Сончево со мала до умерена локална облачност, од понеделник врнежи од снег

Времето утрово ќе биде студено, а преку денот сончево со мала до умерена локална облачност. Како што соопштија од УХМР, кон крајот на денот и во текот на ноќта облачноста ќе се зголемува.

Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен до југозападен правец.

Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 1, а максималната ќе достигне од 4 до 9 степени.

Во Скопје утрото ведро и студено, преку денот претежно сончево и тивко. Кон крајот на денот и во текот на ноќта облачно. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 8 степени.

Преодно стабилизирање на времето ќе има утре и потоа преку ноќта.

Од понеделник под влијание на циклонска активност и студен воздух од север ќе започнат нови врнежи претежно од снег, во делови од Повардарието од дожд, особено во западниот дел и на исток каде што во понеделник врнежите ќе бидат пообилни ќе се зголеми и ќе се прошири и снежната покривка. Снег ќе има понекаде и во пониските места.

Коњановски: Инфо центарот на Пелистер заживува со својот сјај

За прв пат по толку време денеска Инфо центарот на Пелистер заживува со својот сјај и на јавноста и ја претставува целата туристичка понуда, истакна градоначалникот на Битола Тони Коњановски на манифестацијата „Куќа имам на Пелистер“.

На прес конференција што се одржа во Инфо центар на ЈУ Национален парк „Пелистер“, Коњановски нагласи дека Пелистер е бренд кој многу значи за градот, државата и регионот.

-Денеска за прв пат по толку време Инфо центарот на Пелистер заживува со својот сјај и на јавноста и ја претставува целата туристичка понуда. Ова е регионален собир бидејќи освен битолчани, тука се добронамерници од Преспа, од Демир Хисар, производители на традиционална храна и специјалитети. Манифестацијата „Куќа имам на Пелистер“ се одржува на 14 километри од градот и на 1400 метри надморска височина, како вистинска туристичка атракција. Битола не е само град на културата, град на уметноста...таа е мултикултурен центар и центар со бренд бидејќи името Пелистер за сите значи многу. Овој настан е значаен за „Зимска приказна“ и се надевам дека конечно Пелистер ќе го добие своето значење како прв национален парк во Македонија, истакна Коњановски.

На хуманитарниот базар учествуваат дваесеттина фирми со свои штандови кои ги претставуваат своите локални производи од храна, пријалоци, но и агенции со туристичка понуда. Вкусот на Пелистер е содржан во разнообразната понуда што може да се види на штандовите, истакна Иванчо Тошевски, директор на ЈПНП „Пелистер“-Битола.

-Пелистер е повеќе од планина. Тоа е нашиот стил на живот, наша инспирација, тоа е место каде што легендите живеат вечно. Со настанот „Куќа имам на Пелистер“, во рамки на „Зимска приказна“, не само што ја славиме убавината на оваа планина, туку и ја отвораме вратата за сите оние што сакаат да ја почувствуваат нејзината магија, историја и авантура. Денешниот настан е празник на природата, авантурите и заедништвото каде целата туристичка понуда на Пелистер ја ставаме на едно место. Заедно со Општина Битола, Пелистер го претвораме во центар на туризмот пристапен за сите, истакна Тошевски.

За хуманитарниот новогодишен базар на Пелистер, организаторот обезбеди бесплатен превоз, а за спречување на сообраќаен метеж, сообраќајот го регилираа полициски службеници на СВР-Битола.

Очекувам во јануари банките да почнат активно да пренесуваат дел од средствата до компаниите

Средствата од унгарскиот кредит се обезбедени, процесот е во финална фаза и веќе во јануари ќе можеме тоа да го постигнеме, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Средствата од унгарскиот кредит се обезбедени, процесот е во финална фаза и веќе во јануари ќе можеме тоа да го постигнеме, изјави премиерот Христијан Мицкоски, прашан дали се потпишани договорите со банките за унгарскиот кредит и кога компаниите ќе може да аплицираат.

Мицкоски нагласи дека, иако дел од банките и сега ги промовираат, очекува веќе по Новогодишните празници банките да почнат активно да пренесуваат дел од средствата до компаниите кои што ќе ги користат.

- Што се однесува до капацитетот дали ќе се исцрпат, не знам. Јас сакам да има многу бизнис идеи, но тоа зависи од претприемачите, од економијата и не зависи од Владата. Ние сме тука да го помагаме и да бидеме нивен партнер и да го поддржуваме работењето, изјави Мицкоски.

Одговарајќи на новинарски прашања по ставање камен темелник за изградба на трговски центар во општина Гевгелија, Мицкоски рече дека средствата од Унгарскиот креди ќе може да се користат и за ваков тип на инвестиции, но до границата од 10 милиони евра.

За тоа дали е можно ако остане дел од средствата од овој кредит да бидат наменети за АД ЕСМ, со оглед дека земаат кредити со повиоски камати, Мицкоски рече дека „начинот и земањето на кредитите имаат друга цел и намена“.

-Како Влада, наша цел е сето тоа да се консолидира и предвреме да биде отплатено, така што да немаме големи трансфери на средства за повисоки камати. Мислам дека веќе во 2026 година, според планот, кој што го разработивме со раководството на АД ЕСМ, веќе ќе можеме да зборуваме за компанија која што од 200 милиони евра во минус, ќе дојде на позитивна нула, изјави Мицкоски.

Мицкоски, уште еднаш посочи, дека целта е годинава да биде забележана бројка на инвестиции од една милијарда евра, со што, како што нагласи, ќе бидеме во првите три по глава на жител кога станува збор за странски инвестиции.

Кинеска компанија ќе бара итно објаснување од Албанија по одлуката за затворање на Тик Ток

Кинеската интернет компанија БајтДенс, во чија сопственост е Тик Ток ќе побара „итно појаснување од албанската влада“ во врска со одлуката за затворање на платформата на една година во Албанија, објавија албанските медиуми.

Кинеската компанија наведува дека не нашла докази дека сторителот или жртвата на тепачката пред училиштето „Фан Ноли“ во Тирана, имал сметки на оваа платформата и дека бројните извештаи потврдиле дека видеата кои довеле до оваа трагедија биле објавени на друга платформа.

Според одлуката што ја објави вчера премиерот Еди Рама, во 2025 година платформата Тик Ток нема да биде достапна на територијата на Албанија на која било возраст, како дел од планот за зголемување на безбедноста во училиштата.

-Одлуката е донесена по едномесечните консултации меѓу претставниците на образованието и родителите, по убиството со нож на 14-годишниот Мартин Цани, ученик во училиштето „Фан Ноли“, за време на конфликт со друг ученик од истото училиште, што се случи на 18 ноември 2024 година. На одлука и претходеа 1.300 средби на кои присуствуваа 65 илјади родители. Во Република Албанија повеќе нема да има Тик Ток, рече Рама.

На средбите Платформата е обвинета за поттикнување насилство и малтретирање, особено меѓу децата а албанските експерти оценуваат дека токму децата ја сочинуваат најголемата група корисници на Тик Ток во земјата.

Албанија е прва земја во регионот која го блокира Тик Ток.

притисни ентер