Сообраќајот тековно, по влажни коловози

 Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.

На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Од 15.11.2024 година започнува законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година.

Пол Џорџ не го заврши натпреварот против Мемфис поради повреда

Кошаркарот на Филаделфија, Пол Џорџ одигра само 17,5 минути ноќеска на натпреварот со Мемфис во НБА-лигата.

Џорџ не можеше да му помогне на својот тим кој загуби со резултат 111:117. Тој повторно го исчаши левото колено. Истата повреда кошаркарот ја доби пред еден месец.

До моментот на напуштање на теренот Џорџ успеа да постигне 2 поени, 4 скока и 2 асистенции, со шут од поле 1 од 6.

Филаделфија е последна во Источната конференција со биланс две победи и 12 загубени натпревари.

Во Струмица се поставуваат контејнери за селектирање на отпадот

 Струмичкото комунално претпријатие почна со поставување на 60 контејнери во две бои-сина за хартија и жолта за пет пластика.

Контејнерите се поставени во дворовите на сите средни и основни училишта, како и на 20 локации низ градот, информираа од ЈПКД „Комуналец“ на нивната официјална страница.

Оттаму напоменуваат дека истите се само за одреден тип на отпад, сини за хартија и жолти за пет пластика, додека депонирање на друг вид отпад во нив е строго забрането и ќе биде санкционирано од страна на инспекциските служби.

-Според законот за управување со отпад ЈПКД „Комуналец“, како фирма која управува со собирањето на отпад, е должна на граѓаните да им овозможи канти во кои согласно истиот закон се должни да вршат примарна селекција на отпад. Под примарна селекција на отпад се подразбира дека секое домаќинство мора одделно во различни канти да става хартија, пет пластиката и останат смет, се наведува во информацијата.

Додаваат дека деновиве дел од домаќинствата кои не добија канти за рециклирање истите ќе им бидат доставени, со што секое домаќинство, покрај стандардната канта за отпад што ја поседува, ќе има и уште една канта за примарна селекција за отпад.

Инаку, контејнерите се набавени преку Министерството за животна средина и просторно планирање со капацитет од еден метар кубен.

САД покренаа обвинение против индискиот милијардер Адани за поткупи во вредност до 265 мил.дол

Милијардерот Гаутам Адани, претседател на индискиот конгломерат „Адани Груп“ и еден од најбогатите луѓе во светот, е обвинет во Њујорк за вмешаност во шема за давање поткупи во вредност до 265 милиони долари.

Милијардерот Гаутам Адани, претседател на индискиот конгломерат „Адани Груп“ и еден од најбогатите луѓе во светот, е обвинет во Њујорк за вмешаност во шема за давање поткупи во вредност до 265 милиони долари, објавија агенциите, повикувајќи се на американското обвинителство.

Американските власти соопштија дека Адани и седум други обвинети, вклучително и неговиот внук Сагар Адани, се согласиле да платат мито на индиски владини претставници за да склучат договори кои ќе им овозможат профит од 2 милијарди долари во текот на 20 години и да го разработат најголемиот проект за соларна енергија во Индија.

Судот во Њујорк издаде налози за апсење на Гаутам и Сагар Адани, а обвинителите планираат да ги проследат налозите за апсење до странските агенции за спроведување на законот.

Тие, заедно со поранешниот извршен директор на „Адани грин енерџи“, Винет Џејн, се обвинети за заговор за измама со хартии од вредност, а двајцата од семејството Адани ќе се соочат и со граѓански обвиненија поднесени до Комисијата за хартии од вредност на САД.

Пет други лица се обвинети за заговор за кршење на Законот за странски коруптивни практики, американскиот закон против поткуп, а четворица од нив ќе се соочат и со обвиненија за заговор за попречување на правдата.

Ниту еден од обвинетите не е приведен, соопшти обвинителството во Бруклин. Се верува дека Гаутам Адани е во Индија.

притисни ентер