Силен тајфун пустоши низ Филипините- нема струја, училиштата се затворени...(ВИДЕО)

Тајфунот Тораџи го погоди северниот дел на Филипините, предизвикувајќи поплави и прекин на електричната енергија, пред да ослабне на ниво на тропска бура и да продолжи кон Јужното Кинеско Море, соопштија денеска филипинските власти.

Властите ги расчистуваат патиштата блокирани од паднатите дрвја, столбовите за струја и малите одрони предизвикани од Тораџи, за да овозможат премин на пакети со храна и друга владина помош и да ги спасат заглавените, пренесува Би-Би-Си.

Контингентите за одговор при катастрофи, вклучувајќи ги воените трупи, полицијата и крајбрежната стража, се обидуваат да одговорат на последиците од последователните тајфуни и бури.

Во северната провинција Кагајан, каде што претседателот Фернандо Маркос пред два дена го забележа обемот на штетите од претходниот тајфун, властите соопштија дека силните ветрови и обилните дождови зафатија 25 села и шест градови.

Најмалку 22 моста се непроодни поради поплавите, а 13 градови и главниот град на провинцијата Тугегарао пријавија прекини на електричната енергија.

Училиштата се затворени, а меѓуостровските фериботи и домашните летови се суспендирани во провинциите во или во близина на патеката на тајфунот Тораџи.

Последните два тајфуни и тропската бура пред Тораџи предизвикаа повеќе од 160 смртни случаи, оштетија илјадници домови и обработливо земјиште и погодија повеќе од девет милиони луѓе, вклучително и стотици илјади кои побегнаа во итни засолништа.

Филипините добија помош од САД и други земји од Југоисточна Азија, вклучително Сингапур, Малезија, Индонезија и Брунеи, за транспорт на храна, вода и друга помош во тешко погодените северни провинции.

Тораџи е четвртиот тајфун што го погоди филипинскиот архипелаг оваа година, а земјата се соочува со околу 20 тајфуни и тропски бури годишно.

Мајка ја претворила собата на синот- наркоман во затворска ќелија, ќе биде казнета (ВИДЕО)

Неименувана Тајланѓанка се најде во центарот на вниманието на локалните медиуми откако призна дека направила „затворска ќелија“ во својата куќа, во провинцијата Бурирам, каде го сместила својот син.

Таа тврди дека 42-годишникот е „зависник од коцкање и наркотици“, и дека со текот на времето станал „премногу насилен“. Затоа и дошла на идеја да постави решетки и камери за надзор за да се „заштити себеси и соседството“.

Жената ѝ рекла на полицијата дека „со години се обидувала да го спаси својот син од пороци“, вклучително и рехабилитација во 10 различни установи низ целата земја.

Сепак, како што вели, ништо не помогнало, а со текот на времето „станал сѐ понасилен“, пренесува Oddity Central.

„Мојот сопруг почина, а една од причините е депресијата и стресот предизвикани од проблемите на мојот син. Постојано сум во страв. Ставив решетки во куќата бидејќи се грижев за безбедноста“, рече таа.

На 23 октомври повикала полиција тврдејќи дека „повеќе не може да го контролира својот наследник“. Тој бил однесен во болница, а мајката го искористила моментот да ја претвори собата во „ќелија“.

„Се погрижив да има основни работи, како кревет, бања, интернет конекција. Поставени се камери за следење на неговото однесување 24 часа на ден“.

На крајот на краиштата, бизарниот случај се најде во медиумите, а претставник на полицијата изјави дека жената може да одговара за кршење на човековите права и незаконско затворање.

„Предвидената казна за ваквите дела е затвор од три до 15 години“, соопштено е.

Локалните медиуми, пак, се сомневаат дека жената ќе одговара на суд. Од неа било побарано да ја расклопи ќелијата, а властите „ќе му помогнат на синот да го надмине проблемот со зависноста“.

Драма на Пацификот: Отишле на нуркање, екипажот на бродот ги заборавил во океанот (ВИДЕО)

Необична приказна се случила веднаш до брегот на Хаваите, каде Камила Сторчи и нејзиниот сопруг Рајан наишле на петмина изгубени нуркачи додека пливале во Пацификот.

Во еден момент слушнале „благ крик“ и оддалеку здогледале „пет точки“. Несреќниците пловеле во водата, обидувајќи се да повикаат помош.

„Штом го слушнавме крикот, почнавме да го „скенираме“ хоризонтот и видовме пет мали точки. Се приближивме со чамецот колку што можевме и сфативме дека едно лице повраќа. Покажуваше знаци на хипотермија“, напишала Камила на Инстаграм.

