Детали на црногорски медиуми по пописот: Повеќе жители на Петњица живеат во странство

Повеќе жители на Петњица живеат во странство отколку во својот град.

Минатогодишниот попис на населението во Црна Гора покажа дека секој четиринаесетти граѓанин не живее во оваа земја или секој тринаесетти, ако се исклучат странците вклучени во пописот, јавија црногорски медиуми.

Според конечните податоци од пописот на населението во Црна Гора, од 623.633 лица со вообичаено место на живеење, 44.017 живеат или работат во странство.

Дирекцијата за статистика на Црна Гора (Монстат) претходно објави дека најголем број од нив студираат, живеат или работат во Германија, а порталот Банкар објави анализа колку жители на црногорските општини живеат во странство во однос на вкупниот број, а кои се државите најатрактивни за работа и кои за образование и кои се најчестите причини зошто го напуштиле родното место.

Според таа анализа, општина Петњица има повеќе жители во странство отколку во таа општина. Од 5.552 жители на Петњица, колку што е изброено минатата година, 3.271 од нив живеат, работат или студираат надвор од својата општина. Тоа практично значи дека во таа општина живеат само 2.281 жители.Најголем број од нив има во Луксембург, речиси секој втор жител на оваа општина, односно 1.580 од нив. Околу 600 се во Германија, додека Швајцарија, Франција и Словенија се меѓу најчестите дестинации што ги избираат жителите на таа општина.

Втор град со најголем број жители кои живеат во странство е Гусиње. Од 4.662 граѓани, 1.032 живеат во странство, односно речиси секој четврти, а најголем дел се во САД.

Од вкупно 44.017 жители на Црна Гора кои живеат, работат или студираат во странство, повеќе од десет илјади се во Германија, односно секој четврти. Повеќето од нив се жители на Бијело Поље и Рожаје.

Трајчулески до Мицкоски: Правите партиски упад во независните тела, ова не е мерит систем

Класичен партиски упад во скоро сите комисии и регулаторни тела во државата кои по својот модел треба да бидат независни од централната власт.

Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески на денешената седница за пратенички прашања упати прашање до премиерот Мицкоски за уапдот којшто власта го прави во независните регулаторни тела со кои ги прекинува законските мандати и ги партизира исклучиво со партиски кадри.

„Почитуван премиере Мицкоски, во текот на претходните месеци во ова собрание беа доставени и донесени закони во скратена постапка со кои се прави директен упад во правниот систем на државата, со кои се прекинуваат мандатите на членови на државните второстепени комисии и на независните регулаторни тела по сила на закон и тоа во скратена постапка.

Ова е досега невиден преседан во нашата држава, со единствена цел реализирање на партискиот интерес, односно поставување на партиски луѓе на независните регулаторни тела и второстепени комисии.

Се прекинаа мандатите на членовите на државната комисија за решавање во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, на државната комисија за решавање по инспекциски надзор, на републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, на агенцијата за електронски комуникации, на комисијата за заштита на конкуренцијата, а во собраниска процедура се предлози за разрешување на членовите на агенцијата за супервизија на осигурувањето и на дел од членовите на регулаторната комисија за енергетика.

Класичен партиски упад во скоро сите комисии и регулаторни тела во државата кои по својот модел треба да бидат независни од централната власт.

Без никаква анализа и без било какви јавна и стручна дебата, а со класична злоупотреба на законодавниот дом се врши брутална партизација на овие самостојни институции и регулаторни тела.

Поставувањето на новите функционери, најголем дел од нив истакнати членови на партиите на власт само ја потврди претходно искажаната загриженост на опозицијата за партизацијата на овие институции.

Создадовте пракса дека државата започнува со промена на секоја власт, создадовте перцепција дека Државата тоа сум јас, или во македонски услови Државата тоа е партијата.

Најеклатантен пример е назначувањето на Орце Симов, претседател на партиската комисија за информатичко општество, телекомуникации и аудиовизуелни услуги на ВМРО ДПМНЕ и Ангелка Диневска претседател на унијата на жени на општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ во Битола за членови на комисијата на Агенцијата за електронски комуникации. Ова назначување е спротивно на член 18 став 1 од Законот за електронски комуникации.

Грубата партизација на сите јавни должности чие именување или избор зависат од волјата на мнозинството продолжија и во Советот за граѓански надзор над следењето на електронските комуникации и работата на безбедносните служби. Сите членови на ова тело се партиска испостава на владејачката коалиција, поранешни пратеници или истакнати партиски активисти. Небаре избирате општински комитет, а не граѓанско тело. Ова укажува на најмалку две претпоставки, или планирате повторно да прислушувате како во времето на режимот, или сте почнале да се сомневате во довербата на граѓаните и затоа не ризикувате со автентични граѓански решенија, туку играте на сигурно со “хард кор” партиски именувања. Класичен упад во надзорот на мерките за следење на комуникациите.

Премиере Мицковски, едно од вашите стожерни ветувања во предизборната кампања, но и како избран премиер на државата беше воведување на мерит систем, или систем на заслуги во јавната управа. Систем според кој треба да се креираат фер и правични услови и систем кој ќе го цени знаењето и искуството, а не политичката опција на која луѓето припаѓаат.

Ќе ве цитирам: “Се залагам за деполитизирана администрација, каде клучни ќе бидат стручноста и посветеноста“, затворен цитат. Изјава дадена од страна на премиерот Христијан Мицкоски пред еден ден.

Народски кажано, не ме гледајте што правам, слушајте што зборувам.

Моето прашање почитуван премиере е дали системот на заслуги кој го промовиравте пред изборите, и кој декларативно го промиварате и денес како избран премиер, во реалноста се трансформира во систем на партиски заслуги? “

СДСМ

Украина нема да ја намали минималната возраст за мобилизација

Украина нема да ја намали минималната возраст за мобилизација од 25 на 18 години, изјави советникот на украинскиот претседател за комуникации, Дмитро Литвин. 

Според него, причина за ова е недостигот од оружје за веќе мобилизираните војници поради доцнење на испораките од меѓународните партнери.

Литвин реагираше на пишувањата на западните медиуми дека САД ја поттикнуваат Украина да ја намали возраста за мобилизација. - Не можеме да очекуваме Украина да ги надомести доцнењата во логистиката со испраќање млади луѓе на фронтот, рече тој.

Претходно, американскиот советник за национална безбедност, Џејк Саливан, изјави дека Украина има потреба од човечки ресурси за зајакнување на позициите на фронтот./МИА

Сиљановска Давкова ja почна официјалната посета на Црна Гора

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во Цетиње со највисоки државни и воени почести беше пречекана од црногорскиот претседател, Јаков Милатовиќ, со што почна дводневна официјална посета на Црна Гора.

По пречекот на кој беа интонирани химните на Македонија и Црна Гора, двајцата претседатели одржуваат тет-а тет средба, на која фокус ќе биде ставен на евроинтегративните процеси на двете земји и на регионалната соработка како клучен предуслов за одржување на стабилноста и поголем економски просперитет на земјите од Западен Балкан, јави специјалниот известувач на МИА од Подгорица.

Сиљановска Давкова и Милатовиќ во дворот на резиденцијата на претседателот на Црна Гора ќе засадат дрво на пријателство.

Според агендата на првиот ден од посетата, претседателката Сиљановска Давкова во Подгорица ќе оствари средба со претседателот на Собранието на Црна Гора, Андрја Мандиќ.

Дипломатските односи меѓу Македонија и Црна Гора беа воспоставени на 14 јуни 2006 година.

притисни ентер