Спејсикс го лансираше шестиот пробен лет на Старшип од Тексас во присуство на Трамп

Компанијата Спејксикс (SpaceX) на американскиот милијардер Илон Маск го лансираше шестиот пробен лет на вселенското летало Старшип од Тексас, а на лансирањето присуствуваше и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.

НАСА планира да користи Старшип за испраќање луѓе на Месечината како дел од својата програма Артемис.

- Одам во големата држава Тексас за да го гледам лансирањето на најголемиот објект некогаш лансиран, не само во вселената, туку со едноставно полетување од земјата, напиша Трамп на својата социјална мрежа и му посака среќа на Маск за лансирањето на ракетата.

Ракетниот систем висок околу 122 метри, во кој астронаутите би требало да слетуваат на Месечината и се пренесува екипаж на Марс, беше лансиран во 16 часот по локално време, од комплексот за развој на ракети на Спејсикс во Тексас.

Ракетниот засилувач, наречен „Супер тежок“ (Super Heavy), не бил фатен за време на петтиот пробен лет, туку паднал во Мексиканскиот Залив.

Ракетата Старшип падна во Индискиот Океан по околу час и половина лет околу Земјата.

Трамп претходно најави дека ќе го назначи Маск на чело на новоформираниот Оддел за ефикасност на Владата во новата администрација.

Северна Кореја и Русија потпишаа протокол за економска и научна соработка

Северна Кореја и Русија потпишаа протокол за соработка по состаноците за трговија, економија, наука и технологија во Пјонгјанг, објави севернокорејскиот државен медиум КЦНА.

Според руското Министерство за природни ресурси, земјите се согласиле да го зголемат бројот на чартер летови по состанокот

Помеѓу јануари и септември, бројот на туристи кои патувале меѓу Русија и Северна Кореја изнесувал повеќе од 5.000 луѓе, а повеќе од 70 отсто од нив патувале со авион. Се очекува зголемените чартер летови да полетуваат не само од источниот регион на Русија во близина на Северна Кореја, туку и од поголемите руски градови во други области, објавија руските медиуми, повикувајќи се на Министерството.

Пјонгјанг и Москва ги засилија дипломатските и економските размени во изминатите неколку години, што кулминираше со посетата на Путин на Северна Кореја во јуни, кога лидерите на земјите се договорија за заеднички одбранбен пакт.

Растечките одбранбени врски меѓу земјите предизвикаа меѓународна тревога, при што Вашингтон, Киев и Сеул ја осудија Северна Кореја за испраќање воена опрема и повеќе од 10.000 војници во Русија за да ја поддржи нејзината војна против Украина.

Литванија трет противник на македонските кошаркари во квалификациите за ЕП 2025

 Македонската кошаркарска репрезентација ги продолжува квалификациите за Евробаскет 2025. Во ноемврискиот „прозорец“ противник на „црвено-жолтите“ е селекцијата на Литванија.

Литванците се фаворите на двете средби, но од таборот на нашата репрезентација ветуваат максимална борбеност за секоја топка и искористување на секоја шанса.

Селекторот Александар Јончевски за првиот меѓусебен дуел ќе ги нема на располагање Ненад Димитријевиќ, Ти-Џеј Шортс ниту Итан Хап и ова е огромен хендикеп.

Првиот натпревар ќе се игра вечер од 18 часот во СРЦ „Кале“, додека реваншот се игра во Клаипеда на 24 ноември.

По две кола во Х-групата, Естонија е прва со 4 бодови, Македонија и Литванија имаат по 3, Полска е последна со 2 бода.

На Евробаскет 2025 година пласман автоматски како домаќин пласман обезбеди Полска, а нејзе ќе и се приклучат уште две најдобропласирани репрезентации.

На Попова Шапка измерен -1, во Битола 10 степени

Утрово најниска температура од -1 степен е измерена на Попова Шапка, а  највисока од 10 степени целзиусови во Битола. 

УХМР информира дека 1 степен е измерен во Лазарополе, Крива Паланка и Куманово, 2 во Скопје-Зајчев Рид, Скопје-Петровец, Штип, Тетово, Виница и Маврови Анови, 3 во Велес и Кавадарци, 4 во Демир Капија и Крушево, 5 во Берово, 6 во Струмица и Гевгелија, 7 во Охрид, 8 во Претор и 9 во Прилеп.

Во изминатите 24 часа, до 7 часот, наврнат талог од 59 литри на метар квадратен има во Лазарополе, 40 во Маврови Анови, 29 на Попова Шапка, 13 во Крушево, 11 во Тетово, 8 во Скопје-Петровец, Крива Паланка и Куманово, 6 во Охрид, Штип, Велес и Виница, 5 во Берово и Битола, 4 во Скопје-Зајчев Рид, 3 во Кавадарци и Гевгелија, 2 во Демир Капија и Струмица и еден во Претор.

Во текот на ноќта и изутринава времето беше променливо облачно со локални врнежи од дожд, кои во северозападните делови беа обилни. Дуваше умерен, а на повеќе места силен ветер од јужен и југозападен правец. Според податоците од нашите мерни станици силен ветер дуваше во Штип каде достигнуваше брзина до 80км/ч, а во Крива Паланка и Битола над 60 километри на час.

Денеска времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува засилен ветер од северозападен правец, наместа над 80 километри на час. Максималната температура ќе достигне од 6 до 13 степени.

Во Скопје променливо облачно, претпладне со повремен дожд, а попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Максималната температура ќе достигне до 10 степени.

притисни ентер