Скопје за прв пат домаќин на Конвенцијата на Европската атлетска асоцијација

Претседателката на Атлетската федерација на Македонија (АФМ), Александра Војнеска-Зикова како историски момент за овој спорт во нашата држава ја оцени организацијата Конвенцијата на Европската атлетска асоцијација.

Скопје од 24 до 26 октомври ќе биде домаќин на Конвенцијата на која присуство најавија 49 претставници на европски федерации, како и на изборот на најдобар спортист на Европа во атлетскиот спорт – „Golden Tracks 2024“.

- Сето она што ние како федерација го работиме во структурите на Европската федерација беше препознаено, најпрво преку организацијата на Европскиот куп трета лига 2019, потоа со нашето имплементирање во структурите во советот и телата на самата асоцијација допринесуваме и се трудиме активно да ја промовираме нашата држава, да го издигнеме нивото на атлетиката а со тоа и на спортот. За нас ова организација на Конвенцијата претставува историски момент. Верувам дека со поддршката што ја добивме од Министерството за спорт и Европската атлетска асоцијација целиот овој настан ќе помине во најдобар ред, истакна Војнеска-Зикова на денешната прес-конференција.

Министерот за спорт, Борко Ристовски

- Да се добие ваква организација воопшто не е лесно. Ова е голем плус. Ние како Министерство за спорт секогаш ќе стоиме зад вакви проекти. За нас е важно да ја претставиме Македонија на едно високо ниво. Верувам дека Атлетската федерација ќе биде одличен домаќин на настанот. Спортската дипломатија игра клучна улога во зајакнувањето на меѓународните врски и соработка, не само во спортот, туку и пошироко, изјави Ристовски.

Претседателот на Европската атлетска асоцијација Добромир Карамаринов рече дека Конвенцијата во Скопје се одржува во време кога атлетиката има високо ниво на популарност. Тој се надева дека настанот ќе помине во најдобар ред, а доказ дека атлетските федерациите во Европа не се делат на мали и големи е токму доделувањето на организацијата на АФМ.

Специјален гостин на Конвенцијата во Скопје ќе биде Лорд Себастијан Коу, претседател на Светската Атлетска Асоцијација и поранешен член на британскиот парламент, носител на олимписки, светски и европски златни медали, член на бордот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), а од пред една недела и официјално еден од кандидатите за нов претседател на ИОК на претстојните избори во март наредната година.

Празничен викенд во Ѓорче Петров – магија, радост и заедништво

Празничната атмосфера оваа година започна токму од општина Ѓорче Петров, носејќи радост, среќа и заедништво за сите генерации. 

Викендот беше исполнет со низа активности кои внесоа празничен дух во секој агол на нашата општина.

Во саботата, караванот „Зимска Бајка“ донесе магична празнична атмосфера во паркот на Ѓорче Петров. Најмладите преку детскиот музички фестивал „Соната“, кој оваа година одбележува значаен јубилеј – 15 години постоење, ги развеселија нашите најмлади жители. Под раководство на Александар Китевски и Розета Дулевска, фестивалот останува симбол на детскиот талент и љубовта кон музиката.

На дечињата во реонскиот парк им беа поделени новогодишни пакетчиња, се сликаа бесплатно со Дедо Мраз, а уживаа и во дружењето со веселите маскоти. Вечерта ја збогати настапот на детскиот хор „Поточиња“.

Музиката од изведувачите ДНК, Огнен Здравковски, Лина Пејовска и Андријана Јаневска ја задржаа весела и празнична енергијата во текот на целиот настан.

Во фокусот на празничниот викенд беа и постарите жители на општината. На сопствена иницијатива, берберите од нашето Ѓорче во неделата организираа бесплатна акција за шишање на пензионери и лица од ранливи категории.

Градоначалникот Александар Стојкоски изрази огромна благодарност до сите кои придонесоа за реализацијата на овој празничен викенд, со посебен акцент на хуманите сограѓани: Мики, Пеко, Нено, Боки, Даме, Спасе, Брицо Малеш, Љупчо и Аце Пекар, кои со својата посветеност покажаа што значи вистинска грижа за заедницата.

