Стефанов: Испишавме историја, македонските пара алпски скијачи освоија ФИС бодови

За прв пат, македонски пара алпски скијачи учествуваа на ФИС трки и при тоа се покажаа во добро издание.

Станува збор за Зоран Јовановски и Вангел Тркаљанов, кои со тренерите Јане Стефанов и Петар Илев, ја претставија Македонија на трките во Зурс, Австрија изминатиот викенд.

-На двете трки, Зоран Јовановски го освои одличното седмо место и заработи ФИС поени, што претставува значаен успех за македонскиот пара спорт. Вангел Тркаљанов, иако не успеа да ја заврши трката, покажа храброст и посветеност, поставувајќи основа за понатамошни успеси, изјави тренерот Стефанов.

Претстојат уште предизвици според ФИС календарот, каде со нетрпение го очекуваме учеството на нашите натпреварувачи, додаде Стефанов.

Воедно, започнуваат и подготовките за предвидените кампови за пара скијање, кои ќе бидат клучни за натамошниот развој на овие македонски спортисти.

КУД „Иљо Антески-Смок“- Тетово одржа завршен настан за 2024 година

Членовите на Културно-уметничкото друштво (КУД) „Иљо Антески-Смок“ од Тетово вчера одржаа завршен настан за 2024 година на кој се претставија трите секции.

Со зимска ликовна изложба на своите дела се претставија членовите на клубот на ликовни уметници под менторство на Татјана Антевска Марковска. Членови на Драмското студио под менторство на Ангелина Костовска изведоа пиеса посветена на Новата година. Настапија и членовите на фолклорната секција под раководство на Бобан Трпковски.

-Активностите се во рамки на заокружување на работата на сите наши секции во здружението за 2024 година. Воедно оддаваме и дипломи и благодарници на нашите соработници, членовите и стручниот совет за целокупниот труд вложен во текот оваа изминатата година, изјави претседателот Хаџи Милорад Ѓорѓевски.

Мултимедијалниот настан се одржа во концертната сала на Музејот на тетовски крај/Дом АРМ.

Вонредно изборно Собрание на ФФМ: Прифатена оставката на досегашниот претседател, Муамед Сејдин

На Изборното Собрание присутните ја прифатија оставката на досегашниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини. 

Во својот говор пред присутните 62 делегати, фудбалски работници, наши истакнати поранешни фудбалски имиња и гости од УЕФА и ФИФА, Муамед Сејдини упати благодарност до сите кои во изминатите години дадоа придонес за развојот на македонскиот фудбал.

Од една страна чувствувам исклучителна гордост за сè што постигнавме заедно во овие седум години како претседател на Фудбалската федерација на Македонија. Од друга страна, ова е момент за размислување, бидејќи секоја епоха има свој крај, а денес завршуваме едно поглавје кое носеше многу предизвици, но заврши со историски успеси.

Овие години ќе останат незаборавни за мене и верувам за сите кои го сакаат нашиот фудбал. Од историското учество на Европското првенство ЕУРО 2020, преку големата победа против Италија, успесите во Лигата на нации, па сè до инфраструктурните проекти кои трансформираа многу фудбалски терени во нашата земја. Сето ова е резултат на заедничката работа и посветеноста на сите нас.

Денес си заминувам исто така на ист начин - со благодарност и можност да ве погледнам сите во очи, споделувајќи чувство на гордост за заедничките успеси кои ќе останат долго во историјата на нашиот фудбал.

Посакувам и во иднина да имаме уште поголеми успеси и нашиот фудбал да продолжи да биде извор на гордост за сите нас. На мојот наследник му посакувам успешна работа и многу успеси на неговиот пат“.

Путин: Русија е подготвена да ги нормализира односите со САД

Русија е подготвена да ги нормализира односите со САД, но не на сметка на руските интереси.

Русија е подготвена да ги нормализира односите со САД и другите западни земји, но не на сметка на руските интереси, изјави рускиот претседател Владимир Путин во интервју објавено денеска, пренесоа руските медиуми.

-Се може да се направи ако има желба. Никогаш не сме ја изгубиле таа желба, рече Путин одговарајќи на прашање за можноста за воспоставување руско-американски односи.

Според него, сè се менува во меѓународните односи, а само интересите остануваат непроменети - во овој случај, „интересите на Русија и нејзиниот народ“.

-Ако видиме дека ситуацијата се менува на начин што дава можности и перспективи за градење односи со другите земји, ние сме подготвени на тоа, но не на штета на интересите на Руската Федерација, нагласи Путин.

Тој додаде дека кога противниците на Русија ќе ја разберат подготвеноста на таа земја да одговори на какви било предизвици, ќе сфатат и дека е време да се бараат компромиси.

-Секогаш ќе одговориме на секој предизвик, а кога нашите сегашни противници и можни партнери конечно ќе го слушнат и разберат ова, ми се чини дека тогаш ќе сфатат дека е неопходно да се бараат компромиси, заклучи Путин.

притисни ентер