

Од една страна чувствувам исклучителна гордост за сè што постигнавме заедно во овие седум години како претседател на Фудбалската федерација на Македонија. Од друга страна, ова е момент за размислување, бидејќи секоја епоха има свој крај, а денес завршуваме едно поглавје кое носеше многу предизвици, но заврши со историски успеси.

Овие години ќе останат незаборавни за мене и верувам за сите кои го сакаат нашиот фудбал. Од историското учество на Европското првенство ЕУРО 2020, преку големата победа против Италија, успесите во Лигата на нации, па сè до инфраструктурните проекти кои трансформираа многу фудбалски терени во нашата земја. Сето ова е резултат на заедничката работа и посветеноста на сите нас.

Денес си заминувам исто така на ист начин - со благодарност и можност да ве погледнам сите во очи, споделувајќи чувство на гордост за заедничките успеси кои ќе останат долго во историјата на нашиот фудбал.

Посакувам и во иднина да имаме уште поголеми успеси и нашиот фудбал да продолжи да биде извор на гордост за сите нас. На мојот наследник му посакувам успешна работа и многу успеси на неговиот пат“.

Путин: Русија е подготвена да ги нормализира односите со САД

Русија е подготвена да ги нормализира односите со САД, но не на сметка на руските интереси.

Русија е подготвена да ги нормализира односите со САД и другите западни земји, но не на сметка на руските интереси, изјави рускиот претседател Владимир Путин во интервју објавено денеска, пренесоа руските медиуми.

-Се може да се направи ако има желба. Никогаш не сме ја изгубиле таа желба, рече Путин одговарајќи на прашање за можноста за воспоставување руско-американски односи.

Според него, сè се менува во меѓународните односи, а само интересите остануваат непроменети - во овој случај, „интересите на Русија и нејзиниот народ“.

-Ако видиме дека ситуацијата се менува на начин што дава можности и перспективи за градење односи со другите земји, ние сме подготвени на тоа, но не на штета на интересите на Руската Федерација, нагласи Путин.

Тој додаде дека кога противниците на Русија ќе ја разберат подготвеноста на таа земја да одговори на какви било предизвици, ќе сфатат и дека е време да се бараат компромиси.

-Секогаш ќе одговориме на секој предизвик, а кога нашите сегашни противници и можни партнери конечно ќе го слушнат и разберат ова, ми се чини дека тогаш ќе сфатат дека е неопходно да се бараат компромиси, заклучи Путин.

притисни ентер