Се испоставило дека тие поминале нешто повеќе од 90 минути во вода, бидејќи екипажот на нивниот брод „по грешка ги изгубил“, пишува Дејли мејл.

„Мојот сопруг се обиде да ги извлече, но не успеа. Веднаш ја алармиравме крајбрежната стража и ги обиколивме додека не дојде хеликоптерот“, објасни таа.

Додека ги чекале спасувачите, очајните нуркачи разговарале со Камила и Рајан, кои се обиделе да ги смират и да ги одржат во „добро расположение“.

„Кога хеликоптерот почна да се спушта, видовме мал брод кој се појави од никаде. Брзо ги собраа и запловија“, тврди жената.

Крајбрежната стража го објавила инцидентот на 6 ноември и изјавиле дека бродот припаѓал на туристичка компанија.

„Веднаш штом била лоцирана групата нуркачи биле информирани и пловилото ги подигнало“, соопштија надлежните.

По драмата во Пацификот се огласи и дотичната компанија.

„Благодарни сме што нуркачите поминаа неповредени. Истражуваме што се случило, за да спречиме вакви инциденти во иднина“, беше речено.

Се додава дека локацијата за нуркање е променета.

„Изјавите на капетанот на бродот и водачот на експедицијата укажуваат дека одлуката е донесена во последен момент, и дека во таа прилика протоколот не бил испочитуван“, соопштуваат од компанијата.

Се очекува во наредните денови да бидат познати сите детали за бизарниот случај на брегот на Хаваите.

Поранешен инспектор е уапсен,во ѕидовите на неговата раскошна вила биле скриени 20 милиони евра

Шпанската полиција го уапси поранешниот полициски функционер, Оскар Санчез Гил, откако во ѕидовите и таваните на неговиот дом биле пронајдени 20 милиони евра.

До неодамна, Санчез бил шеф на одделот за измама и перење пари на националната полиција во Мадрид.

Полицијата ги пронашла парите при рација во неговиот дом во градот Алкала де Енарес, кој се наоѓа на 30 километри источно од Мадрид, објави Гардијан.

Тој бил уапсен минатата недела со уште 15 лица, меѓу кои и неговата партнерка, која исто така е полицајка во Мадрид.

Санчез Гил и неговата партнерка се обвинети за трговија со дрога, перење пари, корупција и членство во криминална организација.

По појавувањето на судот во Мадрид минатата недела, на двајцата им е одреден притвор.

Исто така, во канцеларијата на Санчез Гил се пронајдени еден милион евра, скриени во два заклучени плакари, во банкноти од 50 до 500 евра.

Истрагата е поврзана со заплената на 13 тони кокаин, кој бил запленет минатиот месец во пристаништето Алгесирас на југот на Шпанија.

Кокаинот, кој бил скриен во кутии со банани, пристигнал од Гвајакил, најголемиот град во Еквадор, кој е познат како центар на трговијата со дрога.

Според информациите од истрагата, Санчез Гил бил под сомнеж од неговите колеги, кои го прислушувале неговиот телефон.

Официјални извори рекоа дека тој бил осомничен дека работел за дилери на дрога најмалку пет години и им давал информации за надзорот на контејнерите во шпанските пристаништа, што им овозможило да ја избегнат контролата.

„Таткото на три деца, кој има 40 години и живее во куќа од тули заштитена со метални порти, е осомничен дека најмалку пет години работел за шверцери на дрога“, изјавил извор за медиумите.

Иако не се фалел со своите пари, големите суми пари пронајдени во неговиот дом ја натераа полицијата, цитирана од Ел Мундо, да ја спореди неговата куќа „со онаа што некогаш беше во сопственост на Пабло Ескобар“, озлогласениот колумбиски нарко бос кој беше убиен од полицијата во 1993 година.

Внукот на Ескобар еднаш рекол дека пронашол пластична кеса со пари вредни 18 милиони долари скриена во ѕидот на една од куќите на неговиот вујко.

Дел од парите што Санчез Гил ги собирал во последниве години биле испрани преку купување криптовалути и голема флота приватни возила за изнајмување регистрирани на име на еден од неговите роднини, објави Ел Мундо.

Шпанија е главната влезна точка за дрога во Европа поради нејзините блиски врски со поранешните колонии во Латинска Америка, како што се големите производители на кокаин Колумбија и Перу, и нејзината близина со Мароко, најголемиот производител на канабис.

притисни ентер