Во рамки на подготовките за Бадниковите поворки 2025, беа одржани и детски работилници кои прераснаа во вистинска лекција за љубов, вера и заедништво. Секоја активност, секоја изработена декорација и секој детски глас ја раскажуваше приказната за вредностите кои се негуваат уште од најмала возраст.

„Овие празнични денови покажуваат колку можеме кога сме обединети. Нашето Ѓорче Петров блеска со магијата на заедништвото, љубовта и искрените насмевки на сите генерации. Благодарен сум на секој поединец што придонесе да ја создадеме оваа прекрасна празнична приказна. Ве поканувам и во наредните денови да ја посетите нашата новогодишна елка која блесна во реонскиот парк и да ја споделите празничната магија со вашите најблиски,“ изјави градоначалникот Александар Стојкоски.

Општина Ѓорче Петров уште еднаш покажа дека празниците се многу повеќе од декорации и светилки – тие се моменти на поврзување, искрени насмевки и создавање спомени кои траат.

Божиќна честитка на Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх Киро Стојанов

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх Киро Стојанов упати честитка до граѓаните со католичка вероисповед по повод претстојниот празник Божик.

- Овие денови голема е радоста во срцата на христијаните токму поради празникот Рождество на нашиот Господ Исус Христос – Божиќ, со кој Бог стана човек и влезе во човечката историја за да го помири човекот со Бога. Затоа Божиќ е надеж за човештвото. Сигурен сум дека сите сакаме да се помириме со Бога и да црпиме благодати од заедништвото со Него. Но не е доволно да се помириме само со Бога, туку и со ближниот. Впрочем тоа е повикот на празникот Рождество Христово – Божиќ, тоа е повикот на Јубилејната година, која ја започнуваме, не случајно на Бадник, со отворањето на Светата врата во базиликата Свети Петар во Ватикан.

А смислата на Јубилејната година е да продолжи во текот на целата година помирувањето на човекот со Бога и ближниот. И уште еднаш само потврдуваме, како Бог преку Црквата излева благодат врз благодат на човештвото, кое е тешко рането и крвави од војни, сиромаштво, глад, нерамномерна распределба на богатствата и ресурсите. И токму тоа му е потребно, односно помирување.

А со помирувањето можеме во нас да ја искусиме вистинската Божја радост, но затоа е потребно да навлеземе во суштината на таинството на Божиќ и смислата на Јубилејната година. Тогаш ќе можеме да ја откриеме и надежта која нема да нè изневери за да можеме да бидеме ходочесници на надежта во овој свет, надеж за сите оние кои минуваат низ одредени тешки животни ситуации. Да бидеме знаци на надежта за целото општество, богатите земји да ги отпишат долговите на сиромашните, да се отстранат причините за неправдите и да се нахранат гладните. Да бидеме знаци на надежта за единство на Црквата и славењето на празниците на ист датум да не биде случајност, туку исполнување на Божјата волја: Да бидеме едно!

Радоста и простувањето се неразделни – само кога ќе простиме, ќе ја почувствуваме вистинската слобода, радост и надеж, кои Христос со своето раѓање ги донесе во светот.

Посакувам овој Божиќ и Јубилејната година да ни донесат изобилен Божји благослов и надеж во иднината, имајќи ја сигурноста дека за нас Бог стана човек и е со нас – Емануел. Христовото раѓање нека ни донесе мир и благослов во нашите домови и во нашите семејства!

Честит празник Рождество Христово – Божиќ. Христос се роди-Славете Го!

+Киро

Скопски бискуп и Струмичко-скопски епарх

Мбапе: Адаптацијата заврши, почнав подобро да ги разбирам другите

Фудбалерот на Реал Мадрид, Килијан Мбапе се осврна на победата над Севиља (4:2) во 18. коло од Ла Лига. Французинот постигна гол и асистенција.

- Реал играше многу добро, многу се подобривме во последните неколку месеци. Чувствувам дека навивачите беа воодушевени по натпреварот, како и ние. Многу работи се променија во тимот од моето доаѓање. Но, како што рече тренерот, адаптацијата е завршена. Се чувствувам одлично, почнав подобро да ги разбирам другите, изјави Французинот за „As“.

Реал Мадрид има 40 бодови и се наоѓа на второто место на табелата во Ла Лига./МИА

притисни ентер