Д-р. Рос Пери објаснува кои промени ќе ги забележите по само една недела без алкохол, тој ги истакнува промените поврзани со прехранбените навики и промени во нивото на енергијата. По еден месец апстиненција, сонот целосно ќе се регулира, а кожата ќе ви се исчисти.
Д-р Пери нагласува дека прекумерното консумирање алкохол може да има сериозни последици, како што се зголемен ризик од заболување на црниот дроб, висок крвен притисок, мозочен удар, одредени видови на рак и срцеви заболувања. Покрај тоа, често доведува до незгоди, проблеми со меморијата, труење со алкохол и акумулација на алкохол во крвта што влијае на виталните органи.
„Еден повремен алкохолен пијалок нема да предизвика големи проблеми, но кога секојдневното консумирање ќе стане правило, долгорочно може да доведе до сериозни здравствени ризици“, посочува тој.
Што се случува кога ќе престанеме да пиеме алкохол?
Првата недела
Веќе по неколку дена без алкохол, телото почнува да се детоксицира. Главоболките и мамурлакот ќе исчезнат, и генерално ќе се чувствувате посвежо. Сепак, потребни се до 72 часа за ментално и физички целосно да се вратите во нормала.
Вашиот сон ќе стане подобар бидејќи организмот се регулира. Иако алкохолот може да ви помогне да заспиете побрзо, тој ја нарушува клучната РЕМ фаза на спиење, предизвикувајќи само една или две РЕМ фази во текот на ноќта, наместо препорачаните шест до седум.
Ќе забележите и промени во вашите навики во исхраната. Алкохолот го зголемува нивото на хормонот што го зголемува апетитот, поради што често посегнуваме по нездрави грицки. Без алкохол, ќе избирате поквалитетна храна и ќе внесувате помалку калории - ако, на пример, секоја вечер пиете чаша вино, во текот на една недела ќе внесувате околу 960 калории помалку. Исто така, стомакот ќе ви изгледа порамно, а чувството на надуеност ќе се намали.
Втора недела
За две недели, сонот дополнително ќе се подобри, а замената на алкохолот со вода ќе направи чуда за вашата кожа - ќе изгледа почисто, помалку суво, а фините линии ќе се намалат. Во овој период, исто така, најверојатно ќе забележите намалување на телесната тежина, намалување на темните кругови и помалку надуеност.
Трета недела
Во третата недела крвниот притисок почнува да се намалува, што е важно во превенирањето на долгорочни здравствени проблеми. Ќе забележите значително подобрување на вашите когнитивни способности и нивото на енергија.
Четврта недела
По еден месец без алкохол, кожата и очите ќе ви изгледаат посвежо и побистро. Кожата која можеби била сува и иритирана сега ќе изгледа хидрирано и здраво. Црниот дроб ќе ги намали мастите за дури 15 проценти, со што ќе се зголемува неговата способност да ги отстранува токсините. Ако некое лице целосно престане да пие, можно е целосно да се ослободи од поблагите заболувања на црниот дроб, како што е замастен црн дроб.
На крајот на четвртата недела сонот целосно ќе ви се регулира, ќе се чувствувате одморени, ќе имате повеќе енергија и веројатно ќе ослабете. Продуктивноста и расположението ќе бидат значително подобрени.